Заловувачите на „Лајка“ го нашле кучето Кико во скопската населба Ченто. Не забележале дека е хаска зашто бил замрсен и замачкан со кал.
„Тие се една од најнапуштаните раси“, ни објасни директорот на „Лајка“, Воислав Димитровски.
„Хаските, маламутите и самоједите.“
„Хаските се една од најнапуштаните раси“, ни објасни директорот на „Лајка“, Воислав Димитровски
Тие се атрактивни кучиња и луѓето често ги земаат. Меѓутоа, ни одблиску не се свесни колку внимание бараат, најмалку четири часа дневно, зашто по природа се хиперактивни и многу се митарат.
Кога го посетивме Јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“, во средината на декември, синоокиот Кико изгледаше како хаска што ги добива потребните внимание и грижа.
Кучето не застана. Десет минути трчаше, скокаше и се прпелкаше на песокот во паркот за кучиња, специјализираното катче во дворот на „Лајка“, каде што двапати во денот кучињата се истрчуваат.
Вработените во „Лајка“ двапати во денот и ги шетаат кучињата.
Ги учат да одат на поводник, да бидат што повеќе социјализирани кога ќе се вдомат или кога ќе ги вратат на улица. Сега за сега, „Лајка“ реагира само на пријави од граѓаните, иако во иднина, планот е да има интервентен тим – што ќе лови агресивни кучиња и стратешки тим што ќе ги собира кучињата по реони.
Кучињата се заловуваат, стерилизираат, чистат од паразити и се вакцинираат. Приоритет е да се вдомат, меѓутоа ако нема заинтересирани, кучињата се враќаат на улицата каде што се собрани
Кумови на Кико му се вработените од „Лајка“. Тоа е вообичаена пракса за напуштените кучиња и за уличните, за кои заловувачите нема да им го дознаат маалското име.
„Јас сум изненаден колку луѓево тука се креативни при смислувањето имиња“, вели Димитровски.
„Лајка“ е стационар за кучиња што функционира една година.
Неговата цел е хумано да се третираат уличните кучиња. Ги заловуваат, стерилизираат, ги чистат од паразити и ги вакцинираат. Приоритет е да се вдомат, меѓутоа ако нема заинтересирани, кучињата се враќаат на улицата каде што се собрани.
Непоправливо агресивните и болните од опасни и заразни болести се евтанизираат, но само откако ќе се исцрпат сите опции да се најде некој што ќе се грижи за нив.
Целиот третман е замислен да трае 15 до 30 дена, во зависност од здравствената состојба на кучето, иако во стационарот сега има кучиња што престојуваат подолго – ниту се вратени назад, ниту некој ги вдомил.
Идејата е процесот на заловување и стерилизирање да биде побрз од природниот циклус на размножување зашто само така би се намалиле бездомните единки.
Идејата е процесот на заловување и стерилизирање да биде побрз од природниот циклус на размножување зашто само така би се намалиле бездомните единки
На ЈП „Лајка“ многу му помагаат здруженијата за заштита на животните.
Директорот Војо Димитровски вели дека граѓаните немаат вистинска претстава што е работата на стационарот. Сега се разработува процедура за враќање на кучињата, што ќе вклучува електронско досие со фотографии, кои ќе бидат доказ каде кучето е заловено и дека потоа е вратено токму на истото место.
„Така ќе ја стекнеме довербата на граѓаните дека кога ќе им земеме улично куче, што, сепак, е дел од заедницата, никој не го чува дома, ама луѓето го сакаат и го хранат, дека ќе го вратиме. Граѓаните сакаме да стекнат доверба и дека во соседството не им носиме кучиња од други места.“
Периодот до 30 дена е важен зашто ако кучето се задржи подолго, тоа може да ја изгуби својата територија од друга единка или од некоја група.
При нашата посета надвор во дворот на „Лајка“, двајца од вработените правеа тест за агресивност на куче заловено во Бардовци. Некој го пријавил дека каснало човек.
Првото нешто што им се прави на пријавените кучиња – им се става рака во уста. Овој окер мешанец со среден раст не даде никаков отпор. Не зар’жа, ниту, пак, лаеше.
„Кучињата се како луѓето. Оние лошите и агресивни директно те гледаат в очи и не го тргаат погледот“
„Доволно ми е да го погледнам в очи и веднаш знам дали е агресивно“, ни објасни еден од дресерите.
„Кучињата се како луѓето. Оние лошите и агресивни директно те гледаат в очи и не го тргаат погледот“, рече тој и претпостави дека некој лажно го пријавил кучето дека каснало.
„За да добијат отштета од градот.“
Додека бевме во „Лајка“, во амбулантата, заловувачите донесоа уште еден миленик. Огромен мажјак маламут вознемирено се тргаше од поводникот на кој го држеа за да го прегледаат.
Уште повеќе се вознемири од нашето присуство.
Амбулантата е првата станица на кучињата кога ќе пристигнат во „Лајка“.
Додека сте во „Лајка“ постојано се слуша лаеж и вревата продира и во административните простории. Такво е секојдневието таму.
Во стационарот има стотина кафези и тие секогаш се полни.
Кучињата се вознемирија штом влеговме меѓу боксовите. Бучен беше и Кико, вратен во неговото ќоше откако му завршил терминот за игра.
Малите мешанчиња беа помирни, сместени во групи од по неколку во еден бокс. Кога нè забележаа, ги протнаа главчињата меѓу решетките и мрдаа со опавчињата.
„Никогаш не даваме куче по првата средба со луѓето. Им оставаме време да размислат, а ако се вратат, тогаш навистина сакаат да се грижат за кучето“
Во кафезот спроти нив, кадифено чау-чау мрзеливо се поткрена од леглото и од зад решетките пушти придушен глас. Колку и тоа да „каже“ нешто, а потоа си легна додека другите зајдуваа лаејќи.
Попладнето, вработените ги чистеа боксовите, тоа е секојдневна рутина. Покрај хигиената, тие се задолжени и двапати во денот да ги хранат и да ги изнесуваат надвор.
„Се обидуваме да им создадеме некакво нормално секојдневие“, ни кажа директорот Војо Димитровски.
Сите кучиња се каталогизирани и може да се разгледаат на сајтот на „Лајка“. Заинтересираните за вдомување може да ги погледнат во живо. И во овој процес многу помагаат здруженијата.
„Никогаш не даваме куче по првата средба со луѓето. Им оставаме време да размислат, а ако се вратат, тогаш навистина сакаат да се грижат за кучето“, ни објасни Димитровски.
Тој потенцираше дека целта не е да му се „тутне“ животно некому, туку да бидат сигурни оти тоа ќе биде згрижено.
Луѓето од „Лајка“ имаат право во следните три години да го посетат кучето во домашни услови.
„Се најавуваме половина час пред да го посетиме, сакаме да ги видиме вистинските услови во кои тоа живее“, објасни директорот.
Се случувало куче да биде вратено од новите сопственици што не го чувале соодветно.
Не сите ги земаат кучињата за дома, впрочем повеќето улични кучиња и не се салонски – затоа неретко луѓето во „Лајка“ наоѓаат и кучиња-чувари.
„Изворот на проблемот со бездомните кучиња не се самите животни. Луѓето се. Не ги чуваат соодветно, ги пуштаат и напуштаат, создаваат услови да се размножуваат.“
Во „Лајка“ засега нема место за кутриња, помлади од осум месеци, за нив е премногу опасно од зарази. Во идните планови на „Лајка“ е да има посебен објект за млади кучиња, кои на таков начин ќе бидат заштитени од смртоносните заразни болести.
Има две проценки за бројот на бездомни кучиња во Скопје. Првата е направена минатата година, во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина – а тоа е дека има 1.800 единки, додека здруженијата за заштита на животните калкулираат со бројка од 8.000. Проценката ја прават врз база на број на жители и на големината на градот.
„Бројката е некаде помеѓу, со тоа што мислам дека е многу поблиску до 1.800“, вели Димитровски.
Мисијата на „Лајка“ е да го сведе на минимум бројот на улични кучиња.
А, тоа, според директорот Димитровски, се прави со стерилизација на кучињата, но и со кампања за подигнување на свеста да не се напуштаат милениците.
„Изворот на проблемот со бездомните кучиња не се самите животни. Луѓето се. Не ги чуваат соодветно, ги пуштаат и напуштаат, создаваат услови да се размножуваат.“