Дали Русија веќе „победи“ во врска со Украина?

Коментар на Маркус Танер

Русија многу одолжува да ја нападне Украина. Тоа може да се случи кој било ден. Американскиот претседател Џо Бајден смета дека нападот е неизбежен или дека „со голема веројатност“ ќе се случи некаде во февруари. Тоа му го кажал во телефонски разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Но, ова не е блицкриг. Руската војска со месеци се собира околу украинската граница, барем од октомври 2021. Ниту во 19 век, инвазиите не се случувале толку бавно. Франција во 1870 година ѝ објави војна на Прусија. Прусите беа во Париз и сѐ се заврши за шест месеци.

Постојаното избегнување од страна на Русија го наметнува прашањето дали воопшто нејзината крајна цел е да ја заземе Украина или делови од неа.

Никој не се сомнева дека постои реална закана, со повеќе од 100.000 војници стационирани на границата. Но, ако целта  беше да се тестира единството на НАТО во врска со Украина, отколку воената одбрана на Украина, Кремљ веќе победи – без испукан куршум.

Ако некој очекуваше дека западната алијанса ќе биде обединета околу заканите по Украина како што беше во врска со Косово во доцните 1990-ти, тоа сега може да се заборави. Единственото што се случи е што пукнатините што се појавија во алијансата во врска со Сирија сега се уште поголеми.

Балтичките и централноевропските членки на источниот фронт на НАТО бараат силен одговор кон Русија, со засилување на присуството на НАТО во нивните земји, но тие не добиваат конзистентна поддршка од своите европски сојузници од западот.

Германија е нерешителна да вети што било во врска со Русија, без разлика дали ќе се случи напад врз Украина или не. Нејзините активности досега беа само превентивни – да го спречи испраќањето оружје во Украина, дури и она што служи за одбрана.

Германската министерка за надворешни работи, која е од Партијата на зелените, поддржува силен економски удар врз Русија како одговор на евентуален напад на Украина, но нејзините партнери од Социјалдемократската унија не го делат нејзиниот ентузијазам. Тие долго време се спротивставуваа да не повлече каква и да е  паралела меѓу нападот врз Украина и отворањето на завршениот, но сѐ уште не пуштен во употреба, гасовод Северен тек 2.

Франција на Емануел Макрон, очекувано, е повеќе заинтересирана да предводи „европски“ , во основа „француски“ одговор кон Русија, отколку да навива за американско водство на алијансата.

Владимир Путин на годишната прес-конференција | Фото: официјална страница на претседателот на Русија

Франција вели дека сака да му даде шанса на мирот, пред сѐ, но некои стравуваат дека нејзината „стратегија фокусирана на дипломатијата ги усложнува напорите на САД и на НАТО да создадат цврст и обединет фронт против Русија“, како што извести АП во четвртокот.

Велика Британија покажува повеќе мускули отколку Франција или Германија. Дури му испрати антитенковско оружје на Киев. Но, Британија се наоѓа среде владина криза во која премиерот Борис Џонсон може да падне од функција, и постои сомневање дека милитаристичкиот говор е наменет главно за домашна употреба – како очаен обид на тимот на Џонсон да го оттргне вниманието од скандалите што го опкружуваат.

Со тоа Америка повторно останува главен играч во НАТО. САД постојано ја предупредуваат Русија дека ќе се соочи со „страшни последици“ ако ја нападне Украина, но објаснувањето какви ќе бидат тие последици останува нејасно, со исклучок на санкциите против руските лидери на чело со претседателот Путин.

Напорите на САД главно се концентрирани на обезбедување неруски гас за Европа ако има прекин во дотурот од Русија. Има и размислувања да се исклучи Русија од глобалниот финансиски систем, односно да ѝ се даде третман како на Иран, но многумина се сомневаат дека Европа би поддржала строги санкции кон Русија, во ирански стил, бидејќи тоа ќе ѝ наштети на европската економија повеќе отколку на американската.

Други предупредуваат дека Русија може да издржи какви било западни економски санкции, дури и ако тоа ја направи да биде повеќе зависна од Кина. Пекинг сигурно би ја искористил таа ситуација.

„Тврдината Русија може да издржи долга финансиска опсада“, објави британски „Телеграф“ неделава, додавајќи дека Русија е многу подобро подготвена за санкции  денес отколку по анектирањето на Крим во 2014 година.

Пред само 20 години, хуманитарната криза во малото Косово ја спои атлантската алијанса како никогаш дотогаш и покажа невидена желба и капацитет да се преземат решителни, иако контроверзни акции.

Организацијата што никогаш не реагираше на физичката поделба на Берлин во 1961 година, на инвазијата на Чехословачка во 1968 или на инвазијата на Кипар во 1974 година откри дека има мускули и желба за офанзивни акции, нешто што не знаеше дека го има претходно.

Русија се спротивставуваше на интервенцијата во Србија и во Косово со речиси истата огорченост како самата Србија, но НАТО ги игнорираше и двете и резултатот беше поразителен за нив. Митот за Русија како светска велесила доби силен удар.

Демонстрацијата на сила го отвори патот за големата експанзија на НАТО во 2000-тите, кога седум нови членки се придружија само во 2004 година: Бугарија, Романија, Словачка, Словенија, Латвија, Естонија и Литванија, потоа Хрватска во 2009, Црна Гора во 2017 и Северна Македонија во 2020 – вкупно десет новодојденци за 16 години, една третина од целото членство.

Но, постојаното зголемување на НАТО го затскри континуираното намалување на смислата на неговото постоење. Кризата во Украина го откри ова, покажувајќи го неединството што некои се сомневаа дека постои, но не беа сигурни. Оптимистичките гласови сметаат дека, ако ништо друго, кризата барем ги потсети сите членки на НАТО дека организацијата останува „незаменлива“. Тоа можеби е така, но, за добро или за лошо, „косовскиот момент“ дефинитивно нема да се повтори.

 

Маркус Танер е уредник на Балкан Инсајт и автор на „Албанската планинска кралица, Едит Дурам на Балканот“. Мислењата изнесени во коментарите се на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.