„Фентанил, Дух, Зуромин – овие зборови се симболи за отровот на 21виот век. Тоа се фентанилот и други наркотици, кои имаат смртоносни последици низ светот и во Полска“, рече Доналд Туск во видео изјава објавена на Х (поранешен Твитер) на 25 јуни.
„Никој што е вмешан во оваа проклета дејност со наркотици нема да биде безбеден. Ќе ги фатиме. Тоа ви го гарантирам“, вети полскиот премиер.
Видеото на Туск следеше по апсењето на пет лица, вклучително и познатиот дилер на дрога со прекар „Дух“, во малиот град Зуромин во централна Полска.
Интервјуирани од полски медиуми како Газета Виборца, локалци од Зуромин зборуваа само под услов на анонимност за Дух. Дилерот работел во изминатите 15-20 години, наводно со знаење или дури и соучество на локалната полиција.
Градот со 8.500 жители во претходните месеци стана симбол на проблемите на полското општество со нелегалните дроги, откако 36-годишен маж почина во февруари од предозирање. Неговото семејство тврдеше дека синтетичкиот опиоид фентанил е виновникот.
По смртта на 36-годишниот маж, полицијата од другите градови од околината беше донесена за да помогне во справувањето со ситуацијата во Зуромин, што доведе до две апсења во мај и уште пет на 25 јуни.
Со години, Адам Ејник, локален учител и новинар, документирал дури сто смртни случаи поврзани со наркотици во малиот град, бројка нашироко цитирана од полските медиуми.
Ширењето на фентанил на илегалниот нарко пазар во Полска е забележано со месеци, а првата документирана смрт заради злоупотреба на оваа дрога е 19-годишна жена која починала лани во ноември во западниот град Познан. Главниот санитарен инспекторат само годинава изброил 48 случаи на предозирање со оваа супстанца.
А оваа бројка е дури мала во споредба со американската епидемија на моќни синтетички опиоиди која убива 75.000 луѓе годишно. Сепак, експертите и владините претставници во Полска, Чешка и Словачка предупредуваат дека бројката на смртни случаи и во во овој дел од Европа ќе продолжи да расте бидејќи залихите на хероин се намалуваат, а релативно евтината цена, јачината и зголемената достапност на фентанил го прават привлечен за одредени групи.
„Иако проценетата стапка на смртност од предозирање со дрога е околу 15 пати помала во Европа во споредба со САД, ние да смееме да не реагираме на сигналите кои се појавуваат“, предупредува Изабел Жирадон, главна научничка во Агенцијата за лекови на ЕУ (поранешен Европски центар за мониторинг за дроги и зависност од дрога).
Помалку хероин на европскиот пазар, но и повеќе фентанил
Апсењата во Полска следеа по извештајот на Агенцијата за дрога на ЕУ, објавен на 11 јуни, во кој се предупреди дека иако синтетичките опиоиди во моментов играат релативно мала улога на пазарот на дрога во Европа, „тие се значаен проблем во некои земји и има сигнали дека би можеле да имаат потенцијал да играат поголема улога во иднина“.
Фентанилот е до 50 пати посилен од хероинот, а нитазенот, синтетички опиоид, може да биде 40 пати посилен од фентанилот. Во 2023 година, во пет европски земји беа пријавени епидемии на труење и предозирање со нитазен.
Голем дел од зголемената загриженост е и поради намалената достапност на хероин во Европа како резултат на забраната на талибанците за производство на опиум во Авганистан. Ова, пак, би можело да создаде услови за поголема достапност и употреба на синтетички опиоиди или како замена за хероин или за комбинирање со хероин.
„Фентанил може да се додаде во хероинот поради намаленото производство на афион во Авганистан“, објаснува Доминика Јасекова од словачкото граѓанско здружение „Одисеј“, истакнувајќи дека веќе наишла на една таква смрт поради предозирање.
Барем засега, се чини дека сè уште има постојан дотур на хероин во Европа и покрај забраната на талибанците за афионот. Макс Дејли, новинар и автор специјализиран за пишување за дрога и криминал, за БИРН вели дека тоа се должи на постоењето на големи количини складиран опиум и хероин, главно во Авганистан.
Дејли вели дека уште една причина зошто бандите за шверц на дрога кои ги снабдуваат европските пазари на хероин досега одбивале да ги следат мексиканските картели при замена на хероин за поевтини синтетички опиоиди е природата на пазарот на дрога во Европа на кој доминираат етнички групи и кланови со седиште на Балканот кои со генерации шверцуваат дрога.
Има и неколку знаци дека лабораториите за производство на синтетички опиоиди се формираат на големо во Европа. Фентанил за американскиот пазар се прави во Мексико со користење на хемикалии увезени од Кина преку мрежа на посредници.
Иако списанието Економист неодамна објави дека „мексиканските производители упатени во подготовка на фентанил почнале да работат во Европа“, има малку знаци дека тоа се случува во Централна Европа.
Последната рација на лабораторија за фентанил во Словачка се случи во 2011 година, кога полицијата заплени 4,3 килограми фентанил со проценета вредност од 240.000 евра. Засега нема извештаи за лаборатории кои работат во Чешка или Полска.
Сепак, Дејли вели дека се чини оти не организирани криминални групи, туку некои локални добавувачи во Европа мешаат синтетички опиоиди во дрогата што ја продаваат, „така што повремено се забележуваат синтетички опиоиди во хероин, а понекогаш и бензо апчињата. А а ова се забележува преку пораст на предозирања, па дури и смртни случаи“.
„Синтетичките опиоиди – плус мешавина од бензодиазепини како што е ксилазин плус опиоиди – сè почесто се појавуваат во Летонија, Литванија, Полска, Франција, Ирска и Велика Британија“, додава тој.
Агенцијата за лекови на ЕУ соопшти дека најмалку 163 смртни случаи биле поврзани со фентанил и неговите деривати во Европа во 2022 година, но повеќето од нив биле поврзани со фентанил пренасочен од медицинска употреба за разлика од фентанил произведен за пазарот на недозволени дроги.
Фентанилот достапен во Полска преку здравствениот систем
Кога полската полиција го уапси Дух и неговите соучесници на 25 јуни, заплени 300 медицински фентанил лепенки.
Тие лепенки, како и другите форми на медицински фентанил, се достапни само со рецепт и вообичаено се наменети за онколошки пациенти на палијативна нега. Во нивниот случај, високата зависност на фентанил се смета за прифатлив ризик кога ќе се земе предвид олеснувањето на болката на овие пациенти. Но, во повеќето други случаи, лекарите сметаат дека ризикот од зависност е преголем.
Корисниците на фентанил обично ги варат лепенките и го инјектираат екстрактот. На почетокот на март, словачката веб-страница refresher.sk објави интервју со маж по име Марек кој пробал фентанил со пријател. Тие го измешале екстрактот од фентанил со марихуана и го пушеле со бонг.
„Би го опишал искуството како да моето тешко тело беше одвоено од свеста, која беше како на облак“, раскажува Марек, додавајќи дека неговиот пријател потоа го возел неговиот автомобил и направил сообрајќа.
„Ефектите траеја неколку часа“.
Во 2019 година, словачките власти разбија организирана група која имала двајца лекари кои препишувале фентанил лепенки во прекумерни количини. И во Чешка, на црниот пазар одамна се најдени фентанилни фластери.
„Овие [фентанил] лепенки доаѓаат од фармацевтска дистрибуција“, објасни Јакуб Фридрих, шеф на националниот центар за борба против дрога. „Тоа е или препродажба од овластени пациенти или протекување од продажниот синџир“.
Очигледно е, исто така, дека еден од главните начини за набавка на опиоиди во Полска е злоупотребата на системот за издавање онлајн рецепти што се разви за време на Ковид пандемијата.
На пример, во јуни полицијата уапси онколог кој работел во една од главните болници во Познан, за кој властите открија дека издал 800 рецепти за синтетички опиоиди, вклучително и фентанил, на еден од нејзините пациенти кој никогаш не ги користел овие лекови. Заедно со докторката, полицијата уапсила и маж кој наводно ги купил рецептите од неа и подоцна ги користел за да ги набави лековите во аптека.
Вообичаено, некој кој е во потрага по фентанил во Полска може лесно да најде онлајн клиника која бара само пополнување прашалник и, во некои случаи, краток телефонски повик, за да издаде такви рецепти.
Полските лекари, исто така, премногу лесно препишуваат големи количини на такви лекови на барање на пациентите, кои на крајот ги користат многу подолго отколку што е препорачливо или дури ги споделуваат со други.
„Кога обичните Полјаци размислуваат за фентанил, тие мислат на црниот пазар, дилерите и организираниот криминал“, изјави за oko.press Ерик Матушкевич, токсиколог од болницата во Познан. „Но, гледам друг проблем: во Полска, фентанил е достапен практично за секого“.
„Меѓу нас лекарите има и црни овци кои би направиле сè за пари“, додаде тој. „Ако пациентот инсистира, тие ќе му издадат рецепт, надминувајќи го препорачаното“.
Според Агенцијата за дроги на ЕУ, во март 2023 година полската полиција и неколку американски агенции затвориле интернет страница со седиште во Полска која доставувала големо количество психоактивни лекови, вклучително и фентанил и оксикодон, во САД и Велика Британија.
„Продавачот набавил легитимни производи и потоа ги препакувал за продажба преку Интернет“, велат од агенцијата. „Се проценува дека биле тргувани преку 25.000 таблети, а властите заплениле над 12.500 таблети подготвени за испорака.“
Во средината на јуни, полската министерка за здравство Изабела Лешчина објави дека властите ќе ја засилат контролата врз сите рецепти за опиоиди, вклучително и фентанил, издадени во Полска.
Недостаток на податоци
Иако е јасно дека недозволената трговија со фентанил лепенки и други синтетички опиоидни апчиња во Централна Европа е се поголем проблем, се чини дека има малку разбирање, дури и меѓу експертите.
За тоа дали нивната употреба како недозволена дрога е само маргинална во овие земји или пак употребата е далеку повисока Дејвид Пешек, шеф на чешката непрофитна организација „Сананим“ за превенција од зависности од дрога, рече дека нема достапни официјални податоци, но се проценува дека фентанил одзема неколку десетици животи секоја година.
А во 2022 година, чешката полиција покрена 15 кривични постапки за дистрибуција или поседување на синтетички опиоид.
Иако епидемија на опиоиди како во САД е помалку веројатна бидејќи контекстот во Европа е различен на многу начини, новинарот Макс Дејли вели дека сè уште постои шанса тоа да се случи ако главниот снабдувач одлучи да го замени хероинот за синтетички опиоиди.
„Клучната работа е да имаме многу добар мониторинг во Европа, тестирање на запленетите лекови и во телото по смртта, за да знаеме што се случува“, вели тој.