Вести

Дронот за генералката на Орце Ѓорѓиевски летал вон правила

Кога пиарот е буквално над системот

Дронот што ги снимаше панорамските кадри од акцијата за чистење на Скопје не бил пријавен за лет во Агенцијата за цивилно воздухопловство, покажуваат јавно достапните податоци на оваа институција.

Правилата налагаат секое летало што лета на македонското небо, претходно да биде регистрирано заедно со неговиот оператор, а летот претходно да биде најавен во системот.

Во други случаи, кога правилата биле прекршувани, Агенцијата за цивилно воздухопловство реагирала со опомени, а МВР повикувало новинари и фотографи на информативен разговор.

Ненајавениот владин фотограф

Снимка од дронот над „Борис Трајковски“ за почетокот на акцијата за чистење | Фото: Фејсбук

На шести ноември вечерта, паркингот пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ наликуваше на импровизирана база за „спасување“ на градот од ѓубре. Фаровите на десетици камиони и ротациите на комуналните возила го осветлуваа просторот. Возилата беа во готовност. Над нив – кружеше дрон.

Првите панорамски кадри од „големата акција за чистење на Скопје“, прв ги објави премиерот Христијан Мицкоски, вечерта на шести ноември, во 20.42 часот, на својата официјална страница на Фејсбук, а следниот ден сподели и видео.

Истиот ден на профилот на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски се појавија и други фотографии – повторно од воздух, со кадри од автобуси на приватните превозници. Во неделата, Ѓорѓиевски пушти видео во кое дрон ги снима багерите како го чистат коритото на Вардар.

Дел од јавноста, на социјалните мрежи ги искоментира овие снимки како пиар-порака. Но, овие фотографии и видеа отворија други прашања – кој го леташе дронот со чии снимки се пофалија и премиерот и скопскиот градоначалник и дали летот бил најавен, како што налагаат прописите.

За да се направат снимки од воздух има строги правила. Операторот на леталото мора да полага испит, а леталото да биде регистрирано во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Секој лет треба претходно да се најави. Но, вечерта, кога почна акцијата, таков лет нема пријавено, ниту, пак, во следните денови.

Најавата на летот преку порталот за дронови е задолжителна за сите летала.

Во системот за летови, на 6 ноември регистрирани се четири лета над Скопје, но ниту еден не се совпаѓа со времето и локацијата кај „Борис Трајковски.“

На таа локација нема најавено летови ниту на 7 ноември, кога беа објавени фотографиите со приватните автобуси, а ниту на 8 ноември, кога градоначалникот Ѓорѓиевски пушти багери да го чистат Вардар.

Оператор на дрон, кој е регистриран во Агенцијата за цивилно воздухопловство, ни рече дека најавата мора да се направи секогаш за да се „резервира воздушниот простор.“

Двојни аршини за летање над македонското небо

Снимка од дронот над „Борис Трајковски“ за автобусите на приватните превозници| Фото: Фејсбук

Директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојановски ни рече дека вообичаено проверките може да се прават додека летот е во тек – и дека подоцна тоа е речиси невозможно.

„Ние немаме техничка можност да испитаме такво нешто, да следиме или да имаме траги кој летал,“ вели Стојановски.

Освен дозволата за летање, мора да е регистриран и самиот дрон во агенцијата. Со тоа добива регистарска ознака, слично како регистарските таблички на автомобилите. Таа ознака мора да е залепена на секое летало.

Овој случај покажува различен пристап на државата кон регулирањето на летовите со дронови во земјава.

Во март годинава, новинари на Ројтерс и ТВ21 беа задржани во полициска станица затоа што снимале со дрон за време на протестот во Скопје, организиран поради трагичниот пожар во дискотеката „Пулс.“

Во тој случај, Министерството за внатрешни работи тогаш објави дека летот во таа зона бил забранет и дека операторите ја прекршиле регулативата.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, тогаш изјави: „Еднаш треба да почнеме да ги почитуваме законите. Ако постои правило дека летање на дрон треба да се пријави до надлежен орган, тогаш тоа треба да се направи.“

Законот за воздухопловство предвидува прекршочни глоби за секој лет без дозвола. За случајот со владините снимки, институциите засега не најавуваат постапка.