Регион

Државен непријател: Како Ќурувија стана мета за отстрел

Соработниците на новинарот се навраќаат на неговата кариера и причините за неговото убиство

Го запознав Славко Ќурувија преку (неговите) текстови“, вели белградскиот новинар, Перица Гуњиќ, колега на Ќурувија, за чие убиство, извршено пред 22 години, денеска се изрекува пресуда пред судот во Белград.

„Кога дојдов во (весникот) Борба во 1990 година, тој беше репоретер и политички аналитичар, и познат по неколкуте свои брошури, од кои едната,  се сеќавам, беше за луѓе од (затворот) Голи Оток“, се сеќава Гуњиќ.

„Славко Ќурувија беше еден од најдобрите новинари на тогашна Борба, стара редакција која вработуваше, колку што се сеќавам, 200 новинари“, вели тој за БИРН.

Ќурувија, роден во 1949 година, беше убиен на 11 април 1999 година, сред бел ден, во центарот на Белград. Вишиот суд во Белград денеска ќе ја изрече пресудата во повторениот судски процес, во кој четири лица се обвинети за учество во ова злосторство.

Во првобитното обвинение не се наведува кој го наредил убиството, туку само се наведува дека Радомир Марковиќ, тогашен шеф на државната безбедност (ДБ) на Србија, го поддржал делото, додека тројца други припадници на оваа служба – Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак – учествувале во организирањето и извршувањето на убиството. Курак беше именуван како директен сторител, а Ромиќ како негов соучесник.

Марковиќ, Радоњиќ и Ромиќ се изјаснија за невини, додека Курак беше во бегство и нему му се судеше во отсуство.

Првостепената пресуда од април 2019 година, отстапува од обвинението во делот кoj се однесува на извршителот на убиството, па наведува дека новинарот бил убиен од „непознат сторител“, а не од Курак.

Воведувањето на терминот „непознат сторител“ е причината поради која Апелацискиот суд во Белград ја укина пресудата и наложи повторно судење.

Ќурувија беше една од неколкуте жртви на политички атентат, за време на владеењето на Слободан Милошевиќ во 90-тите, и втор убиен новинар.

На судењето беше утврдено, како што истакна Гуњиќ, дека пред да биде убиен, службата за безбедност на Милошевиќ, го следела Ќурувија со месеци.

„Не само што беше убиен, туку и го имаше целиот државен апарат на врат една година пред тоа, можеби неколку години пред тоа, знаеме дека го прислушуваа најмалку од октомври (1998), а некои велат и од летото таа година“, истакнува Гуњиќ, денес главен уредник на веб-страницата Цензоловка, која покрива медиумски прашања.

Новинарската храброст на Ќурувија

Слободан Милошевиќ во судница во Хаг. Фото: МКТЈ

Новинарската кариера на Ќурувија започна кон крајот на 80-тите, кога тој му се приклучи на весникот Борба, еден од најистакнатите весници во социјалистичка Југославија. Меѓу другото, тој пишуваше и за лицата кои беа политички прогонувани и затварани од југословенските власти на Голи Оток.

Во годините по смртта на претседателот Јосип Броз Тито во 1980 година, некои новинари ширум Југославија почнаа послободно да пишуваат. Но, кон крајот на 80-тите, со подемот на моќта на Слободан Милошевиќ, повеќето од државните медиуми сѐ повеќе беа под капата на неговиот режим – иако Борба, поради неговата сопственичка структура, имаше малку повеќе простор за маневрирање.

Партнерка на Ќурувија му беше југословенската историчарка, Бранка Прпа. Таа била со него кога го убија. Прпа вели дека Ќурувија како новинар го свртел вниманието на еден од клучните проблеми на југословенскиот систем во периодот по Втората светска војна – „оној ран период на тоталитаризам, кој беше поврзан со Инфобирото, со создавањето на затворот на Голи Оток и со голем број политички затвореници во тоа време“.

„За свртување на вниманието на ваквите проблеми, навистина беше потребна новинарска храброст во тоа време“, вели Прпа за БИРН.

Некаде во 1993 година, Ќурувија стана главен уредник на Борба. Гуњиќ нагласува дека тогаш покажал колку неговите ставови биле напредни, со тоа што побарал од помладите новинари да ја направат „првата рубрика  посветена на поп и рок музиката во дневното новинарство, колку што се сеќавам“.

„Се сеќавам дека во тие времиња, кои беа многу турбулентни и многу трагични, Славко всушност внесуваше не само свежина во тој весник, туку и го оживеа на многу начини, во уредувачка смисла“, вели Гуњиќ.

„Славко беше енергичен човек, во исто време и многу харизматичен и знаеше да ја придобие и собере таа млада новинарска екипа, од која, се разбира, носеше идеи, а и ние од него научивме многу, бидејќи навистина имаше што да не научи“, објаснува тој.

Насилството ескалира, отпорот се засилува

Кога Ќурувија ја напушти Борба во 1994 година, тој заедно со Момчило Ѓорговиќ го основа списанието Телеграф, а две години подоцна и весникот Дневни Телеграф.

Перица Гуњиќ бил во тимот од самиот почеток. Тој објаснува дека весникот имал „нешто што и тогаш се нарекувало таблоиден пристап“.

„Тој беше познат по тие големи наслови, сензационални и ексклузивни“, вели тој. „Но, сите што се сеќаваат на тоа, знаат дека постои драстична разлика помеѓу денешните таблоиди и тоа списание што беше таблоид, и не се сеќавам дека некогаш имало написи за нечиј приватен живот, ниту пак дека беа измислувани скандали“, додава Гуњиќ.

Основан неколку месеци пред избувнувањето на масовните демонстрации против режимот на Милошевиќ, кон крајот на 1996 година поради изборни измами, Дневен Телеграф успеа да достигне голем тираж, дополнително зголемувајќи ја важноста на Ќурувија и неговиот круг на контакти.

„Тој беше првенствено професионалец, кој секако имаше контакти со политичарите, за што често го обвинуваа, особено поради контактот со Мира Марковиќ (сопругата на Слободан Милошевиќ), но сите знаеме дека во тие контакти беше многу отворен и директен, дека пред сѐ беше новинар и професионалец“, наведува Гуњиќ.

Милошевиќ ги преживеа неколкумесечните масовни демонстрации, но следната голема криза во неговото владеење беше кога Ослободителната војска на Косово (ОВК), собра сила за вооружена кампања против српската репресија врз Албанците. Во Косово, во 1997 и почетокот на 1998 година, нападите врз српските полицајци и други насилни инциденти станаа позачестени.

На 5 март 1998 година, специјални сили на српската полиција го нападнаа имотот на семејството Јашари во Преказ, село во општина Србица. Официјално беше наведено оти тие дошле за да го уапсат Адем Јашари, еден од основачите на ОВК, кого властите во Србија го прогласија за терорист.

За време на оваа дводневна вооружена операција, Адем Јашари и 58 членови од неговото семејство беа убиени, а нивната смрт ја зголеми јавната поддршка на косовските Албанци, за вооружена борба на ОВК, со што практично започна војната во Косово.

На 9 март, по објавувањето на извештаите за инцидентот во Преказ, Ќурувија и другите главни уредници, биле повикани во полиција.

Прпа посочува дека Ќурувија во разговор со полицијата „писмено објаснил зошто го употребил терминот „Албанци“ (за семејството Јашари), а не „терористи“, пишувајќи дека жените и децата не можел да ги нарече терористи.

Гуњиќ објаснува дека во тоа време, новинарите кои ја пишувале вистината  за војните во Југославија, а особено за конфликтот во Косово, биле „многу сериозно нападнати“ од режимот на Милошевиќ. Ќурувија не бил единствениот кој пишувал за она што се случувало на Косово, но тоа го правел „на свој, посебен начин“, додава тој.

„Славко знаеше да допре до огромна публика, што очигледно доведе до тоа да го следат, да го прислушуваат и којзнае што друго правеа“, нагласува Гуњиќ.

Имотот конфискуван, публикациите забранети

Славко Ќурувија (во средината, седи) и Александар Тијаниќ (лево), при запленувањето на имотот на редакцијата на Дневни Телеграф во 1998 година. Фото: Цензоловка/Предраг Митиќ.

До крајот на 1998 година, ситуацијата уште повеќе се влоши.

„Пред еден месец бев успешен издавач и сопственик на две влијателни и популарни изданија, дневниот весник, Дневни телеграф, и списанието Европљанин“, изјави Ќурувија пред Хелсиншката комисија на Конгресот на САД во декември.

„Господине претседавач, денеска стојам пред вас како човек чија фирма е уништена, чиј имот на издавачката куќа е конфискуван и чии изданија се забранети од режимот на Слободан Милошевиќ“, додаде тој.

Овој говор Ќурувија го одржа откако српската влада, во есента 1998 година, наметна уредба, а потоа и закон, кои ѝ дозволија да ги забрани весниците, да го конфискува нивниот имот и да ги казни и затвори новинарите. Ова се случуваше во време кога се разгоруваше конфликтот во Косово и кога НАТО почна да се заканува со бомбардирање на Југославија, за да го принуди Милошевиќ да ја прекине репресивната кампања.

На 13 октомври 1998 година, Дневни Телеграф, на својата насловна страница, излезе со наслов: „НАТО го одобри нападот, Милошевиќ го прифаќа планот?“.

Како што објасни Ќурувија во својот говор во САД, „Министерството за информации утврди дека ова директно известување, спаѓа во категоријата на ширење страв и дефетизам“.

На 19 октомври 1998 година, Ќурувија и неговиот колега, Александар Тијаниќ, објавија писмо до Милошевиќ, барајќи од него да се сврти кон сериозни политички промени.

„Ви пишуваме заради одбрана на слободата на медиумите. Меѓутоа, ви пишуваме и поради многу поважна работа. Во Југославија, без прогласување на воена или вонредна состојба, се применуваат и вонредни, и воени мерки“, напишаа тие.

На Милошевиќ му порачаа: „Од почетокот на вашето владеење, ја исцрпивте огромната поддршка од мнозинството Срби“, и дека „беќарски е раскрчмено сѐ што создале Србите во овој век“. Пет дена подоцна, списанието беше казнето со голема парична казна, а набрзо потоа, неговиот имот, вклучително и мебелот, беше запленет.

Бранка Прпа се присетува дека бил претресен и нивниот дом: „Една од работите што се случи тогаш, беше тоа што вечерта во 9 часот, во нашата куќа дојде вооружена полиција, наводно финансиска полиција, со автоматски пушки и забрани сечие влегување и излегување од куќата“.

Во разговор за Би-Би-Си тој месец, Ќурувија изјави дека државата „сака економски да ме уништи“ и да ги замолчи медиумите.

„Мислеа дека ќе престанам да објавувам, но не го сторив тоа. Бидејќи, знаете, ние сме многу радикални критичари на нивната политика овде и одбив да ме контролираат, морам да ви го кажам тоа, и тоа е навистина една од главните причини зошто тие ни го направија тоа што ни го направија“, додаде тој.

Наместо да исчезнат од српскиот пазар, весниците на Ќурувија беа кришум внесувани во земјата, главно од соседна Црна Гора, која тогашните противници на Милошевиќ ја користеа како безбедно засолниште.

Но, Ќурувија не сакаше да ја напушти Србија.

Тој ми рече: „’Не одам никаде’. На тоа му одговорив: ‘Дали си нормален? Ќе те убијат’“, се сеќава Прпа.

„’Па’, рече тој, ‘ако мислат дека можат така да се ослободат од мене, да ме убијат, тогаш нека ме убијат’“, раскажува таа.

До март 1999 година, ситуацијата дополнително се влошила, бидејќи НАТО започна со воздушни напади врз Југославија, а Ќурувија имал и жестока расправија со Мира Марковиќ, сведочеше неговата ќерка, Јелена Ќурувија, на судењето за неговото убиство.

„По нивниот разговор, нивните односи се влошија, бидејќи тој рече дека она што го прават тие (Милошевиќ и Марковиќ) за државата, не е добро и додаде дека за тоа ќе висат на Теразија (централната улица во Белград)“, рече Јелена Ќурувија.

Тогаш провладиниот весник „Политика експрес“ објави напис со наслов „Ќурувија ги дочека бомбите“, сугерирајќи дека тој ги поддржува воздушните напади на НАТО и обвинувајќи го дека е предавник.

Неколку дена подоцна, Ќурувија беше убиен.