Анализи

Избори 2024: Партиско ЕПП од епски размери

Поставена е сцената партиските спотови да ги „поплават“ телевизиите

Како никогаш досега, во предвечерието на двојните пролетни избори, партиските реклами ќе ги „окупираат“ телевизиските програми, бидејќи сосема е извесно сценариото, според кое, цели 18 дена ќе се совпаднат кампањите за пратеници и за претседател.

Александар Даштевски, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), која е надлежна за изборната регулатива, за БИРН потврди дека теоретски е возможно, во прајм-тајм терминот на телевизиите, во еден реален час да се емитуваат вкупно 19 минути партиска пропаганда платена со парите на граѓаните.

ДИК пресмета дека, поради паралелните избори, за платено политичко рекламирање ќе биде потребна рекордна сума од државниот буџет – 10,6 милиони евра.

Кампањите ќе се совпаднат меѓу 17 и 22 април, пред првиот круг од претседателските избори и меѓу 25 април и 6 мај пред парламентарните избори и пред многу веројатниот втор круг за избори на шеф на државава, кои треба да се одржат истиот ден, на 8 мај.

Законот пропишува партиите да искористат максимум девет минути и 30 секунди за „платено претставување“ во рамките на 60 минути програма, меѓутоа не е предвидена ситуација во која се преклопуваат кампањите. Сепак, за Даштевски нема дилема дека во секој поглед, па и во поглед на платеното политичко рекламирање, пролетните избори се два посебни процеси.

„Затоа и сумата е удвоена“, вели тој.

Овие девет минути и 30 секунди, кои сега се удвојуваат, се делат на партиите според клуч што ги фаворизираа најголемите четири партии.

До сега најмногу дополнителни минути за реклами имаше во 2014 година, кога имаше идентична ситуација да се совпаднат парламентарни и претседателски избори. Тогаш партиите се договорија да има 15 минути промоција.

Сѐ повеќе и повеќе пари

Loading...

Loading…

Праксата на државно платени партиски реклами стартуваше на претседателските избори во 2019 година, и од тогаш, со исклучок на „пандемиските“ избори во 2020, расте нивната сума. Покрај телевизиите, државата ги плаќа партиските реклами и на радијата, порталите и во весниците, меѓутоа, сепак, доминантен дел секогаш завршуваат во телевизиите.

БИРН ги следеше буџетските трошоци за платено политичко рекламирање од моментот кога тие се на државен трошок. Нашата анализа покажува дека за три изборни циклуси, државата на медиумите, во име на партиите, им платила речиси 12 милиони евра. Во 2019 година, за претседателските избори државата се потрошила 3,6 милиони евра, следната година кога се гласаше на вонредните парламентарни избори издвоила речиси 3,2 милиони, а на локалните избори пред три години, оваа сума порасна на пет милиони и 140 илјади евра.

Агенција за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ) и новинарските асоцијации ЗНМ и ССНМ, формално, во процесот на измена на изборната регулатива лани предложија да се укинат државно платените реклами. Меѓутоа, предлог-измените се заглавени во собраниска процедура. Упатените во процесот, за БИРН, предвидуваат дека законот нема да се промени и оти и овојпат партиите ќе трошат буџетски пари за маркетинг.

„Моделот за буџетско финансирање на платеното политичко рекламирање, дефинитивно е уникатен за нашата држава, бидејќи ништо слично не постои никаде“, стои во извештај на ЗНМ, во кој учествувале експерти и на АВМУ.

Дискриминаторски модел што поттикнува клиентелизам

Loading...

Loading…

Првиот човек на АВМУ, Зоран Трајчевски јавно се залагаше за укинување на оваа пракса и аргументираше дека моделот поттикнува клиентелистичка врска меѓу медиумите и партиите, како и корупција.

БИРН истражуваше една таква партиско-медиумска клиентелистичка врска. Пишувавме како портали водени од човек близок до ДУИ го собрале кајмакот од државноплатените изборни реклами во интернет-просторот на последните локални избори во 2021 година.

Импресивни се бројките и кога државно спонзорираниот политички маркетинг ќе се изрази во часови емитувани на приватните телевизии. Сите партии заедно, на претседателските избори во 2019 година емитувале околу 490 часа рекламни пораки, следната година на парламентарните имало 367, додека последниве локални избори, партиско ЕПП се вртело дури 641 час.

И додека партиите бездушно ги трошат државните пари на изборни минути во приватните телевизиите, тие речиси воопшто не ја користат можноста бесплатно да се промовираат на првиот и на вториот канал на МТВ. На последните избори во 2021 година, сите партии искористиле само 2 часа и 40 минути од предвидените вкупно 34 часа за бесплатна промоција.

Ако нема некои промени на регулативата во „пет до 12“ , овие 10,6 милиони евра ќе се делат по веќе познатиот клуч – по 45 проценти од сумата ќе добијат двете најголеми владејачки и двете најголеми опозициски партии, 7 проценти ќе одат кај партиите што на претходните избори освоиле пратеничко место, меѓутоа немаат доволно народни претставници за пратеничка група и само 3 проценти се предвидени за партиите што не се претставени во законодавниот дом.

Оваа регулатива, не само што ги дискриминира малите партии, таа е сложена и недокрај прецизирана поради што отвора сериозни прашања. Во моментов, главната дилема е која е втората по големина опозициска партија што може да се надева на солиден маркетиншки буџет обезбеден од државата.

Според последните парламентарни избори, тоа беше Алијанса на Албанците, во коалиција со Алтернатива, меѓутоа сега Алијанса е во власта, а Алтернатива во опозиција. Ситуацијата дополнително се комплицира со поделбите во партијата на Арбен Таравари, кои одат по линија на тоа од која страна на фронтот да се позиционира овој политички субјект.

И додека сѐ уште е матно која е втората опозициска партија што ќе се „омрси“ на изборите, јасно како ден е дека партиите многу повеќе трошат за изборен маркетинг откако тој трошок го покрива државата. 

Во 2016 година, на последните избори кога партиите од свој џеб ги плаќаа изборните реклами, сите партии потрошиле само 2,5 милиони евра, што е четирипати помалку од предвидената финансиска рамка за двојните избори што следат.