Љубан и Недељко Главочевиќ, последен пат го виделе својот татко Перо жив, пред 27 години.
Семејството Главошевиќ било меѓу жителите на селото Тјешило, лоцирано во централна БиХ, кои, ноќта меѓу 3 и 4 јули 1993 година, бегајќи од своите домови во страв од напад на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), се упатиле кон градот Кисељак, во надеж дека таму ќе бидат безбедни.
„Одевме низ шумата, под планината Маторац, и таму се одмаравме, чекавме зора. Одеднаш татко ми стана и рече: ‘Јас одам напред’. Уште две госпоѓи станаа и тргнаа со него“, се сеќава, Љубан Главошевиќ.
„Му го дадов ранецот во кој имав муниција, а тој ја имаше својата пушка“, додава братот на Љубан, Недељко.
„Продолживме понатаму, мислејќи дека тој е пред нас, но не беше“, вели Љубан.
Тие подоцна дознале дека нивниот татко, кој бил припадник на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) и бил облечен во униформа кога почнале да бегаат од Тјешилo, бил заробен и претепан од припадниците на АБиХ.
„Бидејќи ние (локалните членови на ХВО) имавме ПАМ (противавионски митралез), тие сакаа да ја најдат запалката за него. Митралезот остана, но без запалка не можеа да го користат и затоа го претепаа“, вели Недељко.
„Човекот одговорен за ПАМ, ја зеде запалката со себе и тие го тепаа Перо, за да им каже каде е, но тој за тоа не знаеше“, додава тој.
Кога, Перо Главошевиќ, не се појавил на размена на затворениците меѓу ХВО и АБиХ, неговото семејство сфатило дека тој е убиен.
„Тој беше заклан заедно со Перо Божиќ и беа погребани на планина“, нагласува Љубан. По две и пол години, тие успеале да ги добијат неговите посмртни останки и достоинствено да го погребаат.
Братот на Перо, Драгутин Главошевиќ, вели дека дознал оти неговиот брат и Перо Божиќ, биле принудени да ги ископаат сопствените гробови пред убиството.
Мијо Божиќ, роднина на Перо Божиќ, вели дека за неговото убиство тој дознал по војната.
Тој нагласува дека Перо Божиќ не бил припадник ниту на една војска, бидејќи не можел да ги поднесе промените што настанале кога започнала војната.
„Не можеше да се помири со тоа, можеби затоа и го изгуби животот, бидејќи тој едноставно беше убеден дека патот по кој одевме пред војната и начинот на кој живеевме пред војната, се вистинскиот пат“, вели, Мијо Божиќ.
„Многу сведоци починаа“
Семејствата Главочевиќ и Божиќ, за БИРН потенцираат дека повеќепати се обраќале до Кантоналното обвинителство во Травник, како и до Обвинителството на Босна и Херцеговина, барајќи случајот да се реши, бидејќи сведоците на злосторството стареат и умираат.
Борис Грубешиќ, портпарол на Обвинителството на БиХ, вели дека се работи на овој случај.
„Дадени се упатства до надлежните полициски агенции да извршат одредени контроли и се работи на случајот“, нагласи Грубешиќ.
Првата кривична пријава против лице, кое се сметало за сторител на злосторството, е поднесена во ноември 1994 година, пред тогашното обвинителство во градот Витез, а една година подоцна, поднесена е уште една, информира, Звонимир Видовиќ, од Канцеларијата за пружање на правна помош на популацијата бранители, при Главниот совет на Хрватското национално собрание на Босна и Херцеговина.
Во 1996 година, до Вишиот суд во Травник, доставено е барање за истрага против четворица поранешни припадници на АБиХ, заради спроведување на „идејата за етнички чиста Фојница“, мало гратче во близина на селото од кое жртвите бегале.
Сепак, според Видовиќ, во врска со предметот за убиствата на Главошевиќ и Божиќ, до 1999 година, ништо не е направено.
„Таа година, случајот беше заведен во Кантоналното обвинителство на Травник, и дури по повеќе од десет години, предметот беше … доставен до Обвинителството на БиХ“, нагласува тој.
Како што додава, неговата канцеларија испратила четири дописа во врска со овој случај до Обвинителството на БиХ, но одговорот секогаш бил ист: „Случајот е во фаза на истрага“.
Љубан Главочевиќ вели дека истражните органи „купуваат време, за да ја прикријат вистината“.
„Многу сведоци починаа, времето едноставно изеде многу“, истакнува тој.
Објаснува дека судењето за убиството на неговиот татко, по сите овие години, би му донело барем мир на неговото семејство.
„Секогаш се прашувате, зошто се случи тоа. Тој беше заробен, беше војна, но не мораше да биде убиен“, вели Љубан.