„Се гушиме! Нè гушат!“, вознемирено вели триесетгодишниот Благој, кој учествуваше на последниот протестен марш низ Битола. Благој не е неговото вистинско име, го нарековме така бидејќи сакаше да го заштити идентитетот.
Тој им се придружи на стотината други загрижени граѓани, кои секоја година се собираат во центарот на градот, за да го искажат своето незадоволство од постојаните проблеми со загадувањето на воздухот – кој преставува степен на уништување на животната средина, што тешко дека може да се посведочи на друго место во Европа.
Планинскиот врв Пелистер, кој е во центарот на националниот парк на надморска висина од 2.601 метар, гледа кон Битола, но жителите често не можат да го видат поради густите магла и смог што го покриваат овој македонски град, особено во зимските месеци, кога расте потрошувачката на струја поради грејната сезона.
Нивото на ПМ10 честички во центарот на Битола е вознемирувачки високо и понекогаш го надминува дозволениот лимит за повеќе од пет пати.
„Имаме планини, но дишеме чад, нашите деца немаат свеж воздух“, ни вали нашиот соговорник.
Воздухот најмногу се загадува поради работата на рударско-енергетскиот комплекс РЕК Битола. Термоцентралата користи нискокалоричен јаглен од околината на Битола за да произведува струја. Лигнитот е најнискокалоричен јаглен, кој во својот состав има сулфур и азот и при согорувањето испушта големи количества опасни честички.
Термоцентралата е дизајнирана да работи на лигнит. Уште полошо, таа нема филтри за отстранување на сулфур диоксидот (SO2) од издувните гасови. Извештајот објавен од Bankwatch и CREA во септември 2021 година откри дека РЕК Битола е регионално четврти највисок емитер на SO2 во 2020 година, испуштајќи сулфур диоксид 3,3 пати повеќе од дозволеното.
„РЕК Битола е одговорен за над 90 отсто од сулфурниот оксид што се испушта во државава“, тврди невладината Еко-свест Скопје, која ја следи употребата на јагленот како извор на енергија и неговите негативни влијанија врз животната средина.
Меѓутоа, состојбата не се влошува само на еколошки план, туку работата на РЕК Битола има негативно влијание и врз културното наследство во овој регион.
Благој и неговите истомисленици протестираа и против проширувањето на рударските капацитети на термоцентрала кон наоѓалиштето на јаглен наречен Живојно. Овој проект не претставува закана само за животната средина, туку и за Влахо, најстарата неолитска населба во Македонија, која, покрај наоѓалишта за лигнит, има и археолошки богатства.
Така, археолошкиот локалитет Влахо се најде во центарот на „битка“ меѓу, од една страна, општината и државата, а од друга, археолозите, екоактивистите и мештаните.
Oткако локалните археолози алармираа дека на локалитетот се уништува големо историско наследство, се поставуваат сериозни прашања за властите и за компанијата што ја доби концесијата за изградба и за експлоатација на рудникот Живојно, но и за судскиот процес во врска со уништувањето.
Судот ја казни компанијата-концесионер, меѓутоа законот предвидува блага казна, во овој случај само речиси 6.000 евра, што е незначителна сума во споредба со непоправливата штета направена врз македонското историско наследство, велат археолозите.
„Тоа што ќе го откопаат во Влахо, на крајот ќе нè истреби“, воздивнува Благој.
Неолитски артефакти обвиткани во лигнит
Под локалитетот Влахо се пронајдени значителните резерви на лигнит, и тоа беше причина за конфликтот меѓу потребата од електрична енергија и зачувувањето на културното наследство.
На истото место е сместено и наоѓалиштето за јаглен Живојно. Имено, државната компанија за производство на струја, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), во својот развоен и инвестициски план проценува дека на тоа место има резерви со лигнит од 53 милиони тони.
Според Глобал енерџи монитор, планот е во првата година од функционирањето на рудникот Живојно да се ископа еден милион тони од површината што се простира на 25 хектари, за подоцна наоѓалиштето да се прошири за уште 25 хектари и да се зголеми ископот на приближно два милиони тони годишно.
Одлуката за отпочнување постапка за доделување на рударската концесија кај Живојно официјално беше објавена во Службен весник на 4 јули 2019 година.
Со одлуката, владата беше задолжена да формира комисија што ќе го спроведе јавниот повик и ќе ја изработи тендерската документација. По овој процес, концесијата беше доделена преку јавно наддавање спроведено по електронски пат.
Одлуката за доделување на концесијата на фирмата „ЈМП КОП интернационал“ ДОО Битола беше објавена на 28 јануари 2020 година. Во неа, експлицитно се наведува областа што е под концесија, времетраењето на концесискиот период (шест години) и предвидениот износ што треба компанијата да ѝ го плати на државата.
Овој проект е категоризиран во групата проекти за кои е задолжително да се има оцена на влијанието врз животната средина и, следејќи ја таа обврска, на 7 април 2022 година, на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање беше објавен извештај за животната средина поднесен од ЕСМ.
Потоа, на 27 септември 2022 година, владата го прифатила предлогот на „ЈМП КОП Интернационал“ за експропријација на земјоделското земјиште во Живојно, кое било во приватна сопственост. Целта на оваа експропријација на земјиштето, според компанијата, била „да се олесни обезбедувањето јавни услуги во секторот енергија и суровини“.
Позитивната одлука, евидентирана во записникот од 85-та седница на владата од 27 септември 2022 година, е достапна на веб-страницата на Владата.
Недостигот од какви било информации за контакт на компанијата, како што се адреса, е-пошта или телефонски број, предизвикува загриженост за отвореноста и за транспарентноста на целиот процес.
БИРН, во напорите да стапи во контакт со „ЈМП КОП Интернационал“, откри дека седиштето на компанијата е лоцирано на улицата Димитар Илиевски Мурато бр. 24/А, во Битола. Претходно, седиштето било во Скопје.
Сопственици на компанијата се Панајотис Анастасиадис и Дрилон Ајдини, за кои има малку јавно достапни податоци.
Со цел да добие коментар, БИРН, во повеќе наврати, ѕвонеше на телефонот на „ЈМП КОП Интернешнл“, но никој не се јавуваше.
Компанијата почна со ископување.
И бргу почнаа да се појавуваат проблеми.
Уништување на минатото и иднината
Во февруари годинава, гневот на јавноста еруптираше кога се дозна дека првичните активности на „ЈМП КОП Интернационал“ за отворање на рудникот Живојно, извршени меѓу ноември 2022 и март 2023 година, предизвикале значително уништување на културниот локалитет Влахо.
Според археолозите, урнат е источниот дел од локалитетот, а нанесени се и оштетувања на археолошките слоеви на северната страна.
Благодарение на геомагнетното скенирање на локалитетот што го направи Управата за заштита на културното наследство пред почетокот на ископот, има доволно информации за археолошката содржина и за опсегот на неолитската населба, за да се направи прецизна проценка на сè што е уништено.
„Станува збор за огромен број неолитски садови, макети на куќи, фигури, накит, алатки од коски, секири и ножеви – односно предмети што луѓето во праисторијата ги користеле во секојдневните активности, но и при ритуалите“, вели за БИРН, д-р Гоце Наумов, раководител на археолошките истражувања на локалитетот на Центарот за праисториски истражувања.
Наумов вели дека, земајќи го предвид фактот колку биле напредни неолитските занаетчии во Пелагонија, некои од уништените артефакти би можеле да се сметаат за ремек-дела на нивното време.
„Тоа важи и за уништените градби – т.е. живеалишта и работилници од глина – кои претставуваат извонреден одраз на неолитската архитектура“, вели Наумов.
„Во тој поглед, штетата е од огромни размери, а вредноста на уништените артефакти и згради е огромна бидејќи се однесува на милиони предмети и на стотици згради“, додава тој.
Невладината организација „Еко-свест“, исто така, ја критикуваше проценката на влијанието врз животната средина.
„Проектот за отворање на рудникот Живојно доби дозвола за работа врз основа на проект што е нецелосен и недоволен во анализирањето на влијанијата [на рудникот] и во давањето мерки за заштита“, изјави за БИРН, Ана Чоловиќ Лешоска, од „Еко-свест“.
„Еко-свест“ тврди дека при правењето на проектот за отворање на рудникот Живојно, требало да бара потемелна проценка, која би ги опфатила и социо-економските параметри, како и културните објекти, поради природата на самата активност и фактот дека проектот е на сосема нова локација.
Невладината тврди дека доколку била спроведена таква целосна проценка, можело да се избегнат оштетувањата на локалитетот Влахо и неговото археолошко богатство.
Жителите на околните села, активистите за заштита на животната средина и – најмногу – археолозите велат дека сите работеле напорно за да ја нагласат важноста од спроведување сеопфатно археолошко истражување пред да почне некоја голема индустриска операција на локацијата.
„Меѓу другото, на имателите на наведената дозвола [„ЈМП КОП Интернешнл“] првично им беше кажано дека е најдобро оваа локација целосно да се изземе од концесиското поле“, вели за БИРН, д-р Мери Стојанова, директорка на НУ Завод и музеј Битола.
Сепак, и покрај овие предупредувања од надлежните институции, како Националната установа Завод и музеј Битола, чија основа е заштита, организирање, научно анализирање и прикажување на културното наследство во Општина Битола, компанијата-концесионер продолжи со своите активности за ископување – и со тоа уништи значителен дел од археолошкиот локалитет.
Останува нејасно кој орган, дали во ЕСМ или во општината, ѝ дал зелено светло на „ЈМП КОП Интернешнл“ да работи, и покрај сугестиите од НУ Завод и музеј Битола, која е одговорна за археолошкиот локалитет Влахо.
На 10 март, НУ Завод и музеј Битола даде стручно мислење, со кое се потврдува дека сите рударски активности на наведеното концесиско поле кај Влахо треба да се вршат само по претходно завршување на заштитните археолошки истражувања.
Минимална казна за максимална штета
Скандалот доби пресврт во јуни, кога битолското јавно обвинителство побара судско рочиште за предложена спогодба за направената штета со компанијата и со нејзиниот управител именуван само како Г.С.
Спогодбата наводно вклучува условна казна затвор од една година за управителот на компанијата.
Таа предвидува фирмата да не смее да преземе никакви активности за експлоатација на јаглен во областа додека не се завршат заштитните археолошки истражувања на сметка на компанијата, согласно насоките утврдени од стручни лица од НУ Завод и музеј Битола и Управата за заштита на културното наследство.
По завршувањето на истражувањето, експлоатациските активности на локалитетите треба да се вршат само во согласност со она што е утврдено со заштитните археолошки истражувања.
Компанијата е должна да обезбеди и пари за тригодишно истражување и да дозволи непосреден археолошки надзор од стручно лице избрано од НУ Завод и музеј Битола за целиот планиран обем на експлоатација.
Компанијата е казнета со 360.000 денари (5.850 евра), а треба да ги надомести правните и другите придружни трошоци поврзани со случајот.
Археолошките експерти, невладините организации, јавноста и медиумите оттогаш ја доведуваат во прашање пропорционалноста на казната договорена меѓу страните, со оглед на размерите на уништувањето.
Последното истражување на археолозите, кое за БИРН го потврди д-р Наумов, покажа дека штетата направена врз историското наследство, далеку ја надминува сумата за која страните се договориле.
„Ќе имаме поопширни информации за оваа [прва] фаза од истражувањето откако нашите колеги ќе успеат да ги усовршат резултатите од неодамна завршените заштитни археолошки истражувања“, изјави, за БИРН, д-р Стојанова од НУ Завод и музеј Битола.
Неодговорени прашања, гласна порака
Иако скандалот со штетите на локалитетот Влахо остава сè уште многу неодговорени прашања, д-р Наумов вели дека аферата ги истакнува важните прашања за односот на државата кон грижата за нејзиното историско богатство.
„Штетата е огромна, бидејќи овие предмети се засекогаш уништени и никогаш нема да имаме можност да ги проучуваме и заштитиме“, вели археологот, додавајќи дека за време на рударските активности од Влахо биле отстранети милиони артефакти, чии парчиња сѐ уште се видливи на местата каде што се вршеше копањето.
Останува да се открие каде се тие предмети.