Менче Точи ги поминува последните денови како новинарка во телевизијата 24. По дведецениски стаж пишување за теми од здравството, од следната недела редакцијата ќе ја замени со кабинет во Фондот за здравствено осигурување.
Таму ќе работи како раководител на одделението за коминикација и административна поддршка, и тоа, како што вели самата, „на залезот од кариерата“.
Таа е последниот свеж пример на новинарка што одлучила кариерата да ја продолжи на друго сродно поле со новинарството – односите со јавност.
Одлуката за „трансферот“ не ја донела во миг, туку „согорувала“ подолго време, а пресудни за тоа биле последните месеци.
„Не се наоѓав себе таму каде што работев. Иако во телевизијата бев одлично примена на почеток како уредник, задоволна од платата, од сопствениците, работите се сменија со промената на уредништвото “, вели Точи.
„Едноставно, не знаеја да го искористат мојот потенцијал. Затоа одлучив да ја завршам кариерата подостоинствено, не како репортер со помладите колеги, кои се на почеток на градење кариери“, додава таа.
Вели дека никогаш порано не помислувала дека ќе го напушти новинарството.
„Сметам дека со своето знаење и искуство ќе помогнам во институцијата, а со тоа индиректно и на пациентите и на лекарите, но сега, на поинаков начин“.
Верува дека влијание за разочараноста врз неа имале и други фактори, како што е на пример „бришењето“ на нејзините текстови од медиумските архиви.
„Чашата почна да се прелева со случувањата со порталот НОВА, каде што работев од основањето 9-10 години. Порталот се продаде, а со промената на форматот, сите мои истражувања макотрпно работени, наградувани со највисоки признанија се изгубија“.
И нејзината помлада колешка Христина Беловска, десетина години пишуваше специјализирано – за работата на судиите и правосудството. Известувала и за седници на Уставниот суд.
До декември лани.
Оттогаш микрофонот и камерата ги замени со канцеларија на петтиот кат токму во Уставниот суд, каде што почна да работи како портпарол-советник за односи со јавноста. Таа е првата новинарка што доаѓа на оваа новоотворена работна позиција.
„И можноста и одлуката беа ненадејни, зборувам од аспект на тајмингот. Оттука се појави и предизвикот да направам разлика, промени и да поставам стандарди во поглед на транспарентноста во институција како Уставниот суд“.
Но, освен таа, има и други, еднакво важни причини поради кои одлучила да ја смени професијата.
„Можноста за уреден приватен живот, организиран и со работно време, а секако тука е и факторот егзистенција, кој искрено досега не ми бил приоритет пред она чувство на исполнетост и адреналин кога се известува во живо или се истражува за важни теми за граѓаните, без оглед дали е празник, викенд или време на годишни одмори“.
Катерина-Цаневска Арсовска, која моментно работи во Кабинетот на претседателот, имала долга и бурна новинарска историја.
За новинарството вели оти e професија, која во исто време ѝ правела задоволство поради можноста да истражува системски аномалии, но ѝ предизвикувало и разочарување.
Се присети и на нејзиното искуство: „Чекањето изјава ноќе на минусни температури, стресни вести и известувања од конфликт, бегалската криза, црниот четврток…“
Во МТВ ѝ е папочната врвца со новинарството, таму работела од својата осма година. Сепак, заминала поради нередовна плата, а како самохрана мајка се борела да го зачува професионалниот пристап во новинарската работа.
Оттаму направила нов „трансфер“ во А1. По затворањето на телевизијата, во борбата за гола егзистенција, работела и како портпаролка за фирмата ФИНЕ и на ФОН, па преминала во порталот „А1он“ како новинарка, работела на односи со јавност во Општина Центар, па во Собранието.
„Иако некој ќе ми забележи и ќе каже, види оваа се прави паметна, а јаде административен леб, за мене кажувам, да беше состојбата во новинарството како што треба, ретко кој би го напуштил предизвикот и магијата на новинарството, а најмалку јас, иако изгледа дека прва го напуштив бродот (но никогаш нема да кажам што тоне)“.
Државна „оддишка“
Новинарската професија, за која многумина велат дека е изморена од обиди да застане на здрави нозе, само во последниве две години „изгубила“ десетина новинари.
Нив ги „добила“ државата.
Па така, само минатата година неколкумина „се збогуваа со перото“ и почнаа да работат во државни институции или општини. Новинарот Љубиша Арсиќ стана портпарол на Судскиот совет. Поранешните новинари во Алфа, Ненад Мирчевски и Матеја Петровски станаа гласноговорници на Општина Карпош и Град Скопје.
Иако вакви премини имало отсекогаш, статистиката на БИРН покажа дека по 2017 година, динамиката на новинарски трансфери почнува да расте. Новинарите претежно заминуваат во министерства, општини, јавни претпријатија… Помалку одат во приватниот сектор.
Кога станува збор за државната работа, некои работни позиции, по непишано правило, речиси редовно ги добиваат новинари: Миле Бошњаковски, Сашо Чолаковски, Муамет Хоџа, Душко Арсовски…
Арсовски, кој работеше како новинар во МТВ, вели дека во понудата да работи во Владата видел „нов професионален предизвик“.
Портпаролското столче му било понудено токму во време кога бил на крстосница дали воопшто да продолжи да се занимава со новинарство.
„Познавајќи го мојот карактер, многумина пријатели и колеги беа изненадени од одлуката, но објаснувањето беше едно – за состојбите што не ни се допаѓаат, не е доволно само да бидеме гласни на социјалните мрежи“.
Признава дека и по речиси година и пол како портпарол, сè уште вежба „како да не размислува новинарски“.
На прашањето колку се сменило неговото видување за новинарската професија во Македонија, вели „Сега имам поголем увид во капацитетот на медиумите и во квалитетот на редакциите“.
Но, не е единствено државата попривлечен понудувач на подобри работни места од медиумите. Новинари има и во политичките партии.
Па така, портпароли на двете најголеми политички партии во земјава, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се поранешни новинари, Наум Стоилковски и Богданка Кузеска.
Други поранешни новинари, како Роберт Поповски и Зоран Димитровски, пак, влегоа директно во извршната власт.
Некои и во парламентот, како Сафет Бишевац и Мухамед Зекири.
Други како Борјан Јовановски и Зоран Иванов во минатото беа портпароли на претседателите на државата, но се вратија и сè уште се активни во професијата.
Ваков сличен тазе пример е и новинарот Александар Видиновски. Четиринаесет години работел како новинар кога стана портпарол на Министерството за правда, додека со овој ресор раководеше Бојан Маричиќ.
Но, таа „турнеја“ траела само една и пол година.
Буквално „од вчера“, повторно се врати во телевизијата Канал 5. Вели дека не бил незадоволен од претходната работна позиција како новинар.
„Пресуден беше предизвикот да се обидам да давам квалитетни одговори во интерес на јавноста, како што велат да се види како е да си на ‘другата страна’“.
Не одговори конкретно зошто одлучил повторно да му се врати на новинарството, но рече дека во моментов не размислува за повторен ангажман како портпарол.
За БИРН раскажа дека е посветен на старо-новата работа во телевизијата и на обврските што ги има таму.
Слабо мотивирани и потпросечно платени
Причините зошто новинарите ги зафаќа овој бран на „професионално разочарување“ во основа се лични. Но, согласни се дека стресната работа, немањето фиксно работно време и ниските плати се главниот проблем, поради кои заминуваат од професијата.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Павле Беловски вели дека бројките ги потврдуваат овие тенденции.
Повеќе од половина од новинарите и од медиумските работници се изјасниле дека размислуваат да ја напуштат професијата, а огромен дел од нив добиваат потпросечни плати. Ова за нивно истражување го изјавиле 73 проценти од испитаниците.
„Социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници е незавидна, иако вршат работа од јавен интерес, која често им носи многу стрес и непријатни ситуации“, а добриот новинарски кадар, како што вели Беловски, најчесто завршува во државните институции.
„Одговорот се крие во понудата од државниот/јавниот сектор, односно во тенденцијата државните институции да анимираат сѐ повеќе новинари и медиумски работници со плати повисоки од професијата“.
„Императив на новинарите априори е економската стабилност, почитување на работничките права во делот на надоместоци и законски загарантираниот напредок на работното место, својства што често отсуствуваат во приватниот сектор, во медиумската индустрија“, вели Беловски.
Директорот на Здружението на новинарите во Македонија, Драган Секуловски смета дека професионалните новинари се атрактивни и за фирмите и за државата бидејќи може многу да придонесат во транспарентноста.
За сметка на тоа, вели тој, новинарството во Македонија полека почнува да кубури со добар кадар.
„Тешко е да се најде помлад новинар што е обучен и подготвен да работи напредно новинарство. Во ЗНМ, минатата година неколку медиуми се обратија со барање за сугестија за млади новинари што имаат неколкугодишно искуство, но бараат работа“.
Секуловски кажа и дека во напредните демократии, граѓаните се тие што го помагаат критичкото новинарство преку претплата на квалитетна содржина, нешто што кај нас не е ниту во зародиш.
За задржување на новинарите во професијата, сепак, први одговорни се медиумите.
„Има примери каде што менаџментот се труди да обезбеди пристојни услови за работа за новинарите и има грижа за нивните потреби. Но, тоа се многу малку, а оваа специфика е само во услови каде што овие газди го имаат медиумскиот бизнис како примарен“.
Но, во другите случаи, посебно со примерот на големите телевизии, газдите имаат сосема други бизниси, а телевизиите имаат друга улога.
„Имало примери кога овие медиуми биле злоупотребувани од сопствениците за ширење пропаганда, а како надомест за тоа добивале милионски суми јавни пари за владини кампањи или, пак, за пресметка со конкуренцијата на пазарот“.
Во такви случаи, вели Секуловски „новинарите и нивниот интегритет биле колатерална штета“.