По речиси 18 години проучување, едукација, лобирање кај институциите и јавни кампањи, истражувачите и активистите за заштита на балканскиот рис се соочени со непријатна вистина. Дури и да се овозможат совршени услови – да запрат и криволовот, и сечата на шуми, и намалувањето на пленот, нема гаранција дека оваа голема мачка ќе опстане.
Причината е ослабениот генетски потенцијал и зачестеното размножување во сродство поради што новите генерации се послаби, поподложни на болести и на стрес, а младенчињата потешко преживуваат до возраст на која можат да создадат и свое потомство.
Тоа е вообичаен ризик кога од еден вид ќе останат многу малку единки. Има одвај четириесетина балкански рисови, главно на планинските појаси што ги делат Македонија, Албанија и Косово, и понекоја единка во внатрешноста на овие земји.
Заштитата на рисот е важна бидејќи значи зачувување на целата природа. За да живее тој, треба да се одржат големи шумски пространства на планините и да се спречи прекумерниот лов и проретчувањето на животните што му се плен, односно да се овозможи природата да функционира без штетно влијание од човекот. А тоа се покажува како исклучителен предизвик.
Сепак, не е сѐ загубено. Македонското еколошко друштво МЕД, кое заедно со регионални и меѓународни партнери ја предводи Програмата за закрепнување на балканскиот рис, во следниот период ќе истражува како да ја подобри генетската структура, меѓу другото, и со увоз на рисови од други земји.
„Годинава тоа ќе ни биде главниот фокус – да направиме студија за изводливост на носењето нови рисови. Да ги истражиме сите законски аспекти за тоа и да добиеме потпишан документ дека ќе се спроведе“, вели Диме Меловски од МЕД, кој ја предводи програмата за рисовите.
Од „митско“ суштество до критично загрозен вид
Меловски беше млад истражувач во 2006 година, кога почна да работи на програмата за рисот. Во меѓувреме докторираше на темата, а приказната за спасувањето на рисот е далеку од завршена. Тоа само покажува колку е тешко зачувувањето на еден вид кога ќе почне доцна, по децении негрижа и игнорирање, и кога повеќе се потпира на индивидуален ентузијазам отколку на институционална стратегија.
Кога почнаа со работа, првиот предизвик им беше да утврдат дали воопшто има рисови. Имаше многу сведоштва за видени точкести големи мачки, но не и цврсти докази. Докажувањето дојде со фотозамките – камери со сензор за движење, кои се поставуваа низ Националниот парк Маврово и на други локации и го сликаа секое животно што ќе поминеше пред нив.
Истражувачите сѐ уште се сеќаваат на возбудата кога ја видоа првата слика, иако на неа имаше само едно кратко опавче. Потоа направија голем број фотографии и видеа од мачките и утврдија дека неколку десетици сѐ уште опстанале во природата.
Следуваше заловувањето. Вкупно 12 единки беа фатени и следени со џи-пи-ес околувратници, со што се утврди каде се движат, каде ловат, како живеат и што им е потребно за опстанок. Рисот стана тема во јавноста, истражувањата помогнаа да се стави на црвената листа на ИУЦН (Меѓународната унија за зачувување на природата), а потребата од неговата подобра заштита запре два големи хидроенергетски проекти што ќе имаа несогледливи последици за животната средина.
По сето тоа, во 2023 година, на редовниот годишен состанок на мониторинг-мрежата за балканскиот рис (во која се вклучени ловџии, ловочувари, ренџери од националните паркови и други лица, кои, главно професионално, се движат низ планините) беше соопштено дека, иако борбата против криволовот и заштитата на живеалиштата треба да се засили, дали тоа ќе биде доволно – веќе не зависи од сузбивањето на конвенционалните закани.
„Балканскиот рис се соочува со најниска генетска разновидност од сите проучени популации на рис во Европа и со висок степен на размножување во сродство. Моментално, во следната генерација удел ќе имаат само 11 единки“, рекоа истражувачите.
Помош од Карпатите
Балканскиот рис е подвид на евроазискиот рис, кој развил свои посебни карактеристики во својата животна средина и услови. Има различни подвидови на евроазиски рисови од Скандинавија преку Сибир до Тихи Океан – северноевропски, сибирски, кавкаски, карпатски и други.
Токму карпатскиот е најинтересен во приказната за македонските големи мачки. Идејата на МЕД е да донесат нови рисови од Романија, земја која веќе има искуство со извоз на овие диви животни.
Карпатски рисови има околу 2.000, што се смета за стабилна популација, и живеат низ целиот карпатски венец – од Србија, преку Романија, Украина, сѐ до Словачка и Унгарија. Тие се користеле за да се обноват и цели популации, на пример биле однесени на Алпите откако алпскиот рис бил целосно истребен, како и да се зајакнат постоечките популации, каков што е примерот со динарскиот рис.
„Карпатскиот и балканскиот рис се генетски и еколошки најблиски, а во минатото, пред околу 15.000 години, се вкрстувале, кога немало толку човечки пречки меѓу нив“, вели Меловски.
Како показател дека порано двата подвида биле поблиски е и тоа што пред неколку години два карпатски риса биле забележани во бугарскиот дел на планината Осогово. Тоа покажува дека тие можат да го препливаат Дунав и да населат нови подрачја. За жал, тие две единки веќе не се живи.
Денес таков контакт е тешко да се оствари природно бидејќи има големи површини со населби и со обработливо земјиште меѓу двете популации. Поверојатно е да се случи природен контакт со динарскиот рис, чие главно живеалиште се Словенија, Босна и Хрватска, но единки биле забележани и на границата меѓу Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Тоа е само стотина километри од подрачјето што го населуваат балканските рисови. Речиси непрекинатиот планински терен би можел да му овозможи на динарскиот подвид да се прошири до Косово и до Албанија и да се измеша со тукашната популација.
Сепак, истражувачите се одлучни да не остават сѐ на случајот и, во соработка со државните институции, да се обратат до Романија за помош.
„Ако се постигне договор, тогаш таму би се заловиле неколку рисови од природната средина, би се чувале одредено време во карантин, и откако ќе се завршат сите административни процедури, би се транспортирале за да бидат пуштени во Македонија. Со околувратник за следење, секако“, објаснува Меловски.
Пуштањето може да биде т.н. „тврдо“, односно само да се отвори вратата од кафезот и да му се дозволи на животното да излезе, или „меко“, во кое новиот рис би се чувал во голем ограден простор, би му се давал жив плен за да лови, а по некое време приспособување, на пример еден месец, би му се овозможило да излезе и да продолжи да живее во природата.
Како што нагласуваат истражувачите, има и воспоставени пракси и меѓународни искуства во пренесувањето диви животни во нови живеалишта, и потребно е само да се има волја и план за да се направи тоа за доброто на популацијата на рисовите во земјава.