Balkan Insight

Тик-ток, платформа за „слатшејминг“ на жени и девојки на Балканот

БИРН анализираше 427 Тик-ток видеа што таргетираат жени и девојки, во осум земји во регионот

Пред седум години, кога Нора имала 13 години, по кошаркарскиот натпревар се фотографирала пред огледало, облечена во спортски шорцеви и во кратка маичка. Оваа фотографија ја споделила со своите пријатели на Снапчет (Snapchat). Но, кога момче од друго одделение во нејзиното училиштето во Косово, без нејзина согласност ја споделило фотографијата, започнало злоставувањето.

Постари девојчиња почнале да ја напаѓаат, а момчиња да ја сексуализираат.  „Слатшејмингот“ се ширел од една на друга платформа на социјалните мрежи.

„Срамот и таргетирањето беа тежок товар, особено за едно 13-14 годишно дете“, раскажува Нора (ова не е нејзиното вистинско име) .

Нора се согласи да разговара откако одговори на онлајн-прашалникот на БИРН во врска со сексуалното срамотење – феномен дефиниран од Европскиот институт за родова еднаквост (ЕИРЕ), како „стигматизирање на жените и девојките врз основа на нивниот изглед, сексуалната достапност и реалното или перцепирано сексуално однесување“.

Додека пие чај, еден студен декемвриски ден во Приштина, таа раскажува дека ова злоставување се повторило – сега на Тик-ток, каде што на профил со над 3.300 следбеници и 96.000 лајкови, биле споделени видеа направени од преземени фотографии од нејзините и од профилите на нејзиното момче на социјалните мрежи под кои имало погрдни коментари.

Заклучно со февруари, од овој профил биле споделени 142 видеа, кои привлекле повеќе од осум милиони прегледи, а со кои, во многу случаи, биле малтретирани девојки или жени од Косово, вклучувајќи ја и Нора и нејзините пријателки.

Користејќи ја методологијата на „Bellingcat“, базирана на алгоритмот за анализа на хаштаг, а персонализирана за БИРН од албанските ИТ-експерти Клодијан Малоку и Ерјон Курај од „Наука и иновации за развој“, БИРН ги анализираше хаштазите со зборот „курва“, напишани на повеќето балкански јазици. Се користеше и директно пребарување, алгоритмот за машинско учење на Тик-ток, како и онлајн-прашалникот на БИРН (ECR) за собирање лични сведоштва на жени и небинарни лица.

Врз основа на анализата на содржината и разговорите што ги имаше со експертите, БИРН откри дека Тик-ток низ целиот Балкан се користи за малтретирање жени и девојки што имаат секојдневни активности – фотографираат, снимаат видеа, излегуваат навечер или танцуваат.

Во период од неколку недели, БИРН идентификуваше 427 видеа објавени меѓу септември 2020 и ноември 2023 година, со кои сексуално се срамотат девојки и жени; видеата се споделувани од 43 профили на Тик-ток, во Косово, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија. Севкупно, тие се прегледани повеќе од 30 милиони пати, а под секое видео се објавени десетици, понекогаш и стотици навредливи коментари.

Ниту една од осумте анализирани земји не го дефинира интернет-вознемирувањето (cyberbullying) како посебно кривично дело, што значи дека сексуалното срамотење треба да се казни како друг кривичен прекршок – на пример, родово базиран говор на омраза, демнење или неовластено споделување туѓи фотографии.

Кон крајот на октомври, Комитетот за женски права и полова еднаквост на Европскиот парламент, повика овој феномен да се дефинира во рамките на законот за говор на омраза и злосторство од омраза. Од осумте земји анализирани за овој текст, само Хрватска и Словенија се членки на ЕУ.

Алтин Хазизај, извршен директор на невладината организација Центар за човекови права на децата од Албанија, која се бори против интернет-вознемирување малолетници, за БИРН вели дека првиот случај на „слатшејминг“, пријавен на телефонска линија на неговата организација „I Sigurt“ (Безбеден), се случил на Јутјуб во 2016 година. Оттогаш, Тик-ток ја презема контролата.

„Колку е попопуларна платформата, толку повеќе ќе има случаи на слатшејминг и на онлајн сексуално насилство врз децата“, нагласува Хазизај. Сторителот честопати ја познава личноста што му е цел, а мотивот е да добие „контрола“ врз неа.

Од Тик-ток не добивме одговор на барањата за коментар за овој проблем.

 Кога секојдневни активности привлекуваат злоупотреба

427-те видеа на ТикТок што ги анализираше БИРН, спаѓаат во четири категории: директно таргетирање на случајни корисници или жени и девојки (318 видеа), „слатшејминг“ култура (51 видео), видеа снимени на јавни места (30 видеа) и „слатшејминг“ на јавни личности (18 видеа)

Илустрација | БИРН

Содржината што ја анализираше БИРН опфаќа фотографии и видеа на жени и девојки вклучени во секојдневни активности, виртуелно или во реалниот живот, како танцување, пеење, дружење или учество во трендови на социјалните мрежи.

Во повеќето случаи, тие, од други корисници што оставиле коментар, се засрамувани и нарекувани со погрдни имиња.

На едно од видеата што ги анализираше БИРН, се Нора и нејзините пријатели како дел од Тик-ток трендот на креирање синхронизирани видеа. Нивното видео,  повторно без да биде побарана согласност, е споделено со конкретни навреди за сите што учествуваат во него. Навредливиот јазик продолжува и во другите  коментари под него.

„Без разлика колку пати го пријавивме, профилот не е затворен“, вели Нора. „Со Инстаграм беше поинаку, бидејќи обично може да се затвори профил, ако го пријават голем број поединци“.

Во соседна Албанија, жена што има над 1.000 следбеници и 75.000 прегледи на Тик-ток, редовно таргетира жени вработени во јавниот сектор, обвинувајќи ги дека со сексуални активности напредуваат во кариерата.

Шест од видеата што ги анализираше БИРН прикажуваа случајно избрани жени што танцуваат во ноќни клубови.

Тенка линија меѓу виртуелноста и реалноста

Експертите и жртвите велат дека „слатшејмингот“ сериозно може да му наштети на менталното здравје на таргетираните лица.

На 12 февруари оваа година, полицијата на Албанија соопшти дека уапсила 39-годишен маж осомничен дека „предизвикал самоубиство“ на 27-годишна жена.

„Овој граѓанин, наводно, објавил интимна фотографија (на Тик-ток) од 27-годишната жена, која наводно поради тоа се фрлила од тераса од четвртиот кат и починала од повредите“, соопшти полицијата.

И локалните медиуми потоа ја објавија фотографијата, што предизвика осуда од групите за женски права.

Само еден месец претходно, уште една жена во Албанија, 41-годишната Бедрие Лока почина откако испи отров. Првично, причината за нејзиното самоубиство се припишуваше на навредлива содржина насочена кон Лока на Тик-ток, објавена на профил за кој медиумите подоцна објавија дека припаѓал на нејзин роднина.

Кратко потоа, уапсен беше сопругот на Лока, Џемал, поради сомнение дека „предизвикал самоубиство“. Локалните медиуми објавија видеа што ги направиле нивните деца, а на кои се гледа како Џемал ја малтретира сопругата, а во медиумските објави беа цитирани децата, дека нивниот татко често ѝ се заканувал на нивната мајка.

Влијанието на сексуалното срамотење или другите форми на родово базирано насилство врз менталното здравје е исто, без разлика дали се случува на интернет или надвор од него, објаснува Бинд Скеја, извршен директор на Центарот за информирање и социјално унапредување со седиште во Косово, кој работи на проблемите со менталното здравје.

„Поединците што почнуваат да размислуваат за самоубиство, обично се во ситуација кога чувствуваат дека нема излез“, вели Скеја.

„Одговорноста за наоѓање излез секогаш паѓа на жртвата, а треба да биде на општеството и на професионалците за ментално здравје“, нагласува за БИРН.

Меѓу лицата што одговорија на прашалникот на БИРН е и небинарно лице од  Македонија, кое сведочи дека сексуалното срамотење му предизвикало „депресија, анксиозност, маѓепсан круг на нездрави романтични врски, а, исто така, и траума“.

„Бев изложен на социјалните мрежи со фотографии што се сметаа за ‘провокативни’ и многу луѓе ги споделуваа, вклучително и онлајн-медиумите, бидејќи тогаш бев дел од студентско движење во мојата родна земја“.

Нора, која првпат била цел на напад кога имала 13 години, вели дека нејзиното семејство ја поддржало, но оти други семејства заземаат поинаков став.

„Многу девојчиња што ги познавам, откако нивните семејства дознале за слатшејмингот, се најдоа под силна родителска контрола, што го влоши нивното ментално здравје“, нагласува таа.

Законски ограничувања

Директно пребарување на Тик-ток, за зборот „курва“на повеќето јазици што се зборуваат во балканските земји | Фото: БИРН, Денис Словиња

Ниту „слатшејмингот“, ниту интернет-вознемирувањето не се посебни кривични дела во ниту една од осумте земји опфатени со анализата, но тие можат да се третираат со законодавството, кое опфаќа други кривични дела.

Меѓутоа, властите честопати дејствуваат кога е веќе предоцна.

На 19 февруари, албанскиот министер за внатрешни работи, Таулант Бала се сретна со директорот за јавна политика и односи со владите за Централна и Источна Европа на Тик-ток, Јакуб Олек, од кого побара контакт лице со кое ќе може да комуницира албанската полиција, како и зголемен мониторинг на содржината на албански јазик.

Веднаш по самоубиството на Лока, албанскиот министер за правда, Улси Мања се огласи на Фејсбук, повикувајќи ги граѓаните на Албанија да реагираат на интернет-вознемирувањето „да почнеме од нашите деца и семејства и да не ја чекаме следната жртва по Бедрие Лока, како држава треба да ги преиспитаме нашите закони“.

Законите можат „лесно да се унапредат“, вели Хазизај. Но, во повеќето случаи „институциите не се способни да понудат заштита поради ограничувањата во човечките капацитети, што ја зголемува недовербата во институциите“.

Нора, за БИРН, истакнува дека, во нејзиниот случај, најмалку шест лица се обиделе да ги пријават профилите со навредлива содржина во косовската полиција. Одговорот, вели таа, бил секогаш ист: „ИП-адресите на сопствениците на профилите не можат да се откријат, без директен контакт со профилот“.

Говорот на омраза заснован на родовата или сексуалната ориентација е содржан во кривичните закони на Македонија, Косово и Црна Гора. Во Албанија, само ако е базиран на сексуалната ориентација, додека во црногорскиот кривичниот закон, говорот на омраза заснован на родот и сексуалната ориентација се зема само како „отежнувачки“ фактор.

БИРН побара коментар за вознемирувањето на интернет од министерствата за правда во сите осум анализирани држави.

Никола Прокопенко, државен советник во Министерството за правда на Македонија, вели дека парламентот го изменил Кривичниот законик во февруари 2023 година, за да го криминализира „интернет-вознемирувањето и родовото насилство“ во делата „загрозување на безбедноста“, „демнење“, „сексуално вознемирување“, „предизвикување национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост“ и „ширење расистички и ксенофобичен материјал со помош на компјутерски систем“.

Роланда Стафа, координаторка за правата на информации во албанското Министерство за правда, за БИРН изјави дека, иако кривичното законодавство експлицитно не го предвидува интернет-вознемирувањето како кривично дело, но кривичните дела „навреда“, „клевета“, „неправично мешање во приватниот живот“ и „демнење“ се казниви, дури и во „случаи на онлајн-објави, коментари или која било друга форма може да влијаат врз достоинството и моралот на една личност од секој род“.

Од словенечкото Министерство појаснуваат дека „интернет-вознемирувањето е детерминирано во Кривичниот законик како кривичното дело демнење“, а од хрватското, дека тоа е опфатено во рамките на неколку кривични дела, при што  на сторителот му се заканува построга казна кога делото е сторено преку „печат, радио, телевизија, компјутерски систем или мрежа, на јавен собир или на друг начин ако стане достапно за поголем број луѓе“.

Црна Гора и Србија, исто така, го криминализираа демнењето преку „други средства за комуникација“. Косово има слично објаснување за кривичното дело вознемирување.

Инаку, од министерствата за правда на Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија не одговорија на барањето на БИРН за коментар. Сите четири држави го имаат  криминализирано „неовластеното објавување и презентацијата на туѓи текстови, портрети и снимки“. Хрватска и Црна Гора, пак, го криминализираа и „неовластеното користење лични податоци“.

Фисник Џелили од невладината организација „Молекуќа“ (Mollëkuqja) од Македонија смета дека државните институции не прават доволно „затоа што во дигиталниот свет регулативите во нашата земја не се добро дефинирани, па дури и таму каде што постојат регулативи, тие не се имплементираат соодветно“.

Жртвите на родово базирано насилство, со кои е во контакт неговата невладина организација, велат дека полицијата им вели „само да си одат дома“, истакнува Џелили за БИРН.

„Најмногу ме повредуваат коментарите и поддршката на насилниците“

„Слатшејминг“ коментари на Тик-ток | Фото: БИРН

Неволјата на Нора ја погодила и нејзината помлада сестра, која поради содржина на Тик-ток насочена кон нејзината сестра, била малтретирана на училиште.

Профилот од кој се упатени навредите сè уште се користи и сè уште добива поддршка од следбениците.

„Она што најмногу ме повредува е кога гледам коментари што се занимаваат со гласини. Наместо да го пријават профилот за да згасне, тие му даваат материјал за да продолжи“, вели Нора.

Бесарта Брезница, службеничка на програмата за решавање на прашањата на родово базираното насилство од невладината организација „Мрежа на жени на Косово“, вели дека „жените и небинарните лица често се обвинуваат врз основа на начинот на кој тие се облекуваат или се однесуваат, што ја зајакнува културата на силување, на која ѝ претходи патријархалниот менталитет“.

Хазизај, пак, дополнува дека дошле до заклучок дека оние што вршат „слатшејминг“, најчесто се група момчиња, кои сексуално ги вознемируваат девојчињата во реалниот живот.

„Почнува со слатшејминг за да може физички да допрат до нив, а тоа често е и чекор пред потенцијално силување“, вели тој.

Според Брезница, покрај недостигот од законска рамка, „жртвите имаат тешкотии да зборуваат за овој вид насилство во семејството, а уште потешко им е тоа да го пријават на властите“.

Небинарното лице од Македонија, кое одговори на прашалникот на БИРН, објаснува дека за она што му се случило, не им кажало на своите родители или законски старатели, ниту, пак, на некој друг член на семејството.

„Се плашев дека ќе ме обвинат мене, тие не би разбрале“, вели ова лице.

Во повеќето случаи, нагласува Хазизај, кога малтретирањето е кривично дело, жртвите се премногу исплашени за да пријават во полиција.

„Татко ми ќе ме убие“, цитира тој изјави на повеќемина.

„Не се работи само за засрамување преку интернет, туку и во семејството, на работа и така натаму“, заклучува тој.

Нора вели дека се плаши за својата иднина.

„Она што уште повеќе ме загрижува во овој момент, е што ова се случува континуирано, сега, и во уште поголем обем“, нагласува таа за БИРН. „Што ќе се случи кога ќе се најдам во ситуација да барам работа, а тие ќе ја видат оваа содржина со едно, едноставно пребарување на интернет?“.

„Системски е. Истите зборови, истото таргетирање, истото понижување, одново и одново“, вели таа.

 

СОС линии на INHOPE во земјите од Југоисточна Европа – пријавете онлајн-материјал што се однесува на сексуална злоупотреба на деца.

Најлесен начин да се затворат таквите профили, особено оние што целат на малолетници, е да ги пријавите на локалните СОС телефонски линии, кои се дел од глобалната СОС телефонска линија на INHOPE, која работи на идентификување и отстранување онлајн-материјали што се однесуваат на сексуална злоупотреба на деца.