Извештај

ДИК чека ребаланс за рекордниот изборен медиумски буџет

Медиумите исплатени само за првиот круг од претседателските избори

Kога во февруари годинава се подготвуваше теренот за пролетните претседателски и парламентарни избори, Државна изборна комисија пресмета рекордна сума пари наменета за платено политичко рекламирање. Тогаш пресметките покажаа дека за двојните избори од буџетот за медиумите ќе се издвојат 10,6 милиони евра.

Но, два и пол месеца по завршувањето на гласачкиот процес, овие пари ги нема. Од Државната изборна комисија велат дека досега се исплатени само медиумите кои имаа партиски реклами во првиот круг од претседателските избори, а за вториот и за парламентарните го чекаат ребалансот на буџетот. Така им ветиле од Владата, а целиот процес на прекројување на државната каса се очекува да помине низ собраниските процедури до првата половина од август.

Во меѓувреме роковите за исплата се поминати. Медиумите се должни извештаите за реализирани услуги заедно со фактурите да ги достават до ДИК најдоцна пет дена по настапувањето на предизборниот молк. Потоа, комисијата има обврска да им исплати пари најдоцна 30 дена по објавувањето на конечните резултати. Ова би значело дека рокот за исплата е поминат од пред повеќе од два месеца.

Во тој период до ДИК се стигнати 1.062 фактури од медиумите, но од таму не прецизираат за колкав број на медиуми се работи.

Скромните податоци досега објавени на интернет страницата на комисијата не откриваат многу ниту за тоа колку вкупно пари се потрошени и кои медиуми најмногу ќе заработат од изборниот процес.

Објавени се извештаите за искористениот рекламен простор на шеесетина медиуми, а од комисијата се правдаат дека располагаат со мал број вработени во двата сектора што треба да ги обработат податоци- за финансии и за информатика.

Бројката од шеесет се очекува да расте, ако се земе предвид дека годинава во ДИК се пријавија и рекорден број медиуми – 339. Од нив 39 се телевизии, 38 радија, 11 печатени медиуми и дури 251 се портали.

Но, ова не значи дека сите овие медиуми добиле пари од државниот буџет, туку само оние кои склучиле договор за рекламирање со партиите.

Анализата на БИРН направена врз основа на извештајот Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), за кампањата за парламентарни избори покажува дека 35 од 68-те радија и телевизии што се пријавиле за да емитуваат предизборни реклами, односно повеќе од половината, имале или само по една партија што се рекламирала кај нив, или имале повеќе, но една доминирала заземајќи над 60 отсто од рекламниот простор. Поточно – 18 медиуми добиле само по еден рекламер од партиите-учесници на изборите, а 17 имале доминантен огласувач.

Но, извештајот на АВМУ не ги вклучува онлајн медиумите, па сѐ уште нема информации колку од тие 251 портал што се регистрирале всушност и склучиле договори за партиско рекламирање.

Од претседателските избори што се одржаа во 2019 година партиските реклами за изборите се плаќаат од државниот буџет. Анализата на БИРН за буџетските трошоци од кога рекламите станаа државно финансирани покажува дека за три изборни циклуси на медиумите им се исплатени вкупно 12 милиони евра.

Во 2019 година, за претседателските избори државата се потрошила 3,6 милиони евра, следната година кога се гласаше на вонредните парламентарни избори издвоила речиси 3,2 милиони, а на локалните избори пред три години, оваа сума порасна на над 5,1 милиони евра.