Balkan Insight

Орбан, ЕУ и Украина: Тешка уцена

Украина доби препристапни преговори, Орбан 10 милијарди евра, а ЕК го загуби образот

Минатонеделниот состанок на Европскиот совет помина нешто помазно отколку што се очекуваше.

На агендата беше пакетот помош за Украина вреден 50 милијарди евра и отворањето на пристапните преговори со земјата. Медиумите очекуваа жестоки дискусии, бидејќи унгарскиот премиер Виктор Орбан однапред укажа дека е строго против двата предлога.

Но, веќе во раните вечерни часови во вторникот, на првиот ден од самитот, беше донесена позитивна одлука за пристапните преговори, бидејќи Орбан намерно излегол од просторијата кратко пред гласањето, со што принципот на едногласност не бил прекршен. Гласањето за помошта беше одложено, но не само поради Орбан: лидерите на големите и моќни земји-членки, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон (кој го прими Орбан во Париз една недела претходно) и италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така имаа резерви за темата.

Секако, „дарежливоста“ на Орбан во врска со пристапните преговори имаше цена: 10,2 милијарди евра. Европската комисија, еден ден претходно ги ослободи овие замрзнати фондови за Унгарија. Сумата е околу една третина од европските пари за Унгарија што беа запрени од крајот на 2022 година поради загриженоста за владеењето на правото во земјата.

Орбан е навистина корумпиран: беше подмитен од Комисијата

Виктор Орбан, Олф Шолц, Урсула фон дер Лајен, Шарл Мишел, Европска комисија, Европски совет

Орбан на состанок со лидерите на ЕУ, Франција и на Германија | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Унгарскиот парламент усвои неколку пакет-закони за да одговори на загриженоста од Комисијата и да ги добие парите.

Прво, во есента 2022 година беше воведен „антикорупциски“ пакет, кој се покажа како немоќен да ја спречи корупцијата. Потоа следуваше реформски пакет за судството во мај годинава. Тоа значително го засили статусот на судското саморегулирачко тело – Националниот судски совет, наспроти судското административно тело – Националната канцеларија за судството, чиј прв човек го назначува парламентот.

Понатаму, процедурите за назначување претседател и на судското административно тело и на Курија (унгарскиот врховен суд) се направени потранспарентни преку отворени повици, и покрај тоа што на крајот двајцата судски лидери се избираат со двотретинско мнозинство во парламентот, како и претходно. Законот предвидува процедура и за доставување случаи до Курија, со која се исклучува можноста од политичко мешање.

Кога ги ослободи тие 10,2 милијарди евра за Унгарија, еден ден пред состанокот за Украина на Европскиот совет, Комисијата експлицитно го посочи овој пакет судски реформи како основа. Сепак, тоа беше слаб обид да се прикрие очигледното: комисијата сакаше да го купи гласот на Орбан во врска со Украина. Успеа само половично.

Тешко е да се поверува дека реформите во судството биле доволни да ја убедат комисијата поради повеќе причини.

Со попречувањето само на помошта од ЕУ за Украина и со дозволувањето да се отворат пристапните преговори со земјата, Орбан успеа да обезбеди десет милијарди евра од замрзнатите фондови, без практично да даде ништо за возврат. Европската комисија, пак, е таа што го загуби образот поради обвинувања за подмитување

Ефектите од таквите организациски реформи (и покрај тоа што зајакнатата улога на судскиот совет е ветувачки чекор) тешко може да се видат за шест месеци, бидејќи една тужба трае подолго од тоа. Новите правила за назначување први луѓе во судството можеби изгледаат добро на хартија, но нема да се стават на тест сè до 2029 година, кога ќе истечат мандатите на сегашните. Исто така, е прашање дали новиот систем за доделување случаи во Курија навистина работи: на барање на унгарскиот Хелсиншки комитет, судот одби да открие какви било детални информации за темата.

На крајот, но не и најмалку важно, унгарските владини претставници, кога ја усвојуваа легислативата, јавно истакнаа дека текстот за пакетот судски реформи е договорен во целосна соработка со Комисијата. Значи Комисијата не била воодушевена од пакетот, и покрај тоа што била вклучена во неговата подготовка, но одеднаш, месеци подоцна, станала убедена дека тој е добар, точно кога гласот на унгарскиот премиер беше потребен за да се донесе клучна политичка одлука.

Тоа може да се опише како корупција – Комисијата практично го подмити Орбан да не го попречува гласањето во Европскиот совет. Или можеме попрагматично да го гледаме како дел од вообичаеното политичко пазарење. Каква и да е приказната, нема никаква врска со владеењето на правото, светата крава на ЕУ.

Игра на уцени: почната од Комисијата, усовршена од Орбан

Виктор Орбан, Европска унија, интервју

Орбан во интервју најави дека нема да ја поддржи помошта за Украина | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Ова не е првпат владеењето на правото да биде изневерено, и Орбан не беше единствениот што го прекршил. Целата сума од 22 милијарди евра од кохезивните фондови, од која сега се ослободија 10,2 милијарди, од правен аспект беше замрзната на контроверзен начин.

Според вообичаените одредби во врска со фондовите на ЕУ, почитувањето на Повелбата за фундаментални права во ЕУ е основен хоризонтален услов за да може да се добијат пари. Повелбата јасно ја нагласува судската независност како елемент во правото на фер судење.

Сепак, чудно е дека самата Комисија заклучила дека има сериозни недостатоци во Унгарија на ова поле, бидејќи, за разлика од Полска, Унгарија не беше редовно осудувана од Судот на правдата на ЕУ за случаи поврзани со судската независност.

На сличен начин е проблематично и намерното одложување на 5,8 милијарди евра од фондовите за закрепнување од пандемијата. И тоа е поради загриженоста за владеењето на правото. Сепак, при основањето на Инструментот за обнова и отпорност не беа поставени конкретни правила во врска со придржувањето кон владеењето на правото, и беа цитирани само меки правни препораки.

Единствената санкција кон Унгарија со добра правна основа беше запирањето на 6,3 милијарди долари со искористувањето на условниот механизам за владеење на правото, во врска со корупцијата при користењето ЕУ фондови. Сите други финансиски санкции беа лоши изговори за казнување на „непожелните“ политички одлуки на унгарската влада (дел од кои навистина беа спротивни на владеењето на правото или на фундаменталните права), кои не се директно поврзани со користењето на ЕУ фондовите и поради тоа не можат да бидат употребени како условен механизам.

Во правен систем што е навистина заснован на владеењето на правото, алатката за такви ексцеси би била тужба пред Европскиот суд на правдата. Но, унгарската влада знае дека тужба против Комисијата не би бил најефикасен начин да ги добие парите. Па, наместо тоа, се преправа дека соработува и усвојува неколку парчиња закони за да се усогласи со барањата, иако голем дел од тие закони беа очигледно само козметика. И го чекаше вистинскиот момент за да се закани да го искористи своето вето, што ѝ ветуваше побрз и посигурен успех од која било тужба.

Продавањето ништо за 10 милијарди е само почетокот

Виктор Орбан, Емануел Макрон, Кирјакос Мицотакис

Орбан во разговор со францускиот претседател Макрон | Фото: Facebook, Виктор Орбан

Ако ова успеа за да ослободи една третина од замрзнатите фондови, Орбан, без сомнение, ќе се обиде да го повтори истиот трик за да го добие и остатокот од парите.

Унгарскиот премиер го нагласи ова во интервју веднаш по одложувањето на одлуката за пакетот помош за Украина од 50 милијарди евра за следниот самит на ЕУ. „Ова е голема можност за Унгарија да покаже дека мора да го добие тоа што ѝ следува. Не половина, не четвртина, туку цело “, рече тој.

Секако, помошта за Украина може да се финансира и на билатерална основа, со што би се заобиколила тактиката на блокирање од унгарскиот премиер. Само финансирањето од буџетот на ЕУ бара едногласна одлука.

Попречувањето на помошта може да предизвика поголеми непријатности од ветото за пристапните преговори, па тоа може да има и повисока цена. Можеби Орбан смета на тоа за другите две третини од блокираните фондови. Со оглед дека преостанатите блокирани фондови изнесуваат речиси колку половина од наменетата помош, таквите пресметки може да изгледаат премногу оптимистички, но запаметете дека Орбан тукушто успеа да продаде едно „големо ништо“ за 10,2 милијарди евра.

Почетокот на пристапните преговори со ЕУ, кои тој на крајот не го попречи со вето, практично нема никаква важност. Слично како кандидатскиот статус, отворањето на преговорите не е гаранција за ништо.

Пристапниот процес може да трае многу долго време – Турција е земја-кандидат уште од 1999 година – а пристапувањето може и да не се случи. А ќе има и повеќе други шанси на патот кон членството во ЕУ, кога земјите-членки (Унгарија или некоја од другите 26) ќе имаат можност да искористат вето.

Тоа што е јасно сега е дека проширувањето на ЕУ ќе биде неопходно да се поврзе со промена на договорот, каде што сегашното носење одлуки исклучиво со едногласност ќе се минимизира, а почитувањето на владеењето на правото ќе биде строго регулирано. Фактот дека едногласните одлуки ќе мора да се носат истовремено за квалификуваноста на потенцијалните членки и за фундаменталните реформи на самата ЕУ, не дава многу простор за оптимизам, ниту за Украина, ниту за земјите од Западен Балкан.

 

Беа Бако е адвокатка специјализирана за уставно право и европско право, и коавторка на унгарската публикација Гемишт. Нејзината прва книга, „Предизвици за европските вредности во Унгарија, како Европската Унија не ја разбра владата на Виктор Орбан“, беше објавена од Ратлиџ годинава.

Изразените мислења се на авторот и не може да се толкуваат како ставови на БИРН.