Анализи

Власта го ограничува пристапот до информации за јавноста

Чекори назад во транспарентноста кај повеќе институции

Сомнителниот увоз на јаглен за РЕК Битола, интересите зад проектот за катна гаража до парламентот, купувачот на запленетите станови на Сашо Мијалков, фирмите за надзорот на Бехтел и Енка, набавките на софтвер поврзани со Драги Рашковски– сите овие приказни кои предизвикаа внимание и имаа влијание во јавноста беа сработени со употреба на податоците од Централен регистар и користењето на правото за пристап до информации од јавен карактер.

Но, актуелната власт, се чини, затвора канали преку кои досега можеше да се стигне до информации. Деновиве Централниот регистар времено го стопираше бесплатниот пристап на новинарите до информации за фирмите што ги истражуваат. Истовремено, правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во последниве месеци сè почесто се изигрува, па обидот да се добие одговор на некое прашање може да трае со месеци. И да заврши неуспешно.

БИРН имаше токму такво искуство. Од 29 јули се обидуваме да добиеме информација кој сè го советува премиерот Христијан Мицкоски и за колкав надоместок. Ваквите информации досега беа јавни, објавени на интернет страницата на владата, но сега не само што таму сè уште стојат имињата на советниците на претходниот премиер Димитар Ковачевски, туку не може да се добијат ниту со пристап до информации од јавен карактер.

„Зад негативните тенденции стојат главните“

Потрагата по информации од владата може да трае со недели | Фото: Влада на РСМ

Обидот да ги дознаеме имињата почна со обично прашање до поранешниот партиски портпарол, а сегашен државен службеник Наум Стоилковски. Но, откако не успеавме да дојдеме до одговор, на крајот на август испративме прашање во согласност Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Тој пак предвидува дека институцијата е должна да одговори во рок од дваесет дена. Во рок од неколку дена добивме кус допис дека нашето барање се одобрува, но одговор не стигна до истекот на законскиот рок.

На крајот на септември БИРН повторно испрати барање да ни се достават “сите поединечни договори со кои се ангажирани советниците и надворешните соработници на претседателот на Владата Христијан Мицкоски“.

Овојпат стигна допис, во кој, премиерската канцеларија практично го одложи одговорот.

Во документот на кој е потпишан шефот на премиерскиот кабинет Владимир Нелоски се наведува дека со „договор се ангажирани неколкумина надворешни советници“, но дека тимот сè уште е во фаза на доекипирање, а целиот список ќе биде објавен по неговото финализирање. Во овој одговор не беа вклучени ниту имињата, ниту договорите на веќе ангажираните советници кои БИРН ги побара.

Герман Филков, од Центарот за граѓански комуникации, организација која години наназад е рекордер по бројот на испратени барања за пристап до информации од јавен карактер вели дека и тие во последно време се соочуваат со обиди одредени институции да го изиграат правото да се добие информација.

Најчест изговор кој го добиваат е дека таа е класифицирана.

„Проблемот е што никој нема контрола врз тоа што и зошто една институција може да класифицира одредени информации, па произлегува дека штом добие барање за пристап, таа веднаш може да ги класифицира и со тоа да ги скрие од јавноста“ вели Филков.

Законот кој функционира од 2006 предвидува дека секоја институција мора да има назначено лице на кое секој граѓанин може да му се обрати со барања за информација од јавен карактер.

Ако не бидат испочитувани законските рокови, тогаш  граѓанинот може да поднесе жалба, а ако и по неа не ја добие информацијата, лицето задолжено да одговори, може да плати и  парична казна од 250 евра.

Филков вели дека луѓето за слободен пристап по институциите се исти, а се менуваат функционерите и раководителите.

„Поради тоа можам да заклучам дека зад секоја негативна промена на праксата во обелоденување на информациите, стојат токму тие, ‘главните’“, вели Филков.

Пристапот до Централен регистар на пауза

Централниот регистар ветува законски измени | Фото: БИРН

Од 2017 година, пак, со одлука на владата новинарите имаа бесплатен пристап до базата на Централниот регистар за да ги обезбедат потребните податоци за темите што ги истражуваат.

Условите и до сега беа далеку од идеални. Новинарите не добиваа лозинка за онлајн пристап, туку откако ќе упатеа писмено барање со потпис од уредник дека истражуваат за потребите на редакцијата, регистарот им овозможуваше на еден компјутер, кој инаку редовно го користи некој од вработените, да седнат и да ги проверат потребните информации.

Актуелното раководство на Централниот регистар одлучило дека одлуката на Владата од 2017 не може да биде над законот, според кој, надоместок не плаќаат „корисниците на средства од Буџетот на Република Северна Македонија од областа на законодавната, извршната и судската власт, и од единиците на локалната самоуправа“. Новинарите во актуелниот закон ги нема. Со тоа образложение регистарот ја стопира праксата за бесплатен пристап за новинарите.

„Од тие причини Централен регистар пристапи кон законски измени, кои се веќе подготвени и во тек се меѓуинституционални усогласувања“, велат од регистарот.

За разлика од кај нас, во соседните држави, на пример во Србија и во Бугарија, централните регистри се отворени и нудат многу повеќе податоци кои секој граѓанин на интернет може ги користи.

Отвореноста на регистрите во соседството и во Европа ја нагласува и  новинарот на  360 степени Александар Димитриевски кој вели дека  „следниот чекор не треба да биде дебата за бесплатни податоци за новинарите, туку отворање на базата за сите граѓани“.

„Централниот регистар, во суштина, е база на податоци. Не е приватна фирма која стопанисува со приватни податоци. Едноставно е – ако некому му треба официјален документ со потпис и печат или сетови на специфични податоци и натаму ќе си плаќа за услугата. Но, за сите други, не гледам зошто не може да се направи портал каде неслужбените основни податоци ќе бидат бесплатни“, вели Димитриевски.

Од Здружението на новинарите (ЗНМ), пак, веќе ја прашале владата за одлуката на Централниот регистар и добиле уверување дека не станувало збор за укинување, туку дека бараат начин законски да го официјализираат пристапот за новинарите.

„Очекуваме што побрзо уредување на ова прашање и се надеваме дека тоа нема да се одолговлечи“, вели извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Во меѓувреме не може да се утврди до каде се измените на законот, за кој, од Централниот регистар тврдат дека се завршени.

Ниту процедурата околу овие измени не влева доверба дека се прават со добра волја. Потребата од измени на законот не е соодветно искомуницирана со новинарите и со јавноста, нема никаква трага од нив на онлајн-базата каде што се објавуваат законите што се во процедура за менување, а владата често не ги објавува дневните редови од седниците, од кои може да се види дали и што е дискутирано за оваа легислатива.

Сè почестите обиди за намалување на транспарентноста според Филков„ само нè потсетуваат дека борбата за слободниот пристап до јавните информации, за жал, е секојдневна, долга и макотрпна и наместо да одиме напред во објавување на необјавеното, ние се враќаме назад“.