Сознанието дека многу девојчиња во Арачиново не одат на училиште за време на менструалниот циклус бидејќи немаат пари за влошки, било поразително за Наташа Доковска, основачка на организацијата „Новинари за човекови права“. До информацијата дошла сосема случајно, кога при посета на селото наишла на баба и нејзините внуки, кои седеле дома во време кога децата треба да бидат на училиште.
„Нема како (да одат), имаат добиено“, бил одговорот од бабата, кој ја стаписал Доковска.
Во семејството работела само мајката, па за неа морало да се купат менструални влошки. За девојчињата едноставно немало пари, па решението било секој месец, по неколку дена да седат дома, во текот на менструалниот циклус.
Разговорот со еднo од нив извадил уште пострашни сознанија. Девојчето ѝ набројало имиња на многу нејзини другарки што се соочувале со истиот проблем, во селото сместено на само десетина километри од главниот град.
Отсуство од училиште поради отсуство на влошки
Истражувањата за менструалната сиромаштија, направени по случката, меѓу кои и тоа на „Новинари за човекови права“, покажаа дека скопско Арачиново не е изолиран случај. Напротив, додека државата замижува пред овој проблем, менструалните производи се луксуз за многу жени и девојчиња ширум земјава, а последицата од тоа се изгубени часови на училиште, отсуства од работа, но и сериозни ризици за женското здравје.
Анализата на БИРН покажа дека, иако проблемот е децениски, отсуствуваат системски решенија. Мерките, пак, што може да го ублажат, или стојат само на хартија, или се задоцнети.
Едно од постарите истражувања на Доковска, уште во 2018 година покажа дека 15 отсто од жените во земјава користат весници за време на менструалниот период, а менструалната хигиена е причина, 90 отсто од ученичките во руралните средини да не одат на училиште.
Студијата за менструална правда на „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“, направена две години подоцна, во 2020 година, утврди дека половина од жените повеќепати се нашле во ситуација да импровизираат за време на циклусот, бидејќи немале пари.
Не е многу поразлично и сега. Последното, сè уште необјавено истражување на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), покажува дека речиси третина од средношколките отсуствуваат од училиште за време на менструалниот период. Причините за тоа се различни, но речиси 18 отсто ги посочиле несоодветните санитарни услови, а над 2 отсто тоа што немале санитарни влошки. Уште 8 отсто не оделе на училиште од страв да не ја извалкаат облеката или да не бидат исмејувани.
Анкетата била спроведена на 1.601 средношколка од осум општини, меѓу 2021 и 2023 година. Таа го потврди и фактот дека речиси сите средношколки, кога имаат менструација користат влошки. Поради лошите тоалети во училиштата, користењето други производи, како менструални чашки или тампони, е практично невозможно.
Промашени надлежности за бесплатни влошки во училиштата
„Како може да дозволите да се гласаат вакви глупости“, била реакцијата на многу од советниците во Град Скопје, кога пред нешто повеќе од две години, се изгласа амандман со кој беа издвоени 30.000 евра од градскиот буџет, за набавка на бесплатни влошки за средношколките од главниот град.
Предлагачката на амандманот, Теодора Крстевска-Радончиќ, тогаш за првпат седнала на советничкото столче, па запрепастена од истражувањата за менструалната сиромаштија, се обидела да направи промена.
Обидот ѝ бил залуден. Цела 2022 година, градската администрација го кочела проектот, со оправдување дека работат на стратегии како да се делат влошките во средните училишта, но и со забелешки дека ова се малку пари.
Затоа во буџетот за 2023 година, биле обезбедени двојно повеќе пари – 60.000 евра. Овојпат амандманот бил изгласан полесно, но исто како и годината претходно, изостанала поддршката од оние што требало да го спроведат.
„Кога се исклучија камерите, градоначалничката рече `Џабе ви е, колку и да го гласате амандманот, сè додека сум јас тука, ова нема да се спроведе`. Во тој момент застана работата“, се потсетува советничката.
Она што го изгласаа советниците, требаше да го спроведе градската администрација. Оттаму, освен некакви првични консултации, целосно потфрлија во исполнување на проектот. На прашањата на БИРН, што се случи со обезбедените пари, и воопшто со мерката, од кабинетот на скопската градоначалничка молчат.
Одговор на овие прашања не добивме ниту од службеникот за млади во главниот град, именуван за да ги адресира младинските прашања, ниту, пак, од Секторот за образование, како одговорни да ја спроведат мерката.
Ако парите не се потрошат во годината кога е изгласан амандманот, остануваат на сметка, но мерката следната година престанува да важи. За оваа година, советниците одлучија да не поднесат нов амандман.
Шкотска е првата земја што обезбеди бесплатни менструални производи во училиштата во 2020 година.
Слична мерка, но во многу поголем обем, беше усвоена кон крајот на минатата година, во новата Национална стратегија за млади 2023-2027. Според информациите до кои дојде БИРН, и нејзиното остварување е неизвесно.
Со акцискиот план за спроведување на Стратегијата, предвидено е обезбедување производи за менструална хигиена за ученичките во сите основни и средни училишта. За водечка и одговорна институција е назначено Министерството за локална самоуправа.
Почнувајќи од годинава, а најдоцна до крајот на 2025 година, тие треба да ја менаџираат набавката и доставувањето на менструалните производи.
„Грешка сте, ние не сме надлежни“, беше кусиот одговор од Министерството за локална самоуправа, на прашањето до каде е спроведувањето на мерката.
На нашето инсистирање дека одговорноста е, сепак, нивна, посочија само дека немаат подготвено буџетска програма за нејзино спроведување.
Инфлацијата го „изеде“ поевтинувањето на влошките
Уште една мерка, која требаше да ги подобри состојбите, намалувањето на ДДВ-то на менструалните производи од 18 на 5 отсто, не го даде посакуваниот ефект.
Во повеќето скандинавски земји, бесплатните или субвенционирани менструални производи станаа практика во училиштата.
По многу години алармирања и протести од женските здруженија, Собранието лани во септември ги изгласа законските измени што требаше да доведат до поевтинување на влошките.
Но, последната анализа на „Тииииит! Инк.“ покажа дека во повеќето маркети поевтинувањето е минимално, во дел од нив влошките останаа со иста цена како и пред намалувањето на ДДВ-то, а на едно место има поскапување.
„Се случи тоа од кое најмногу се плашевме, а тоа е дека оваа промена остана незабележлива во самите буџети на девојчињата. Иако ДДВ-то се намали, поради инфлацијата, воопшто не го почувствувавме“, објаснува Теодора Милеска од „Период Скопје“, младинска иницијативата што се бори за ставање крај на менструалната стигма и сиромаштија.
За да провериме дали и колкаво е намалувањето, „прошетавме“ низ маркетите. БИРН забележа дека цената на едно пакување од поквалитетните влошки беше 139 денари, намалени од 159. Во флаерот од 2020 година, преку кој се рекламирале овие влошки, цените се идентични. Разликата сега и пред четири години, е нула денари.
Нашата пресметка покажа и дека менструацијата не е евтина работа за едно просечно семејство со мајка и две ќерки. Ако секоја од нив троши од 100 до 400 денари месечно на менструални производи, тоа би значело дека годишно од семејниот буџет се одвојуваат од 3.600 до 14.500 денари, само за влошки.
Ризик по животот за жртвите на менструалната сиромаштија
Во Македонија има 450 илјади жени во репродуктивен период. Кога ќе снема пари за влошки, се прибегнува кон очајни решенија, како хартија, крпи или весници. Сето тоа е документирано во истражувањето на повеќе граѓански здруженија.
Опасностите од тоа се огромни. Докторите од ИЈЗ алармираат дека лошата менструална хигиена може да предизвика сериозни инфекции на репродуктивниот и уринарниот тракт, па дури и компликации при раѓање или неплодност.
Менструалните влошки се штетни ако девојките ги штедат, со тоа што ги оставаат подолго отколку што треба или ги користат повеќепати.
„Недостигот од средства за хигиенско управување со менструацијата може да предизвика непријатност и психолошки стрес и да го зголеми срамењето, а понекогаш да доведе до депресија, што ги доживуваат жените и девојките поради табуата и стигмата поврзани со менструацијата“, велат од ИЈЗ.
Резултатот од сево ова се многу девојчиња, кои секој месец по неколку дена остануваат дома. А, треба да одат на училиште.
Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2023-24 година
Насловна фотографија: Dominika Roseclay, Pexels