Македонија одамна ја прогласи денационализацијата за успешно завршена приказна. Уште во 2013 година, тогашната влада се фалеше дека решила 30.000 случаи, во кои сопствениците на имотот национализиран во времето на Југославија, или го добиле својот имот, или добиле компензација во форма на државни обврзници.
Меѓутоа, овој процес не е завршен за илјадници други што останаа заробени во навидум бескрајни правни процедури, кои се вртат во круг.
Околу 6.000 вакви случаи моментално се заглавени во процедура, од кои многу чекаа повеќе од две децении за решавање. Со нив, различни институции, како што се комисиите за денационализација, државното правобранителство, управните судови или судовите во повисоки инстанци, често си играат пинг-понг.
Многу баратели во овие случаи поднесоа претставки и до канцеларијата на народниот правобранител.
Правните експерти велат дека бавното темпо на овие правни процеси, кои требаше да се решат пред години, може скапо да ја чини државата во иднина. Некои веќе завршуваат и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„Гледам немоќно како се продава нашиот имот“
Во близина на селото Таор, веднаш до Скопје, Валентин може само да ја гледа големата парцела плодна земја, која, всушност, треба да биде негова и на неговото семејство.
Национализирана во 1950-тите од тогашните комунистички власти, парцелата главно лежи празна. Вели дека на неа има некои стари системи за наводнување изградени од државата, како и некои мали, приватни производствени капацитети.
„Тоа е причината зошто не го гледаме крајот“, вели Валентин, мислејќи на објектите изградени на неговата парцела.
Валентин и неговите роднини поднеле барање за денационализација во 2003 година. Тогаш единствениот проблем бил иригациониот систем, а во 2008 година, Комисијата за денационализација донела одлука во нивна корист, враќајќи им го најголемиот дел од земјиштето, со исклучок на делот со системот за наводнување, за што очекувале обесштетување со државните обврзници.
„Но, државниот правобранител се жалеше до управниот суд за оваа одлука и во 2010 година, денационализацијата беше поништена“, се сеќава Валентин.
Околу 6.000 случаи на денационализација моментално се заглавени во процедура, од кои многу чекаа повеќе од две децении за решавање
Тие се жалеле до Вишиот управен суд, поминале три години, а овој суд во 2013 година го вратил целиот процес кај Комисијата, или како што самиот вели, „на сам почеток“.
Повторениот процес сè уште е во тек, а Комисијата сѐ уште нема донесено нова одлука. Во меѓувреме, од 2011 година наваму, делови од сè уште државното земјиште се продадени на приватни инвеститори, што дополнително ја комплицира работата.
„Можам само да гледам немоќно како се подигаат приватни имоти на нашата земја. Државата требало да знае дека ова земјиште е прашање на правен спор и не требало да го продаде“, вели Валентин.
Сличен е случајот со земјиште од 212 хектари во Општина Илинден, за кое наследниците, кои инсистираа на анонимност, поднеле барање во 2002 година.
Но, секој пат кога Комисијата за денационализација давала позитивно мислење, Државното правобранителство се жалело и процесот се враќал на почеток. Комисијата сега инсистира дека ѝ требаат повеќе документи и податоци пред да издаде ново мислење.
Во меѓувреме, „земјата почна да се продава, плац по плац. Луѓето почнаа да градат таму“, вели еден од барателите.
„Поднесовме жалба против ова, ама не ни успеа. Сега мислам дека половина од земјиштето е веќе урбанизирано, а и новите газди се, исто така, заинтересирани да ја блокираат денационализацијата, бидејќи тие тврдат дека земјиштето си го купиле легално“, додава барателот.
Бавното темпо на овие правни процеси поврзани со денационализација, кои требаше да се решат пред години, може скапо да ја чини државата во иднина. Некои веќе завршуваат и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Поранешната членка на Државната антикорупциска комисија, Вања Михајлова вели дека најпроблематична е должината на постапките.
„Законот [за денационализација, донесен во 1998 година] предвидува дека овие постапки се итни. Сепак, со децении, голем број случаи сѐ уште се отворени“, вели таа.
„Прво се поднесува барање до првостепената институција, која донесува решение. Но, оваа одлука потоа може да се оспори пред управниот суд. Тогаш имате право на жалба до повисокиот управен суд“, објаснува таа.
„Но, наместо да го реши предметот, мериторно, повисоките судови ја враќаат постапката до првостепената институција или управниот суд, па така постапките се повторуваат бесконечно, а граѓаните не можат да ги исполнат своите права“, вели Михајлова.
„Според мене, Законот [за денационализација] не ги оправда целите за кои беше донесен, а тоа е враќање на одземениот имот на граѓаните. Се добива впечаток дека намерата е да се најде и најмал пропуст за да не се врати имотот“, вели таа.
„Комплицираните случаи“ ги забавуваат работите
Од канцеларијата на народниот правобранител велат дека примиле околу 5.000 претставки за случаи со денационализација.
Граѓаните најчесто се жалат на „неажурност, неефикасност или за нестручност“ од страна на државните институции задолжени за решавање на нивните случаи, велат од канцеларијата на народниот правобранител.
Граѓаните се жалат дека главната пречка во нивните предмети се или Државното правобранителство, кое може да поднесува жалби против решенијата за денационализација, или, пак, самите комисии за денационализација, кои честопати ги одолжуваат одлуките со години.
Државното правобранителство, кое ги штити интересите на државата, од друга страна, инсистира дека најголемиот дел од претставките пред судовите не ги поднесуваат тие, туку други незадоволни граѓани, а причината за застојот на постапките, велат, треба да се бара во судовите.
„Законот [за денационализација] не ги оправда целите за кои беше донесен, а тоа е враќање на одземениот имот на граѓаните. Се добива впечаток дека намерата е да се најде и најмал пропуст за да не се врати имотот“, вели поранешната членка на Државната антикорупциска комисија, Вања Михајлова
Диме Ѓорчевски, адвокат од Скопје, вели дека „во сржта на овие предизвици лежи структурата на комисиите за денационализација, каде што првично се донесуваат одлуки за барањата на граѓаните. За жал, овој процес е попречен од недостигот од континуитет во комисиите низ годините. Секој нов министер за финансии има овластување да формира нови комисии, што доведува до недоследност и непредвидливост“.
Тој додава дека „критериумите за избор на членови на комисијата не се регулирани, а бројот на членови и условите варираат по проценка на министерот. Во моментов, некои комисии не работат поради недостиг од членови, што предизвикува одложување на целокупната процедура“.
Згора на тоа, Ѓорчевски вели дека оваа процедурална неефикасност, која доведува и до тоа некои од предметите да не можат ни да се следат, не е санкционирана.
„И процедурниот пат од Комисијата за денационализација до Управниот и Вишиот управен суд не е без предизвици, а отчетноста е значајна грижа. Недостигот од санкции и механизми за одговорност создава ситуација во која одговорните страни можат да ги избегнат последиците“, вели тој.
Ѓорчевски додава дека граѓаните се финансиски исцрпени од долгите правни битки, а честите одбивања од страна на комисиите „ги остава обесхрабрени и неспособни да ја следат правдата“.
Поранешен член на една регионална комисија за денационализација, чиј мандат завршил пред една деценија, под услов да остане анонимен, изјави за БИРН дека во многу случаи тоа не зависи од нив, бидејќи ситуацијата на терен често била комплицирана.
Од канцеларијата на народниот правобранител велат дека примиле околу 5.000 претставки за случаи со денационализација. Граѓаните најчесто се жалат на „неажурност, неефикасност или за нестручност“
„Комисиите се занимаваа со исклучително комплицирани случаи, каде што, на пример, имотот не може да биде предмет на денационализација бидејќи тоа е правно спорно меѓу повеќе баратели од едно исто семејство, односно наследници, или меѓу претходните баратели [сопственици] и новите сопственици што го купиле земјиштето и имаат одредени интереси, а и права. За овие процеси е потребно време за да се собере целата документација, да се расчистат сите спорови“, одговори тој.
Европската комисија, во последниот годишен извештај за Северна Македонија, минатиот јули, забележа дека повеќе од 5.000 „случаи за денационализација сè уште се во првостепена фаза на решавање“.
„Процесот на спроведување на правата на сопственост во Северна Македонија бара подобрувања бидејќи тековните процедури се долги и скапи за граѓаните поради недостигот од централна институција и недостигот од координација меѓу 64-те институции што се занимаваат со овие права“, се вели во извештајот.
И верските заедници се незадоволни
Покрај граѓаните, на бавното темпо се жалат и двете најголеми верски заедници во Македонија, Македонската православна црква, МПЦ, и Исламската верска заедница, ИВЗ.
Во 2021 година, ИВЗ доби некои од своите стари имоти во Старата скопска чаршија и неколку парцели во Гостивар. Но, се жалат дека многу други барања останале заглавени со години. Пандемијата уште толку ги забавила, бидејќи во тоа време не се состанувале комисиите за денационализација.
Меѓу спорните имоти е Хусамедин-пашината џамија во градот Штип, национализирана во 1955 година. ИВЗ тврди дека владата ја спречила да ја врати сопственоста на џамијата поради нејзината висока вредност.
Сопственоста на комплексот Харабати Баба Теќе во Тетово, седиште на нерегистрираната заедница Бекташи, исто така, останува спорна меѓу двата верски ентитета.
Извештајот на САД за 2022 година, за практиките на човековите права во Северна Македонија ги нотира овие незадоволства.
„И покрај напредокот во враќањето на верските имоти, верските заедници се пожалија на бавните судски постапки. Исламската верска заедница на Северна Македонија продолжи да тврди дека владата не обезбедила соодветна и навремена реституција за имотот запленет во периодот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, често тврдејќи дека тоа се должи на високата вредност на одземените имоти“, се вели во извештајот.
На бавни процеси и чести сопки се жалеше и МПЦ, која пред две години рече дека повеќе од 90 отсто од позитивните решенија на Комисијата за денационализација им биле обжалени од Државното правобранителство.
Сомнежи за корупција
Михајлова, вели дека „кај ниту една влада нема волја да го забрза процесот“.
„Во земји како Словенија, Романија, Чешка или Словачка, работите беа решени многу бргу откако на власт дојдоа наследниците на тие што имаа национализирани имоти. Но, овде секоја влада назначува нови членови на комисиите, кои се или нестручни, или немаат волја и интерес побргу да ги решаваат предметите, бидејќи тие се платени секој месец, во зависност од тоа на колку предмети работат“.
Таа вели дека „иста е приказната и со Управниот суд. Тие, наместо мериторно да ги решаваат споровите, си играат пинг-понг и ги враќаат случаите на почеток“.
Таа се сомнева дека корупцијата често е вистинската причина поради која овие постапки се одолжуваат.
„Сум видела конкретни случаи каде што предметите неколку години биле чувани во фиока од членови на комисијата [за денационализација]. Без никакви санкции. Она што веројатно треба да се испита е потеклото на имотот на членовите на комисиите. Антикорупциска треба да почне да го испитува нивниот имот. Па, ако има основа да се поднесат и кривични пријави“, вели Михајлова.
Адвокатот Ѓорчевски вели дека „сѐ додека нема санкции и додека некој не одговара за својата работа, нема да има правда“.
Тој вели дека и самиот поднел кривична пријава во врска со една постапка за денационализација во која е ангажиран.
„Како одговор на овие предизвици, презедов чекор да поднесам кривична пријава за неизвршување одлука на Вишиот управен суд, истакнувајќи ја итната потреба од одговорност. Тековните постапки во обвинителството и судот имаат за цел да ги решат овие прашања, иако исходите се чекаат“, вели тој.
Доцнењето може да чини двојно
Од 2002 година, Министерството за финансии е обврзано еднаш годишно да издава обврзници за случаите на денационализација што ги добиваат приватни или правни лица кога имотот не може едноставно да им се врати на сопствениците.
Последната емисија беше во ноември 2023 година, кога Министерството за финансии издаде обврзници во вредност од 4,5 милиони евра.
„Ова беше за сите правосилни пресуди за денационализација во периодот од јануари до декември 2022 година“, велат од Министерството.
Министерството досега има издадено вкупно 22 транши обврзници, во вредност од околу 395 милиони евра.
Но, Министерството, во чиј состав работат комисиите за денационализација, не може точно да каже колку пари граѓаните и правните лица сè уште бараат од државата.
„Бидејќи во повеќето случаи, предмет на барање е враќање на реалниот имот, а не компензација, за пари можеме да зборуваме дури по завршувањето на овие процеси“, велат од Министерството.
Во земји како Словенија, Романија, Чешка или Словачка, работите беа решени многу бргу откако на власт дојдоа наследниците на тие што имаа национализирани имоти. Но, овде секоја влада назначува нови членови на комисиите, кои се или нестручни, или немаат волја и интерес побргу да ги решаваат предметите
Михајлова предупредува дека кога имотите не можат да им се вратат на барателите со децении, алтернативата секогаш не се сведува само на државни обврзници.
Доколку имотот е веќе продаден на друг сопственик, државата би можела да заврши со обесштетување и на првичните сопственици, но и на новите инвеститори, доколку вторите се жалат дека биле измамени за да поверуваат дека купуваат легално чисто земјиште или имот.
„Во оваа ситуација се соочуваме со двојна штета. Прво, сопствениците не можат да си го вратат имотот, иако треба да имаат законски начин да го сторат тоа. Второ, тие што изградиле на ова земјиште откако законски го купиле од државата, исто така треба да бидат обесштетени доколку имотот им се врати на првобитните сопственици“, вели таа.
Бројот на жалби во судот во Стразбур, исто така може да се зголеми. Досега бројот на вакви случаи е релативно мал.
Последната пресуда Стразбур ја објави во декември 2023 година. Во случајот „Насков и други против Северна Македонија“, тужителите, чиј процес за денационализација заглавил, се жалеа на повреда на нивното право на „мирно уживање во имотот“ и добија нематеријална отштета. Судот ѝ даде на Северна Македонија уште неколку месеци да го реши овој случај, велејќи дека подоцна ќе го разгледа повторно.
Михајлова објаснува дека Стразбур може да досуди отштета на барателите за повреда на нивното право да го уживаат вистинскиот имот, за судски процеси во неразумен рок, но дека нема реален механизам за забрзување на денационализацијата.
„Поентата е дека процесот [на денационализацијата] треба да профункционира овде, во нашата земја, а не во странство“, вели Михајлова.