Малку е познато дека дел од фасадните материјали за проектот „Скопје 2014“ пред десетина години биле набавувани од Анталија, Турција, од индустриската зона Алтинова Дуден Махалеси.
Тие материјали во Македонија ги увезувала фирмата на бизнисменот Мартин Клинчаров. Тој е сопруг на Гордана Клинчарова, актуелната државна секретарка во Министерството за дигитална трансформација.
Неговото име беше актуелно во март годинава, кога опозицискиот СДСМ излезе со обвинувања за судир на интереси откако фирмата на Клинчаров доби договори за компјутерска опрема од Министерството каде што работи неговата сопруга. Антикорупциската комисија отвори предмет, но случајот не предизвика посебен интерес во јавноста.

Министерот Андоновски и државната секретарка Клинчарова | Фото: Министерство за дигитална трансформација
Неколку месеци подоцна, релативно нова подружница на турска фирма добива милионски тендер од Министерството за дигитализација. Тоа не би било невообичаено, доколку при проверката на фирмите и поврзаните лица, повторно не испливува презимето Клинчаров.
БИРН пронајде повеќе коинциденции, кои фрлаат сенка врз врските во Македонија на избраната фирма.
Па така, на истата адреса во Анталија се регистрирани турската фирма што ќе го обезбеди софтверот, но и турскиот бизнис-партнер на Клинчаров. Во двете фирми се јавува ист турски државјанин на различни позиции.
Клинчаров и управителот на македонската подружница што го доби тендерот порано имале заедничка фирма, која повеќе не е активна.
Некои од овие совпаѓања, Клинчаров ги припишува на коинциденции, а информациите за поврзаност ги нарекува тенденциозни. Министерот Стефан Андоновски, пак, вели дека тендерот е законски, а прашањата на БИРН за поврзаноста ги нарече шпекулации и полуинформации.
Исти луѓе – исти адреси

Врски на клучните „играчи“ | Илустрација: БИРН
Гордана Клинчарова, повеќе од две децении е на високи позиции кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Од раководител на Кабинетот на министерот за финансии, Никола Груевски во 2001 година, до директорка на Бирото за стокови резерви, секретар на Градот Скопје додека се градеше проектот „Скопје 2014“, претседателка на Агенцијата за електронски комуникации, раководителка на финансии во Општина Аеродром, до најновата функција од лани – државна секретарка во Министерството за дигитална трансформација.
Според нејзината биографија, таа е и обучувач за јавни набавки.

Мартин Клинчаров | Фото: Фејсбук
Нејзиниот сопруг Мартин, пак, кој е поранешен ракометар, има приватна фирма „Матео-дизајн“ за изработка и увоз на декоративни архитектонски елементи, која, според податоците од Системот за јавни набавки, не добивала државни тендери.
Сѐ до лани, кога фирмата доби договори, но не за фасади, туку за компјутерска опрема во истото Министерство каде што работи и неговата сопруга.
Ова го објави СДСМ, со обвинувања за судир на интереси, затоа што фирмата на Клинчаров „Матео-дизајн“, од Министерството за дигитална трансформација добила две набавки за компјутерска опрема.
Министерот Андоновски, тогаш во одбрана на Клинчарова, говореше дека таа не била вклучена во ниту една тендерска постапка.
Во Антикорупциската комисија, овој случај сѐ уште е отворен.
Додека ДКСК одлучува, Министерството со кое раководи Андоновски потпиша друг договор со неодамна отворена фирма, во чиј периметар повторно се појавува Клинчаров.
Станува збор за тендер за системот за управување со документи, кој во изминативе недели, министерот Андоновски во повеќе телевизиски гостувања го промовира како клучен за побрза и поефикасна администрација и намалена бирократија.
Првиот тендер за овој систем беше распишан во декември 2023 година, но до мај годинава, петпати тендерите биле поништувани поради различни недостатоци.
Во јули, овој тендер го доби новоотворената фирма „Нома систем солушнс“, како единствен понудувач, заедно со хрватската „Инфиго ИС“.
Поранешни бизнис-партнери

Од декември 2023 до мај годинава, тендерите биле петпати поништувани | Фото: БИРН
Истражувањето на БИРН покажува дека „Нома систем солушнс“ во Македонија е формирана во септември 2024 под името „Нома“ за производство на хемиски производи, како подружница на турска фирма со општа клаузула за бизнис.
Управител на македонската фирма е скопјанецот Владимир Симовски. Во 2016 година, тој и Клинчаров заедно ја отвориле фирмата „Сваг фуд“, која повеќе не е деловно активна.
Нецели четири месеци по формирањето на Нома, мајката-фирма во Турција прави промена на називот и дејноста, па од фирма за полиуретан и градежни материјали „Нома полиуретан“, станува друштво со поширока дејност: софтвер, енергија, индустрија и трговија со ново име „Нома систем солушнс.“
Симовски објаснува дека промената на називот и на дејноста била направена за да се впише целокупниот холдинг во Турција, бидејќи постоеле три компании под брендот „Нома“, кои заедно функционираат како холдинг – за градежништво, софтвер и енергија.
Според документите што ни ги даде министерот за дигитална трансформација, „Нома“ приложила пет претходни договори за софтвер, во вредност од 54 илјади до 137 илјади евра. Тендерот на Министерството за дигитализација е 1,1 милион евра.
„Матео-дизајн“ на Клинчаров и „Нома систем солушнс“, каде што Симовски е управител, ги врзува и иста адреса на булеварот ВМРО, каде што до септември 2018 година била сместена канцеларија на „Матео-дизајн.“ Потоа, на оваа адреса е регистриран адвокат, а подоцна и „Нома солушнс.“

„Матео дизајн“ соработува со „Норм деко“ што продава полиуретан | Принт-скрин: Веб-страница на „Матео дизјан“
Симовски објаснува дека еден од двајцата адвокати што биле дел од правниот тим, имал канцеларија на таа адреса и затоа регистрацијата била таму.
„Дали ’Матео-дизајн’ има, или некогаш имала продавница, канцеларија, поштенско сандаче, или што било друго на споменатата адреса, не е во наш домен и интерес“, вели тој.
Клинчаров, пак, вели дека неговата фирма на таа адреса имала привремено изложбен простор, но дека „Матео дизајн“ е на друга адреса од основањето.
Но, сличности со адресите нема само во Македонија.
Ист човек во две фирми

На истата адреса се и фирмата за полиуретан и фирмата за софтвер | Принт-скрин: Google Earth
Во Анталија, матичната фирма „Нома“ дели иста адреса со „Норм деко.“ Тоа е фирмата со која соработува Клинчаров и од кадешто ги набавувал декоративните полиуретански елементи користени во „Скопје 2014.“
Клинчаров потврдува дека соработува со „Норм деко.“ Но, вели дека фирмата што го добила тендерот за софтвер, „Нома систем солушнс“ за него е непозната.
„Ниту ја знам, ниту сум чул за неа“, вели тој за БИРН.

Oмер Јилдиз говори за полиуретанот во објектите од „Скопје 2014“ | Принтскрин: Youtube
Истовремено, фирмата што го доби тендерот „Нома систем солушнс“ и фирмата што произведува полиуретан „Норм деко“ ги врзува ист човек и во матичната држава, Турција. Омер Јилдиз е впишан како соосновач и претседател на Управниот одбор во едната и менаџер во другата.
Адресното поклопување во Турција, според Симовски, се должи на тоа што фирмите користат т.н. „виртуелни канцеларии“, каде што повеќе компании се регистрирани на иста адреса.
За улогата на Јилдиз, пак, Симовски вели дека во Турција, по примерот на арапските држави, фигурира домицилно лице, кое може да се јави во повеќе компании, кога користат иста фирма за консалтинг, правни или сметководствени услуги.
Поврзувањето на двете турски фирми, како и фактот што неговиот поранешен бизнис-партнер е сопруг на државната секретарка, Симовски ги нарече тенденциозни и инструирани. Во однос на заедничката фирма со Клинчаров, тој нагласи дека веќе шест години таа не е активна.
БИРН испрати прашања и до турската компанија, но мејловите се вратија како недоставени.
Клинчаров е сведок во судскиот процес за фасадата на владината зграда од проектот „Скопје 2014“, за што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение во јануари годинава.
Во опсежни одговори до БИРН, министерот Андоновски уверува дека тендерот е спроведен законски. Врските што му ги презентиравме и прашањата за судир на интереси ги нарече „полуинформации и шпекулации.“ Тој вели дека адресата на компанија не е критериум кој се цени при изборот во јавни набавки, како податок кој често се менува.
Андоновски не знае дали е точно дека сопругот на државната секретарка е поранешен бизнис-партнер со управителот на фирмата добитник на тендерот, но и дека тоа не е критериум што се оценувa.
„Групата компании, одговорно тврдам, ги исполнува сите барани услови од јавната набавка, а досегашната работа покажува дека имаат и знаење и искуство да ја вршат солидно работата,“ вели Андоновски.