Регион

Фестивал во Белград го оживува духот на Беким Фехмиу

Инспирација за фестивалот „Мердита, добар ден!“, кој се отвора вечерва во главниот град на Србија, е актерот Беким Фехмиу, кој почина во Белград пред околу една деценија. На фестивалот, пред белградската публика, се претставуваат косовски филмови, претстави и косовската уметност, а се одржуваат и дебати за важни современи теми. Фехмиу останува клучна фигура на фестивалот […]

Инспирација за фестивалот „Мердита, добар ден!“, кој се отвора вечерва во главниот град на Србија, е актерот Беким Фехмиу, кој почина во Белград пред околу една деценија.

На фестивалот, пред белградската публика, се претставуваат косовски филмови, претстави и косовската уметност, а се одржуваат и дебати за важни современи теми.

Фехмиу останува клучна фигура на фестивалот – „симбол на комплицираните односи меѓу Србите и Албанците во последните децении, но и врска што ги поврзува двата културни простори во една единствена целина“, вели Фиона Јелиќи од Младинската иницијатива за човекови права (МИЧП) Србија, која е еден од организаторите на фестивалот.

Преглед на фестивалот
Овогодинешниот тридневен фестивал „Мердита, добар ден!“ ќе го отвори претставата „Јас сум мојата сопруга“ во режија на Куштрим Колиќи, која говори за животот на трансродната Германка Шарлот фон Малсдорф, која го преживеала нацистичкиот режим и ГДР.

Планирана е и дебата за зачувувањето на сеќавањата и за транзициската правда на Косово, актерот Тристан Халилај ќе чита извадоци од приказни, а ќе биде прикажан и филмот „Куќата на Ага“ од Лендита Зеќирај, кој зборува за психолошките последици од военото сексуално злоставување и од семејното насилство.

„Беким, до последниот момент, беше и остана југословенски актер во најдобрата смисла на зборот. После неговата смрт, (неговиот син) Уликс Фехмиу рече дека Беким со години одел на Косово да ги брани Србите и ги бранел Албанците во Србија, што на некој начин и ние денес го правиме истото, со организирање на фестивалот „Мердита, добар ден!“ во Белград и во Приштина“, нагласува Јелиќи за БИРН.

Во изминатите седум години, односно од почетокот на фестивалот, се покажа дека „е можна соработка и дијалог меѓу младите, кои дури и кога не мислат исто, наоѓаат начин да се ислушаат и да се запознаат меѓу себе“, нагласува таа.

Фехмиу изврши самоубиство во 2010 година, а сеќавањето на него и натаму останува живо во Србија, како и неговото значење во однос на српско-албанските односи.

Неговата сопруга, српската актерка, Бранка Петриќ, за БИРН во 2012 година изјави дека Беким „го заврши својот живот, онака како што го живееше“, одлучно.

Фехмиу има глумено во над 40 филмови, телевизиски серии и претстави во Југославија и во странство. Негов најпознат филм е „Собирачи на пердуви“ од 1967 година, кој беше номиниран за наградата Златна палма на Канскиот филмски фестивал, како и за Оскар за најдобар странски филм.

Но, тој играше и важна улога во југословенското општество, особено за време на подемот на национализмот во 80-тите, кога се зголеми конфронтацијата помеѓу Србите и косовските Албанци. Во 1987 година тој ја напушти сцената, за време на театарска претстава во Белград, во знак на протест против зголеменото насилство врз косовските Албанци.

„Во тоа време, во 80-тите години, започнува целата антиалбанска пропаганда (во Србија, за време на Слободан Милошевиќ). Тој го напушти театарот, а во 90-тите, и својата меѓународна филмска кариера”, изјави Бранка Петриќ за БИРН.

Таа додаде дека тоа бил тежок период за нејзиниот сопруг. „Тој имаше голема верба во човештвото, и во тој момент, таа верба почна да исчезнува”.

Јелиќи нагласува дека било „крајно храбро и тешко да се заземе и одбрани таквиот став среде Белград, под власта на Слободан Милошевиќ“.

„Решени сме, она што длабоко него го шокираше во тоа време, а што и натаму е актуелна тема во двете општества, да го донесеме на ниво на меѓусебно разбирање и инспирација за соработка“, нагласува таа.

Кога МИЧП го објави датумот на започнување на фестивалот, некои десничарски политички организации побараа фестивалот да биде забранет.

„Можеме да ја најдеме среќата во соживотот“

Беким Фехмиу. Фото: krymeministria.al

По повод одбележувањето на 80-годишнината од раѓањето на Беким Фехмиу, во 2016 година, тогашниот српски премиер, Александар Вучиќ, и неговиот албански колега, Еди Рама, излегоа со заедничко соопштение, во кое го пофалија наследството на Фехмиу.

„Беким остави неизбришлива трага и кај Албанците, и кај Србите. Неговиот живот и уметноста низ која тој живееше, ни покажаа дека можеме да се разбереме, дека можеме да учиме едни од други, дека сме поврзани и дека заедно треба да градиме просперитетна иднина за идните генерации“, истакнаа Вучиќ и Рама во соопштението.

Сепак, косовската јавност не знаеше многу за неговата кариера или улога во српското општество, па така, во 2016 година, беа организирани проекции на неговите филмови во седум косовски градови.

„Реакциите беа многу добри, но организаторите сакаа да ѝ се обратат на поширока публика, со други зборови, филмовите да ги погледнат повеќе од 200 луѓе, колку што можат кината да примат, па затоа изборот на неговите филмови беше прикажан и на националната телевизија, КТВ, во есента 2019 година, вели Јелиќи.

КТВ прикажа осум југословенски филмови како дел од програмата „Недела со Беким Фехмиу“ – сите на српски јазик.

„Реакциите беа поделени, бидејќи овој преглед предизвика воодушевување кај дел од јавноста, заради неговата маестрална глума и квалитетот на прикажаните филмови, додека српскиот јазик во филмовите снимени за време на поранешна Југославија, прикажани во ударно време на Косовската телевизија, предизвика негативни коментари“, објаснува Јелиќи.

Автобиографијата на Фехмиу е објавена во 2001, а таа година тој гостуваше во радио емисијата „Пешќаник“.

„Никој не може да ми ја одземе слободата“, изјави во емисијата Фехмиу.

„Може да ми ја одземе, кога ќе ми ја пресече главата, но јас сум слободен човек“.