Премиерот Димитар Ковачевски, во еден ден објавил реклами на Фејсбук, во вредност до 2.500 евра. На неговата официјална страница, на 15 јануари годинава се активирале 25 реклами, секоја во вредност до 100 евра, според податоците што ги објавува компанијата Мета.
Со спонзорирани објави, Ковачевски ги промовира своите активности како премиер, како што се новите инвестиции во здравството, поликлиниката во Сарај и други. Односно – плаќа за тие информации да се прикажат на што повеќе луѓе на социјалните мрежи. Но, парите не ги дава лично тој, ниту владата, туку неговата партија – СДСМ.
Слично како што ВМРО-ДПМНЕ ги плаќа рекламите на својата страница и на таа на лидерот Христијан Мицкоски. За разлика од порано, кога самите лидери си ги плаќаат рекламите, барем така беше наведувано на страната на Мета, сега како носители на трошоците стојат партиите.
Од двете партии побаравме одговори од кои сметки точно се покрива овој трошок и дали тој сметководствено се евидентира, но до објавувањето на текстот не добивме никаква информација.
Политичкото рекламирање на социјалните мрежи останува сива зона и во пресрет на годинешниве двојни избори, претседателски и парламентарни. Има предложени измени на Изборниот законик, во кои се воведува барем малку регулација, но не е сигурно дали парламентот воопшто ќе ги усвои пред да се распушти.
Дење фејсбук-министри, навечер фејсбук-партијаши
Во извештајот на мониторинг-мисијата на ОБСЕ ОДИХР по локалните избори во 2021 година е забележано дека кандидатите користеле субвенционирано рекламирање на социјалните мрежи, но дека оваа активност била нетранспарентна.
„Недостигот од транспарентност на ваквите алатки ја прави секоја значителна ревизија невозможна“, пишува во извештајот, во делот за социјални медиуми.
Од ОБСЕ посебно истакнуваат дека многу јавни функционери, министри и други владини претставници ги користеле своите службени профили за партиски реклами во кампањата и побараа тоа да се регулира. Од архивата за реклами на Фејсбук на министерот Оливер Спасовски, на пример, може да се види дека тој за време на изборната кампања во 2021 година, на својата министерска страница објавил триесетина партиски реклами, сите платени од СДСМ. Вредноста на секоја е до сто евра.
Според информации од работната група што работеше на предлог-измените на Изборниот законик, во документот што бил доставен до Министерството за правда се предлагало да се забрани користењето на институционалните или на службените профили за промоција или за дискредитација на кандидати на изборите.
Ако се усвои ова, за првпат би се споменал терминот „социјални мрежи“ во Изборниот законик, документ од над 110 страници што ги уредува и најситните детали околу тоа како се организираат избори и како се учествува на нив.
„Ова станува сѐ посериозна тема, иако кај нас малку доцни дискусијата. И овие трошоци на партиите мора да бидат транспарентни и јавни, односно да се има увид кој колку троши и од каде ги плаќа парите за ова рекламирање“, вели Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија, кој учествуваше во една од работните групи за Изборниот законик.
Растечко влијание: социјалните мрежи се следат повеќе од медиумите
Македонските партии почнаа поинтензивно да се активираат на социјалните мрежи, на парламентарните избори во 2008 година и на претседателските една година подоцна. Тогаш тоа се сметаше за алтернативен пристап, со кој се обидуваат да ѝ се приближат на младата публика. Петнаесет години подоцна, ниту пристапот е алтернативен, ниту публиката е само млада.
Последното истражување Еврометар на институтот Евротинк покажува колкаво е значењето на социјалните мрежи во политичкото информирање денес. Според податоците објавени таму, на над 56 отсто граѓани, главен извор на информации за политичките теми им е интернетот.
Од тие што дале таков одговор, пак, над 87 отсто рекле дека основен интернет-извор им се Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб и другите социјални платформи. Далеку зад нив се онлајн-медиумите и порталите на традиционалните медиуми.
Сепак, партиските активности во ова поле и натаму остануваат нерегулирани. За разлика од рекламирањето на телевизии, други медиуми, онлајн-портали, билборди и од другите активности што влегуваат во официјалната кампања, илјадниците евра потрошени на промоции на влијателните социјални мрежи се трошат без каква и да е контрола.
Во отсуство на правила, големите ги јадат малите
Светските организации што ги следат демократските процеси, како Транспаренси интернешнел, одамна утврдиле дека секое политичко финансирање мора да биде транспарентно. На тој начин, гласачите и во дигиталниот свет се штитат од манипулации и од нечесни влијанија, што е едно од основните демократски права.
Во анализите, исто така, се препорачува поставување лимити колку најмногу може да се потроши за да се обезбеди поеднаков терен за натпревар, односно да не се дозволи парите да им обезбедат недостижна предност на богатите партии.
Лимитите во Македонија постојат само за медиумското рекламирање, а на социјалните мрежи, според бројките што ги објавува Мета, е очигледна разликата во трошењето меѓу големите и малите.
Дури 1.600 реклами се објавени на страницата на Ковачевски за две години (во просек по шеесетина месечно), а 1.200 на официјалната страница на СДСМ. Во ВМРО-ДПМНЕ биле поскромни – објавиле стотина реклами за пет години, а Мицкоски околу 400.
Ако се земат предвид максималните наведени суми во податоците што ги објавува Мета, произлегува дека големите партии трошат од неколку десетици до неколку стотици илјади евра на рекламирање, само на нејзините платформи – Фејсбук и Инстаграм. Објавите особено се засилуваат за време на изборните кампањи.
Од другите партии, поинтензивно на социјалните мрежи се промовира Левица, со објавени 280 реклами преку официјалната фејсбук-страница. ДУИ, од друга страна, пуштила само 27 реклами, сите за време на локалните избори во 2021 година.
Формални и неформални канали
Во Европската Унија, со години, се води дебатата за регулирање на политичките кампањи на социјалните мрежи, а во ноември минатата година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ постигнаа договор за тоа какви мерки треба да се воведат.
Со правилата се предвидува секое политичко рекламирање да биде јасно означено со тоа кој го нарачал и колку го платил. Ќе се направи и посебна архива каде што овие реклами ќе се чуваат до седум години. Исто така, лица и компании надвор од ЕУ нема да може да спонзорираат објави со политичка содржина во земјите на Унијата.
Една од поважните новини, како што за БИРН објаснија од прес-службата на Европскиот парламент, е дека регулативите ќе важат, не само за рекламите што ги објавува и ги плаќа самиот кандидат или партија, туку и за оние платени од трети лица во негово име.
Тоа е дополнителен проблем со социјалните мрежи, бидејќи плаќањето за реклами може да дојде од каде било, а и рекламирањето може да биде во разни форми.
Унгарскиот портал Телекс, на пример, во 2022 година објави дека организација на интернет-инфлуенсери, блиски до партијата на тамошниот премиер Виктор Орбан, Фидес, предизборно се подготвувала да потроши над милијарда форинти (околу 2,7 милиони евра), промовирајќи пораки што се на иста линија со владата. Според медиумот, на овој начин, организацијата станала најголем политички рекламер во земјата на социјалните мрежи, притоа заобиколувајќи ги правилата и ограничувањата што важат за предизборните кампањи.
И во Македонија може да се видат медиуми како спонзорираат свои објави со обоена политичка содржина, но тука има и многу подиректно неформално рекламирање на политичките партии и на учесниците на изборите.
Една од пораспространетите пракси е плаќањето реклами од локалните ограноци. Поголемите партии имаат комитети или организации речиси во секоја општина, а многу од нив имаат и свои страници на социјалните мрежи.
Па така, општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола објавил 53 реклами, за кои се вели дека се платени од самиот комитет. Општинските организации на СДСМ во Карпош и во Ѓорче Петров платиле по 18 реклами, и додека за едните пишува дека трошоците ги покрил СДСМ Ѓорче Петров, за другите стои дека не е наведен финансиерот.
Локалните ограноци се дел од партијата и не се посебни правни лица, со свои сметки и овластени претставници, но, сепак, го шират интернет пропагандниот материјал на партиите, надвор од каква било институционална рамка и контрола.
БИРН побара став од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали треба да се воведат правила за рекламирањето на социјалните мрежи и дали парите што се трошат на него треба да влезат во лимитите што ги предвидува Изборниот законик. Одговори – нема.