ЕУ има тешка задача да го регулира технолошкиот „див запад“

Коментар на Един Омановиќ

Во јануари, Европскиот парламент го изгласа Законот за дигитални услуги, значаен обид на Европската Унија да формулира нови правила што ќе ги регулираат големите технолошки компании.

Обидот е прилично задоцнет. Управите на технолошките компании денес имаат моќ да влијаат врз животите на милијарди луѓе, на ниво што е недостижно и за повеќето влади, и тоа без да имаат какви и да е ограничувања.

Иако  не може да се игнорираат и потценат поволностите што оваа технологија му ги донесе на светот, нејзината монетизација, како и доминацијата што ја имаат неколку неразбирливо големи компании во овој бизнис, ни донесе интернет преполн со манипулации, страшни злоупотреби и сеприсутно следење.

Не мораше да биде така. Новиот Закон за дигитални услуги, заедно со уште еден закон чие усвојување е во завршна фаза – Законот за дигитални пазари, може да ги подобрат работите.

Но, со оглед на тоа колку многу моќни интереси се во игра, и со оглед на тоа што конечниот текст е предмет на интензивни и тајни преговори, сѐ уште е неизвесно како ќе изгледа финалната верзија на овие регулативи.

Каков и да е исходот, тој ќе покаже колку регулаторите сакаат и можат да им застанат на патот на големите технолошки компании, што може да има импликации многу пошироко од границите на ЕУ.

На интернетот му треба поправка

Има широк консензус во светот дека на интернетот му треба поправка, и овој став го делат голем број различни групи – од безмилосни диктатори, агресивни мултинационални компании, либертаријански сајбер-панкери, до некои од најранливите групи луѓе на планетава.

Но, поправањето на интернетот за различни луѓе има различно значење. Додека лидерите во САД, Велика Британија, Русија и на Кина сакаат да „владеат со големите технолошки компании“, поборниците за дигитални права и меѓународните издавачи притискаат за нови закони, но нивните мотиви и цели многу се разликуваат.

Со прашања што во основа се спротивставени, како на пример заштитата на авторските права од една страна и архитектурата на отворен интернет од друга, беше извесно дека обидите на Европската комисија како извршно тело на ЕУ да донесе сеопфатни правила ќе бидат предизвик и ризик.

На крајот, Комисијата излезе со два предлога: Законот за дигитални пазари, со кој треба да се спречат големите интернет-платформи како Гугл да ја искористуваат својата положба за да ја поткопуваат конкуренцијата од други компании, како и Законот за дигитални услуги, кој наметнува нови правила за онлајн-посредниците и за платформите како Фејсбук.

Притисок врз „чуварите“ да ги подотворат портите  на интернетот

Големите технолошки компании ја консолидираа својата моќ преку масовно собирање и користење на податоците. Колку повеќе имаат, толку подобро можат да ги профилираат луѓето и да им го продаваат нивното време и внимание на огласувачите, политичките партии и на други купувачи.

Во тој процес, тие станаа „чувари на портите“ на интернетот, создавајќи круг во кој имаат можност да ги искористуваат податоците за луѓето, за да си ги подобрат своите производи и да ја држат конкуренцијата подалеку, а истовремено да ги држат луѓето заробени и присилени да им даваат уште податоци.

Законот за дигитални пазари има за цел да ги притисне овие чувари да ги подотворат портите.

Особено поздравени се плановите да се воведе барање за „интероперабилност“, со што ќе се овозможи помалите апликации за разговор или социјални мрежи да комуницираат со тие на големите компании, како и предлозите да не може да се комбинираат или да се разменуваат лични податоци меѓу различни платформи без претходна согласност.

Другите позитивни предлози за кои се преговара имаат за цел да ги принудат чуварите на портите да се воздржат од активности, како фаворизирање на своите производи во однос на конкуренцијата на нивните платформи, како и наметнување обврска да им се овозможи на луѓето да можат да изберат која апликација ќе ја деинсталираат.

Да се направи интернетот побезбеден и поотворен

Интервју на претседателката на Европаламентот Роберта Мецола во живо на Фејсбук | Фото: Европски парламент

Слично како и Законот за дигитални пазари, и Законот за дигитални услуги содржи значајни предлози со кои интернетот треба да се направи поотворен и побезбеден. На пример, тој им забранува на големите компании да користат сензитивни лични податоци како основа за таргетирано рекламирање (иако целосната забрана за рекламирање базирано на следење беше одбиена) и од користење измамнички тактики за да ги натераат луѓето да ги споделат своите податоци (како лажни контакт-формулари), а со тоа ќе ги спречат земјите-членки на ЕУ да наметнат законски ограничувања на енкрипцијата.

И додека многу сили притискаат за интернет-компаниите да бидат одговорни за содржината на нивните платформи, што може да доведе до преголема употреба на филтрирање на содржината поради разни причини, како повреда на авторските права, напаѓачки говор или што и да нареди владата, тие нема да можат со закон да бидат натерани да го сторат тоа, со оглед на тоа што Европскиот парламент ја отфрли таа идеја минатата недела.

Сѐ е во деталите

Во оваа фаза, сепак, двата закона сѐ уште се предмет на преговори. Според процедурите на ЕУ, Европскиот парламент треба да се согласи за финалните позиции со сите земји-членки на Европската Унија, процес што често е обвиткан во тајност. На крајот, многу од позитивните елементи од тие предлози може да не преживеат, а многу негативни елементи што Европскиот парламент досега ги одбиваше, може да се најде начин да влезат внатре.

Но, дури и ако конечниот текст ги содржи повеќето предлози изнесени од групите за заштита на човековите права и на поборниците за отворен и безбеден интернет, остануваат прашања што загрижуваат.

Како што се покажа и со други регулативи на ЕУ, на пример Законот за регулација на општата заштита на податоци, важни се – деталите.

Иако се чини дека е очигледна намерата зад двата концепта така како што се предложени во моментов – да обезбедат „квалитетно информирање“ на корисниците на интернетот, во правна смисла тоа може да значи нешто сосема друго, а и скапите адвокати може да го протолкуваат поинаку.

Поради тоа, ако преговарачите не можат да се договорат за јасни клучни дефиниции во рамките на законите и да одолеат на обидите тие да се направат безначајни, постои реална можност заштитата да биде загрозена.

Понатаму, како што можеше да се види со Законот за регулација на општата заштита на податоци, успехот ќе зависи најмногу од тоа дали правилата ќе бидат добро спроведени и за колку време.

Недостигот од ефикасна примена е една од причините зошто сѐ уште нашите податоци протекуваат до трговците со податоци и до технолошките компании, и зошто ни се пласираат застрашувачки лично профилирани реклами, и покрај фактот што Законот за регулација на општата заштита на податоци треба да спречи штетни пракси за собирање податоци.

Иако во новите регулативи се предвидени значително високи казни ако дојде до прекршување, тие ќе бидат бескорисни доколку регулаторите не ги користат доволно или ако им се потребни години за да спроведат истраги.

Новите правила на ЕУ ќе имаат глобален ефект

Тиери Бретон, еврокомесарот за внатрешен пазар| Фото: Европска комисија

Ако се усвојат правилата, тие ќе имаат последици врз луѓето низ целиот свет, без разлика дали се во ЕУ, бидејќи, иако само неколку од најголемите технолошки компании што доминираат во интернет-екосистемот се наоѓаат во ЕУ, таа претставува голем пазар на интернет-корисници, а нејзините моќни влади добиваат улога на нешто како „суперсила за дигитално регулирање“.

Тоа доведе до тоа некои компании, како на пример Мајкрософт, да прифатат некои од европските правила за заштита на податоците како глобален стандард (иако причините за таквата одлука се дискутабилни).

Понатаму, како што видовме со Законот за регулација на општата заштита на податоци, многу бизниси во светот ќе бидат подложени на новите закони на ЕУ ако обезбедуваат услуги на луѓето во ЕУ (ова е случај и со Законот за дигитални услуги и со тој за дигитални пазари). Исто така, балканските држави, без разлика во која фаза се од пристапувањето кон ЕУ, може да ги усогласат своите закони со европските.

До каде ќе одат технолошките компании во воведувањето нови мерки за заштита на Балканот, сепак, ќе зависи најмногу од тоа колку граѓаните и владите на балканските држави ќе го бараат тоа од нив, со оглед дека овие компании имаат пракса да обезбедуваат помала заштита во одредени земји.

Не е лесно да се воведе ред во хаосот

Поради ова, вреди да се следи секој што се занимава со иднината на интернетот и со неговото влијание на Балканот. Европски дигитални права, мрежа на групи за заштита на дигиталните и на човековите права низ Европа, вклучувајќи го и Балканот, продолжува да ги следи преговорите и да обезбедува информации за напредокот.

Но, за конечните ефекти од двата закона не треба да се имаат големи очекувања. Иако европскиот комесар за внатрешниот пазар, Тиери Бретон го спореди Законот за дигитални услуги со шериф што треба да спроведе „ред“ во „дигиталниот Див запад“, реалноста е малку посложена.

Најважно е како позитивните предлози ќе ги преживеат интензивните процеси на лобирање и на преговори што се одвиваат зад затворени врати. Постои реална опасност дека овие закони ќе бидат грабнати од компаниите и од владите, кои ќе се обидат да ги искористат за да добијат поголема моќ на сметка на создавањето отворен екосистем што ги штити човековите права.

Тоа би било катастрофа. Шериф што не може или не сака да ги користи своите оружја не е од помош никому, но шериф што паѓа под влијание на одметниците може многу да ги влоши работите.

 

Един Омановиќ е директор за застапување на Прајваси интернешнел, невладина организација со седиште во Лондон, која ги открива и се спротивставува на злоупотребите на моќ од владите и корпорациите.

Изнесените мислења се на авторот и не ги одразуваат мислењата на БИРН.