Регион

Фестивалот „Миредита, добар ден“, среде превирања, промовира помирување

Симбол и инспирација за овој фестивал е познатиот југословенски актер, Беким Фехмиу

Иако, по немирите во северно Косово, сѐ уште се чувствуваат тензии помеѓу Приштина и Белград, уметничкиот фестивал „Миредита, добар Дан“ се обидува да обезбеди платформа за комуницирање и заедничко творење на луѓето од двете општества.

Во пресрет на вечерашното отворање на фестивалот, во Косово сѐ уште се чувствува напнатост по вчерашното насилство што избувна кога полицијата спроведе акција против осомничени шверцери на северот од земјата, каде што живее мнозинско српско население. Овие немири следеа недолго по настаните на границата, кога, во знак на протест, беа блокирани патиштата и распоредени специјални полициски сили.

„Политичката ситуација е секогаш пречка. Живееме во состојба на постојана криза, а врвот на таа криза се случува непосредно пред или за време на фестивалот, како што е тоа случај и оваа година“, вели за БИРН, Фиона Јелици од Младинската иницијатива за човекови права, една од невладините организации што го организираат фестивалот.

Јелици нагласува дека фестивалот, кој трае до сабота, понекогаш е оптоварен со очекувања „дека ќе дадеме одговори на сите проблеми меѓу Србија и Косово, дека ќе реагираме на сите неправди низ кои поминуваат граѓаните поради нивното етничко потекло, и дека ние ќе ги решиме сите тешки прашања на наследството од минатото“.

„Фестивалот е само еден дел од сложувалката за помирување“, нагласува таа, објаснувајќи дека фестивалот им обезбедува на луѓето безбеден простор за „средба, соработка, дискусија, размена на идеи и презентирање на нивната работа“, допирајќи ги истовремено и најтешките прашања од замрзнатиот конфликт помеѓу Косово и Србија, како што е прашањето за исчезнатите лица или воените злосторства.

Првиот филм што ќе се прикаже на фестивалот е филмот „Hold Me Right“, документарец кој зборува за последиците од сексуалните напади, преку сведочења од прва рака. Режисер е Даниела Штајнфелд, родена во Белград, и самата жртва на силување.

Јелици додава дека „поради исклучителната храброст на неколку луѓе кои преживеале силување, вклучително и Даниела Штајнфелд“, јавната поддршка за жртвите на сексуално злоставување е зголемена и дека фестивалот сака да придонесе за ширење на оваа поддршка, како во Србија, така и во Косово.

 

Фестивалот ќе заврши со уште еден филм – „Товар“, наградуван филм на Огњен Главониќ, кој говори за српски возач на камион, кој пренесува мистериозен товар за време на бомбардирањето на НАТО на Југославија во 1999 година, кое доведе до повлекување на силите на Слободан Милошевиќ од Косово.

Да се истражи „другата Србија“

Јелици информира дека е планирана и дебата, за употребата и злоупотребата на културата за политички цели, и за „Другата Србија“ – „делот од српското општество што не е познат во Косово, и кој е ориентиран кон мир, соработка, против етничка дискриминација , од 1980-тите години до денес“.

Фестивалот, првпат одржан во 2014 година, беше неколку пати цел на екстремистите и десничарите, кои не се согласуваат со неговата порака за меѓуетничка толеранција.

Јелици наведува дека организаторите се подготвени да разговараат за вредностите на фестивалот со своите противници, но и дека „не гледаме простор за дискусија со оние кои сакаат да ја забранат или цензурираат уметноста, кои сакаат да ја забранат слободата на изразување, кои шират етничка омраза или се закануваат со насилство“.

„Во демократските општества, овие вредности не се дискутираат, тие се загарантирани“, додава таа.

„Миредита, добар ден“ е создаден со цел да се создаде форум за комуникација надвор од рамките во кој политичките лидери имаат монопол над дискусиите меѓу Косово и Србија, кои речиси секогаш ги користат за да ги делат, а не за да ги зближат луѓето, објаснува Јелици.

„Фестивалот беше направен за да покаже дека ние како граѓани, како активисти, како уметници, сме заинтересирани да воспоставиме нови врски и да создадеме нови партнерства и пријателства“, вели таа.

Симбол и инспирација за овој фестивал е познатиот југословенски актер, Беким Фехмиу, кој постигна меѓународна репутација.

Организаторите го опишуваат како „симбол на заедничкото минато, заедно со сите негови предизвици, достигнувања и недоразбирања“.

Фехмиу, роден во Сараево и школуван во Белград, има снимено бројни филмови ширум поранешна Југославија, во Италија и во САД. Тој се пензионираше во 1987 година, во знак на протест против антиалбанските активности на југословенските власти.

Познат е и по своите мемоари „Брилијантно и страшно“, во кои, меѓу другото, зборува и за односите меѓу Србија и Косово. Почина во Белград во 2010 година.

Влезот на сите настани на фестивалот е бесплатен. Повеќе информации можете да најдете на www.mireditadobardan.com.