Приштина
Билал Авдиу полека оди по тесниот пат низ косовското село Рачак, враќајќи се на местото каде што пред две децении, српските сили го фатил, со намера да го убијат.
Овој, денес 72-годишен човек, наоѓајќи се во толпа луѓе, успеал да ја избегне смртта, кога на 15 јануари 1999 година, српските сили влегле во селото и убиле 44 негови соседи.
„Јас и повеќето мои соседи се собравме на една фарма. Бевме околу 30”, раскажува тој.
„Кога пристигнаа српските сили, нè извадија надвор, нè легнаа на земја и почнаа да нѐ тепаат. Слушнавме некои припадници како по радио-станица велат: ‘Каде да ги убиеме, тука или на ридот?’”, вели Авдиу.
Полицијата потоа им наредила да се искачат на ридот „на кој планирале да ги убијат”. Таму ги чекал одред за егзекуција.
Наутро, на 15 јануари 1999 година, српските безбедносни сили го опколиле, а потоа и го нападнале селото Рачак.
Тие влегле во селото и ги претресувале куќите една по една. Некои локални жители се обиделе да се сокријат, но полицијата ги нашла, ги тепала, а потоа ги убила. Вкупно 44 жители на селото биле убиени.
Србија соопшти дека жртвите биле припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Но, Вилијам Вокер, шеф на верификациската мисија на ОБСЕ во Косово, кој следниот ден го посетил местото на настанот, изјави оти во селото било извршено „злосторство против човештвото” и дека жртвите биле цивили.
Нападот на селото Рачак беше дел од обвинението што пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), беше поднесено против поранешниот српски лидер, Слободан Милошевиќ. Сепак, пресудата на Милошевиќ никогаш не му беше изречена, бидејќи тој почина во притвор во 2006 година.
Озлогласената операција ја водел командантот на српската специјална полиција, Горан Радосављевиќ, наречен Гури.
Радосављевиќ, кој во меѓувреме се пензионира, но е сѐ уште активен член на Главниот одбор на владејачката Српска напредна партија, негираше дека неговите луѓе убиле цивили и тврдеше дека убиените биле терористи.
До неодамна, истрагата за такви воени злосторства беше надвор од јурисдикцијата на локалните обвинители.
МКТЈ, како и две последователни меѓународни мисии во Косово, мисијата на ООН – УНМИК и мисијата на ЕУ – ЕУЛЕКС, беа одговорни за овие истраги.
Дрита Хајдари, специјален обвинител на Косово, потсетува дека настаните во селото Рачак, беа дел од обвинението на Обвинителството на МКТЈ, против пензионираниот српски полковник, Властимир Ѓорѓевиќ. Во 2011 година тој беше осуден на 27 години затвор.
Хајдари за БИРН изјави дека во тек е локална истрага за крвавите настани во Рачак. „Специјалното обвинителство на Косово води истрага за улогата на неколку други лица во овој масакр”, најави таа.
„Добродојдовте терористи!”
Билал Авдиу добро го памети гласот на српските вооружени полицајци.
„Кога отидовме таму (на местото на егзекуцијата), полицајците ни рекоа: ‘Добредојдовте терористи. А сите бевме цивили, многу стари луѓе имаше меѓу нас”, вели Авдиу.
„Беше многу студено, исто како денеска, но со помалку снег”, додаде тој.
Авдиу вели дека кога пукањето започнало, тој паднал на земја, но не знаел дали некој куршум го погодил или не. Тој останал со часови да лежи меѓу мртвите тела.
„Легнав на земја и чекав да ме убијам. Кога пукањето запре, сфатив дека сум смрзнат. Станав по неколку часа. Кога видов дека нема никој, се довлечкав на ридот”, се сеќава тој.
Кога темнината го покрила Рачак, Авдиу видел уште еден преживеан и почнал да разговара со него. „Сакав да му понудам цигара, но тогаш забележав дека на џебовите на јакната имам многу дупки од куршуми”, нагласи тој.
Еден куршум поминал и низ неговиот каиш.
Кога собрал доволно сила, решил да се врати на местото на злосторството и да провери дали има други преживеани лица.
„Кога видов дека сите се мртви, колабирав. Во таа состојба бев сѐ додека не дојде еден сосед и не ме допре”, вели Авдиу.
Веста за настаните во селото Рачак, веќе наредниот ден се раширила по светот.
Шефот на мисијата на ОБСЕ го осуди ужасното злосторство
Кога шефот на верификациската мисија на ООН, американскиот амбасадор, Вилијам Вокер, дошол во селото и го видел ужасот, тој веднаш акцијата ја окарактеризирал како „злосторство против човештвото”.
Неговите зборови предизвикаа лута реакција на Белград. Неколку дена подоцна, властите во Белград го прогласија Вокер за непожелна личност.
Дваесетина години подоцна, Вокер, кој и денес во селото се смета за херој, вели дека често се сеќава на маскарите и оти не би сменил ниту еден збор во својата првична интерпретација.
„Овој инцидент, мојата реакција на него и реакцијата на српските власти, произведоа меѓународно цунами и извештаи за она што се случува во Косово”, изјави Вокер за Гласот на Америка на 12 јануари 2019 година.
„Секој пат кога ќе се соочам со нова информација, проверувам дали мојот прв заклучок бил точен, и денес, 20 години подоцна, јас сум сѐ уште уверен дека оценката што ја дадов беше точна”, вели тој.
„Јас знам зошто на 16 јануари заминав во Рачак. Пристигнав таму само неколку часа по масакрот. Тоа ладно утро видов тела и сфатив што се случило со тие мажи и момчиња. Белградската влада првиот ден излезе со различни верзии … Дури и измислија дека јас сум дошол таму, сум ја сменил облеката на 40-те жртви и сум ја пробил со куршуми. Овие објаснувања беа смешни“, додаде тој.
Првиот човек на селото Рачак, Адем Рамадани, вели дека генерации на мештани ќе страдаат од сеќавање на она што се случило во селото.
„Оваа болка ќе трае неколку генерации, бидејќи таа е директно поврзана со загубата на членовите на семејствата”, вели Рамадани за БИРН. „Во Рачак секој изгуби член на семејството или роднина”, истакнува тој.
Сепак, ужасните настани во Рачак, барем ги зголемија меѓународните напори за изнаоѓање на решение за косовската криза.
Во февруари 1999 година, делегации на Косово и на Србија, започнаа повеќенеделни преговори во замокот Рамбује во Франција.
Разговорите пропаднаа, бидејќи српската делегација не се согласи со условите од договорот.
Бујар Дуголи, предавач по историја на Универзитетот во Приштина, кој бил дел од косовската делегација во Рамбује, вели дека масакрот бил дел од промислената српска политика за „етничко чистење и менување на етничката структура во Косово”.
„Жално е што меѓународната заедница, дури по овој масакр, сериозно го сфати косовското прашање”, нагласува Дугола за БИРН.
Тој истакнува дека е време за правда. „Не постои одржлив мир, без соодветна правда”, вели тој.
„Мисиите на ООН и ЕУ, како и косовските институции, не го направија она што беше потребно, за да се расветли ова и другите злосторства и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата”, додаде тој.
Петок. Ладно е. Бесим Јакупи зема лопата и почнува да го чисти снегот во меморијалниот комплекс во Рачак.
Секој 15 јануари посетители од цело Косово доаѓаат во селото за да ја одбележат годишнината од масакрот.
Јакупи имал 12 години кога настанот се случил. На гробиштата во негова близина се наоѓа и еден негов роднина.
Тој вели оти на Рачак му е потребна правда. „Треба да постои правда за злосторствата против човештвото што се случија во Косово. Досега таа правда не сме ја искусиле“, нагласува Јакупи.