Анализи

Сѐ што сте сакале да знаете за еврообврзницата, а не сте имале храброст да прашате

Власта ги задолжи граѓаните за вкупнo 630 милиони евра со камати што ќе треба да им се вратат на кредиторите за седум години

Терминолошки, еврообврзница е државна должничка хартија од вредност којашто гласи на валута различна од валутата на земјата каде што е издадена.

Првата еврообврзница Македонија ја издаде во декември 2005 година, во вредност од 150 милиони евра и купонска камата од 4,625% на 10 години. Тоа не беше практично насушна потреба за задолжување (буџетските дефицити во тие години беа ниски) туку повеќе проверка на кредитниот рејтинг на земјата.

Една година претходно, Македонија го доби првиот кредитен рејтинг од осамостојувањето. Агенцијата „Стандард и пурс” во својата иницијална оценка за кредитната способност на Македонија, за надворешниот долг ја оцени со ББ, со позитивен изглед (секојпат покрај оценката, кредитните агенции изнесуваат и изглед, којшто е втор дел од кредитното оценување) и ББ+ за внатрешниот долг.

Највисокиот рејтинг што Стандард и пурс го дава во оценките е тројно А (ААА), а најниската оценка е Ц што подразбира дека земјата можеби е и во банкрот. Инвестициските рејтинзи се движат од тројно А до тројно Б, ниво под кое започнуваат шпекулативни рејтинзи, односно земји во кои не е сосема сигурно инвестирањето.

Со првиот рејтинг Македонија била во шпекулативните рејтинзи, но на чекор до инвестициски рејтинг. Интересот на меѓународните инвеститори за купување на обврзниците бил голем, бидејќи побарувачката изнесувала околу 600 милиони евра или четирипати повеќе од понудениот износ. Парите беа наменети за отплата на стари неповолни долгови, како Лондонскиот клуб на доверители.

Втората еврообврзница Македонија ја издаде во јули 2009 г. во времето на големата финансиска криза. Издавањето беше поради итна потреба, а не стратешки подготвено и затоа граѓаните платија многу висока камата од 9,88%.

Третата еврообврзница со најголема сума од половина милијарда евра беше издадена во 2014 г. Побарувачката на инвестициските фондови и друштва, банките, осигурителните компании била двојно поголема од понудените 500 милиони евра, односно тие сакале да ја откупат македонска обврзница во износ од 1.160 милиони евра.

Иако тогашниот министер Зоран Ставрески изјави дека таа еврообврзница ќе биде доволна да ги покрие финансиските потреби на државата за две години, наредната, 2015 г. повторно сакаше да издаде еврообврзница во вредност од нови 500 милиони евра, но се премисли и таа тежеше „само” 270 милиони евра.

Со последната актуелна еврообврзница власта сакаше да прибере 650 милиони евра, но инвеститорите ѝ позајмија 450 милиони. Последниот кредитен рејтинг од април годинава е ББ со стабилен изглед, што значи едно ниво под првата оценка добиена во 2006 г.

evroobvrznici

Во однос на самиот процес на задолжување со еврообврзница, корисно е да се знаат неколку работи. Прво, таа е еден од начините да се финансира буџетскиот дефицит. Буџетскиот дефицит е кусокот на пари што власта решила да го троши, но за тоа не ѝ стасуваат буџетските приходи. За да ги обезбеди, позајмува на домашниот, на меѓународниот пазар или продава имот на државата.

Најповолно финансирање на дефицитот досега се покажало задолжувањето кај Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кои даваат наменски заеми за развојни проекти или буџетска поддршка која е врзана за одредени реформи.

Светска банка кон крајот на 2011 г. на Македонија ѝ даде 120 милиони евра заем, да ги користи како гаранција за поевтино позајмување средства од приватните кредитори. Наредната година доби уште една за која подоцна од Ставрески во една од „бомбите” чувме дека ја добил на контроверзен начин.

„Значи, ја сум го смислил, ја сум го изработил, со третиот човек на Светска банка договорив да ни дадат 250 милиони евра што на никој не ги даваат у денешно време, по втор пат ни даваат кредит за којшто има одлука у Светска банка да не се дава на ниедна земја двапати таков кредит, гаранција е тоа, не е кредит, разбираш? Гаранција со која што ни го покриваат ризикот како земја, и наместо 8,5% камата ја ќе зеам со 4,5% , кај деловниве сите банки акциите што се“, се слушаше гласот на Ставрески во објавениите „бомби” во разговор наводно со Јанкуловска.

Со ММФ пак последниот аранжман прекина во 2012 г. Официјално, бидејќи Владата не сакаше да ги каже скриените долгови, како тие кон стопанството. Неофицијално, недовербата започна откако во 2010 г. власта практично го злоупотреби заемот од 440 милиони евра којшто беше одобрен да ѝ служи како гаранција земјата да се задолжи поевтино надвор во услови на глобална криза, со тоа што повлече 220 милиони евра пред предвремените избори.

Контроверзи околу последната евроообврзница

Задолжувањето пак, со еврообврзница треба да бидe планирано со цел да се искористат што поповолни услови на пазарот, а не да се бара заем кога се исцрпени останатите извори. Задолжување во крајна нужност значи дека ги прифаќате затекнатите услови на пазарот што може да се многу неповолни. Тоа на Македонија ѝ се случи со втората еврообврзница издадена во 2009 г. во екот на глобалната криза, кога прифати многу висока камата од 9,88%.

Оттука следува прашањето зошто Македонија се доведе во ситуација да издава еврообврзница под услови што ќе ги затекне на пазарот, без план Б?

Несторовски: Доколку објавите првично обврзница за камата од 5%, ја покачите истиот ден камата на 5,50%, и на крај аукцијата е неуспешна, основна „култура” на пазарите е да почекате неколку месеци пред да се обидете повторно

Ненад Несторовски, финансиски аналитичар во Лондон кој претходно има работено во секторот за издавање еврообврзници на италијански компании и банки HSBC Милано, мисли дека покрај елементите кои ја засегаат легалноста на еврообврзницата, самиот процес на издавање, со две аукции едно по друго во рок од четири дена, беше тотална фарса.

„Доколку објавите првично обврзница за камата од 5%, ја покачите во истиот ден камата на 5,50%, и на крај аукцијата е неуспешна, основна „култура” на пазарите е да почекате неколку месеци пред да се обидете повторно. Тоа се прави за да се даде време да се промени расположението кај инвеститорите за кредитирање на вашата земја и да се чека поповолен момент. Нормално дека инвеститорите што не сакаат да ја купат обврзницата за 5,50% камата во петок, за 4 дена до вторник нема да се премислат туку ако сакате да ги убедите треба да им понудите уште повисока камата“.

Несторовски тврди дека она што Македонија требаше да направи е „да почека да се провери легалноста на обврзницата и да се подобрат условите на пазарот пред да се обиде повторно со нова аукција”.

Според него, лажно е претставена и висината на каматата која Македонија треба да ја плаќа, односно дека купонската камата од 5,625% што ја прикажува Владата, не е целосната камата, затоа што со неа на нашето конто сега не легнале 450 милиони евра, туку 443 милиони.

„Разликата од 7 милиони ја зголемува камата од 5,625% на 5,875%. Зачудува зошто МФ не ја споменува реалната, повисока камата на оваа еврообврзница во ниту една изјава, а притоа ја обвинува опозицијата за нејзино покачување. Логично би било доколку виновникот не се тие туку опозицијата, барем да ја информираат јавноста колку точно е покачена каматата, благодарение на писмото на Кире Наумов до банките агенти”, коментира Несторовски.

Зошто се брзаше со задолжувањето?

За да се побара логика во итното издавање како нужна потреба, а не осмислен процес, можат да се проверат податоците за извршување на буџетот од почетокот на годинава, но и тие не укажуваат на алармантна потреба.

Во првата половина од година има 46,3% реализација на приходите што е блиску до половина и 45,3% кај расходите. Очигледно ликвидносните проблеми се јавиле кога редовните аукции на домашниот пазар на задолжување почнаа да се реализираат со помали суми од она што го бараше Владата. Тоа можеби ја принудило планираното задолжување во странство да го реализира сега и веднаш, како и за многу поголем износ од она што е утврдено со фискалниот план.

За финансирање на дефицитот е предвидено задолжување на домашниот пазар со 306 милиони евра и 372 мил. евра од странски заеми. Од тоа, 351 милион евра одат за отплата на долгови домашни и во странство. Од тоа произлегува дека намерата да се издаде еврообврзница од 650 милиони евра воопшто не била во план со иницијалниот буџет, ниту пак, реализацијата на буџетот до јуни годинава покажува драматична потреба од тоа.

Тоа оди во прилог на тврдењата дека доминантната владејачка партија ВМРО ДПМНЕ ги сакала тие пари за да може да обезбеди политичка предност на очекуваните избори преку разни видови корупција на гласачкото тело.

Ова е уште едно прашање кое го прави задолжувањето контроверзно.

Легалниот буџетски процес е одамна нарушен, не само со техничките пропусти околу издавањето на актуелната еврообврзница.

Прво, основа за да се подготви буџетот за наредната тековна година е да се усвои Фискална стратегија најдоцна до 31 мај (за буџетот во наредната година) и таа обврска е утврдена со Законот за буџетите. Власта предводена од ВМРО – ДПМНЕ не само што оваа законска обврска не ја исполнуваше туку две години (2012 и 2013) воопшто немаше Фискална стратегија, иако ако погледнете на веб страницата на Министерството за финансии (МФ), „потемкиновски” стои дека ги има сите.

Единствен доказ дека немаше Стратегија се извештаите на ММФ каде што прво Владата се охрабруваше да почне да ја исполнува законската обврска за изготвување Фискална стратегија и конечно во ноември 2013 г. ММФ го поздрави „повторното донесување на среднорочна Фискална стратегија”. Потоа ММФ го поздрави и предвиденото намалување на дефицитот на 2,6% во 2016 г., проекција која имаше „рок на траење” една година, бидејќи веќе во наредната стратегија таа бројка е зголемена и за годинава буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 3,2% од БДП.

Не само што Министерството за финансии ја третира Фискалната стратегија како „тоалетна хартија” туку од 2010 г. воопшто нема усвоено Стратегија за управување со јавниот долг. Станува збор за уште еден стратегиски документ на чија нужност укажуваше ММФ. Последната Стратегија за управување со јавниот долг е објавена во март 2010 година за периодот до 2012 г., а оттогаш до сега јавниот долг се зголемил за 2,7 милијарди евра.

Конечно, ММФ можеби и се умори од поздравување на договореното, па одново констатираше дека она што претходно го поздравиле се променило кон полошо во меѓувреме. Дел од експертите во падот на довербата го гледаат потегот, ММФ да се откаже од постојан претставник во земјава што практично може да се толкува како „кревање раце” од нас.

Марјан Петрески, професор на Американ колеџ, за БИРН вели дека „непочитувањето на стратешки фискални документи, како Фискалната стратегија 2016-2018, е главниот извор на ризик во управувањето со јавните финансии, особено што не се работи за некои ситни отстапки туку за промена на целосниот курс на фискалната политика, од консолидација (предвидена во таа Стратегија) во понатамошна експанзија (судејќи според последниот ребаланс и еврообврзница)”.

Тој апелира Владата итно да ја ревидира Фискалната стратегија за 2016-2018, како и да донесе Стратегија за управување со јавниот долг на подолг период (односно најмалку за период колку што изнесува рокот на издадените еврообврзници) и „да ги даде на широка јавна расправа.”

Можни сценарија

Марјан Петрески: Со 50% јавен долг од БДП ние веќе газиме на границата меѓу одржливоста и неодржливоста на тој долг

Марјан Петрески: Со 50% јавен долг од БДП ние веќе газиме на границата меѓу одржливоста и неодржливоста на тој долг

Во услови кога Владата се задолжува без најава (искуството покажа дека иако декларираше оти позајмува да ги покрие потребите за две години, потоа ненадејно издаде нова еврообврзница), без среднорочен план колку ќе се задолжува и како ќе ги враќа парите (отсуство на Стратегија за управување со јавниот долг), со право се отвораат две клучни прашања.

Првото е дали со вакво задолжување се „краде” идниот развој на економијата, бидејќи задолжувањата од година в година растат, а при секој ребаланс, парите за развојни проекти се намалуваат. И второто, дали концентрацијата на доспеани долгови во наредните седум години може да доведе од ризик за земјата да стане несолвентна?

Според Петар Гошев, поранешен гувернер и министер за финансии, терминот несолвентност не е најсоодветен кога се работи за должничка стапица во која влегуваат или можат да влезат некои држави.

„Државите секогаш имаат што да продадат од националното богатство за да вратат долг. Но, тоа политички е неиздржливо. Всушност, во прашање е отсуство на тековни приходи во државната каса со кои таа би можела да купи инструменти за девизни плаќања кон странство или тековни јавни приходи за исплата на создадните домашни обврски, вклучително и отплата на кредити кон домашни кредитори”, вели тој.

Според него, ризиците за отежнато измирување на обрските се веќе создадени. „Отсега натаму Владата ќе биде во перманентна трка за барање нови кредити за отплата на претходните. Тоа не е пријатна позиција”, додава Гошев.

И професорот Петрески вели дека Македонија е на граница на одржливост на јавниот долг.

„Со 50% јавен долг од БДП ние веќе газиме на границата меѓу одржливоста и неодржливоста на тој долг. Ова мое тврдење го поткрепувам со фактот што голем дел од долговите ги трошиме за тековни потреби, односно за алиментација на претходно дадените ветувања на гласачкото тело. Тоа е главната линија на неодржливоста на нашиот концепт на управување со јавните финансии, и бидејќи имплементацијата на тој концепт не запира, мислам дека за брзо ќе се соочиме со потребата да правиме сериозни резови“.

Петрески вели дека не е приврзаник на тврдењата за радикални сценарија и оти Македонија е „далеку од банкрот“, но вели оти со секој нов заем или еврообврзница наменети за општи буџетски потреби се зголемува веројатноста „дека еден ден ќе мора сериозно да ги скратиме трошењата за плати на јавната администрација, пензиите, социјалната помош, новите вработувања во јавната администрација и да ги зголемиме даноците”.

Всушност, според него, во отсуство на квантитативно – издржана студија за одржливото ниво на јавен долг и последиците врз растот на БДП, економистите во одредена мера „шпекулираат и нагаѓаат, а политичките партии тоа го користат за да ни ја претстават ситуацијата како црна или бела”, вели тој.

Гошев предвидува напуштање на рамниот данок

Стручњаците се согласни дека во оваа ситуација на граница на одржливот на јавниот долг, неопходни се темелни фискални резови.

„Основно што треба да се направи е веднаш да престане растењето на долгот над растот на БДП. Се разбира, нужно е динамиката на растот на долгот да се сведе прилично под тоа. Реализирањето на ваква одлука бара целосно преиспитување на композицијата на јавните расходи: голема селекција помеѓу битни и помалку битни расходи; селекција на приоритетни и неприоритетни проекти и намени; селекција врз основа на тоа кои од проектите и расходите се ефективни, помалку ефективни и сосема неефективни од аспект на нивното влијание врз растот на БДП. За сето ова треба чесна, стручна и непопулистичка власт”, вели Гошев.

Петар Гошев: Отсега натаму, Владата ќе биде во перманентна трка за барање нови кредити за отплата на претходните

Гошев: Отсега натаму, Владата ќе биде во перманентна трка за барање нови кредити за отплата на претходните

Според него, сегашната ситуација до која сме доведени со задолжувањето и потребните реформи за да се подобри буџетската структура ќе бара политички жртви.

„Сегашната структура на буџетот е очајна, бидејќи недискреционите расходи изнесуваат 90% од вкупните расходи. За да се намали нивниот процент кој и да биде на власт тешко ќе одбегне плаќање определена политичка цена, бидејќи во некои случаи ќе мора да скрати од она што со закони и подзаконски акти го вовела како примања на определени групи население, затоа што е неодржливо да продолжи на ист начин кај сите“, вели Гошев, свесен дека таквиот чекор не е популарен и не носи политички поени како кога неодговорно се раздаваат и расфрлаат пари земени од кредити на сметка на идните приходи на населението.

Тој предвидува дека за да се одбегне несаканата контракција на јавната потрошувачка, ќе мора да се зголеми волуменот на приходи од даноците на граѓаните и компаниите.

„Ако сиромашните не можат да партиципираат повеќе отколку сега, тие пари ќе мора да ги обезбедат богатите и оние кои (повторно меѓу побогатите и најбогатите) избегнувале да плаќаат даноци во законскиот износ. Според тоа, јазот меѓу јавните приходи и расходи ќе мора да го пополнат богатите, сегашните најголеми клиенти на власта, а тоа пак, бара да се напушти сегашниот систем на т.н. рамен данок. И тоа има своја политичка цена, а рамнотежата на тој план ќе се види дали може да се оствари со воведување систем во кој, конечно и посиромашните ќе почувствуваат поголема сигурност и правичност”, вели Гошев.

Во меѓувреме имлементацијата на политичкиот договор што популарно се нарекува „Пржино 2” треба да го даде одговорот за терминот на долгоочекуваните избори. Кире Наумов кој беше заменски министер за финансии и кој е „истурен борец” на опозицијата против обидите на власта за издавањето на последната еврообврзница, вели дека покрај кривичните пријави против министерот за финасии, заменик министерката за правда Биљана Бришковска и министрот за правда Владет Џафери, нема да се откажат и од оспорување на легалноста на процесот пред арбитражен суд.