Анализи

Спорната лустрација се соочува со фијаско

4x3Mac Lustration Commission

Членовите на лустрациската комисија / Фото: kvf.gov.mk

Фарсичен крај на, во голема мера, контроверзниот процес на именување и санкционирање на поранешните соработници на тајната полиција во Македонија, откако Управниот суд почна едно по едно да ги поништува решенија на Комисијата за лустрација.

Откако се најде под голем притисок од Брисел, за да се откаже од, во голема мера, спорниот процес на лустрација, за кој се смета дека Владата го претвори во инструмент за справување со нејзините критичари, Македонија сега се обидува да ја стави лустрацијата „во нафталин“.

На овој начин лустрираните лица кои ја добија битката со Комисијата, ги интерпретираат последните случувања со поништените решенија за лустрација од страна на Управниот суд на Македонија.

Само во јуни и јули, Управниот суд поништи 17 решенија на Комисијата за лустрација, а уште 40-тина чекаат на одлука на судот.

Со оглед дека ова се однесува на голем дел од над 200 лустрирани лица, за кои претходно Комисијата утврди дека биле соработници на тајната полиција, сега целиот процес се најде во голема неволја.

Критичарите велат дека поништувањето е само првиот чекор.

Тие тврдат дека ќе биде потребна сериозна анализа на сите недоследности кои биле направени во име на лустрацијата, со цел да се коригираат неправилностите, но и да се спречи секоја идна влада, да ги користи истите методи.

„Уште кога почна се знаеше како ќе заврши оваа налудничава игра, оваа кастрација на здравиот разум“, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, пензионираниот судија, Трендафил Ивановски.

Ивановски е единствениот кој го доби случајот против државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако во Македонија беше прогласен за соработник.

Судот во Стразбур на почетокот од годинава пресуди дека Македонија му ги повредила човековите права, бидејќи не му дозволила да се брани пред Комисијата, ниту пак, му дозволила пристап до наводно инкриминирачките докази против него.

Најмалку десет други лица ја тужат Македонија во Стразбур по истата основа.

Во образложението за последните донесени одлуки, Управниот суд вели дека Комисијата за лустрација го прекршила Законот за општа управна постапка од 2005 година.

Комисијата „не му овозможила активно учество на тужителот (лустрираниот)“ во постапката, и не дозволила пристап до инкриминирачките документи што се користеле против него, се вели во образложението.

„Административните судови во Македонија требаше порано да реагираат, но тие долго време се поставија клиентелистички кон политиката и само потврдија дека судството е седнато во скутот на власта“, вели Ивановски за БИРН.

„Се дојде до сознание дека еднаш ја згрешиле работата и сега бараат решение за да спасат што е можно да се спаси“, нагласува Ивановски.

Лустрација полна со контроверзност од самиот почеток

Македонија ги следеше стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаа донесено закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото.

Но, уште од самиот почеток на работата на Комисијата во 2009 година, целиот процес беше проследен со контроверзии и обвинувања за неговата партиска политизација.

Опозицијата реагираше дека процесот очигледно се злоупотребува против критичарите на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во декември 2012 година, во знак на протест, опозицијата ги повлече двајцата свои членови од Комисијата која броеше 11 членови.

Првиот голем удар на лустрацијата ѝ беше нанесен во август минатата година, кога соочена со критики од Брисел, Комисијата за лустрација одлучи, со почетокот на оваа година, официјално да го заврши процесот на лустрација.

Сепак, таа не ги укина санкциите што им беа изречени на повеќе од 200 лустрирани лица, вклучувајќи ги и забраните за работа во државните институции, за лицата за кои беше утврдено дека се поранешни тајни соработници на полицијата.

Претходно, во јуни 2015 година, како дел од напорите на ЕУ за решавање на длабоката политичка криза во Македонија, Европската комисија ѝ врачи на Македонската влада, извештај што содржи долг список на предложени реформи.

Macedonian Lustration Commission 1 (2)

Македонија ги следеше стапките на многу поранешни комунистички држави, кои имаа донесено закони за лустрација, како начин за решавање на неправдите од минатото / Фото: kvf.gov.mk

Меѓу останатите препораки, со извештајот составен од група експерти предводени од поранешниот директор на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, од властите се бара „ревизија/укинување на Законот за лустрација и на неговата имплементација“, бидејќи, како што се вели, „како основа за лустрацијата биле користени идеолошки или партиски причини“.

Критиките од Брисел доаѓаат откако прислушуваните телефонски разговори што ги објави опозицијата, сугерираат дека Владата се мешала во процесот на лустрација.

Пресудите на Управниот суд „се веројатно резултат на извештајот на Прибе“, вели Воислав Стојановски, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Стојановски, кој самиот е еден од оние кои ја тужат Македонија во Стразбур, не верува дека Управниот суд постапувал без одобрување на политичката елита.

Тој за БИРН вели дека веројатно намерата е да се спаси државата од понатамошно плаќање отштети од предметите што најверојатно ќе ги изгуби, но и обид да се зачува меѓународниот имиџ на земјата.

Последиците присутни и покрај поништувањата

„Поништувањето во правна смисла значи дека решението никогаш не постоело. Ако не постоело, според новиот закон, Комисијата сега нема право за нова постапка и ново решение“, објаснува Стојановски.

„Но, последиците (за лустрираните лица) остануваат, особено објавувањето на луѓето со матичен број, каде работеле, (нарушен) углед, приватен живот, семеен живот, приватност…“.

„Поради таа повреда на права, овие луѓе сега можат преку домашни судови да си бараат отштета“, нагласува тој.

Претседателот на Комисијата за лустрација, Томе Аџиев, вели дека Управниот суд донел одлуки со „чудно“ образложение, кои можат да ја поткопаат целата работа на Комисијата.

Тој изрази стравување дека и сите другу обжалени решенија можат да бидат поништени во блиска иднина.

Аџиев вели дека судот погрешно го толкува Законот (за лустрација), „бидејќи тој воопшто не предвидува дека лицето за кое се врши проверка во Комисијата може да земе активно учество“.

Тој нагласува дека судот, исто така, ги игнорира полициските архивски документи, од кои, според него, јасно се гледа дека овие лица биле виновни по обвиненијата.

Во Управниот суд, во средата, одбија да ги коментираат овие обвинувања.

Во краткото соопштение до БИРН, од судот наведоа дека „сите одлуки донесени во 2016 година, вклучувајќи ги и одлуките од областа на верификацијата на факти (лустрацијата), се јавно објавени и достапни на официјалната интернет страница на судот“.

Но, многумина во Македонија ги оспоруваат тврдењата на Аџиев, обвинувајќи ја Комисијата за политички мотивирани чистки.

Јадранка Костова од неделникот „Фокус“, беше една од лустрираните лица, но во почетокот на јули судот ја поништи одлуката за нејзина лустрација.

„Ние како редакција на почетокот бевме за лустрацијата, но евидентно стана дека подоцна таа се претвори во алатка за справување со политичките неистомисленици“, вели Костова.

„Оригиналната идеја беше да се прочисти системот од луѓе кои за пари или кариера соработувале со полицијата“, вели таа за БИРН.

„Но сега гледаме дека многу од членовите на Комисијата за лустрација соработувале со врхушката на власт токму за пари и за кариера“, додава таа.

Со евентуална смена на постојната политичка гарнитура, „новата власт што ќе дојде ќе биде неминовно повикана да го преиспита целиот процес на лустрација и да покрене мерки за евентуална рехабилитација на лустрираните лица“, вели пензионираниот судија Ивановски.

И Костова и Ивановски велат дека постојат многумина кои се подготвени да продолжат со битката за правда пред македонските судови, сѐ додека не добијат сатисфакција заради повреда на нивните човекови права.

Со дополнителни информации во текстот учествуваше и Игор Босилковски. Текстот е објавен и на Балканска транзициска правда