Интервјуа

Гарет: Одложувањето на изборите ѝ штети на земјата

Во интервју за БИРН, британскиот амбасадор Чарлс Гарет вели дека клучот за решението на политичката криза е да се утврди дали се точни наводите за злоупотреби кои произлегуваат од прислушуваните разговори и да се преземе одговорност за стореното / Фото

Во интервју за БИРН, британскиот амбасадор Чарлс Гарет вели дека клучот за решението на политичката криза е да се утврди дали се точни наводите за злоупотреби кои произлегуваат од прислушуваните разговори и да се преземе одговорност за стореното / Фото: БИРН

Политичката криза во Македонија е длабока и комплексна, таа произлегува од проблемите во функционирањето на демократијата и владеењето на правото и како таква  не може да се реши преку ноќ, ниту пак, само со избори, но тие се важен чекор во таа насока, вели во интервјуто за БИРН британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

„Ќе бидат потребни месеци, а можеби и години за да се средат работите. Изборите ќе бидат крај на една фаза во тој процес и ќе бидат многу полезни. Кредибилни избори на 11 декември би биле добар чекор кон враќањето на Македонија таму каде што треба да биде“, вели тој.

Оттаму тој се надева дека изборите ќе бидат одржани на последниот договорен датум,  одреден годинава во преговарачкиот процес, затоа што постојаното одложување создава несигурност и ја храни конфузијата.

„Она што е јасно е дека четирите партиски лидери го договорија датумот за изборите. Се согласија дека условите за нив се исполнети. Сите рекоа дека сакаат избори, така што јас искрено се надевам дека тоа и ќе се случи, затоа што мислам дека е мошне штетно за земјата да продолжи циклусот на постојано одложување“, вели Гарет.

Воздржан е во оценката дали оние за кои постојат сомневања за вмешаност во сериозен изборен криминал би требало да учествуваат на изборите, но инсистира на ставот дека клучот за решавањето на политичкита криза во Македонија лежи во откривањето и преземањето на одговорноста за сето она што произлезе  од прислушуваните разговори како сомнеж за изборни измами, злоупотреба на власта,  можна корпуција и други криминални дејствија.

„Истражувањето на тие наводи и утврдувањето дали нешто има во нив или не и дали има потреба од судска разрешница е исклучително важен момент. На тоа мислам кога велам дека е неопходна одговорност. Тоа е од суштинско значење. Без тоа не е можно одржливо решение на кризата.“

Во тој контекст е и важноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за кое и британскиот амбасадор изразува недвосмислена поддршка и очекува и од политичарите кои во Пржино го договорија воспоставувањето на ова тело да одговорат на сите барања што тоа ги поставува.

„Верувам дека доколку се покаже оти специјалното обвинителство има тешкотии да го направи она што треба да го стори, тогаш, поддршката на политичкиот естаблишмент треба да се прошири и на изнаоѓање начини да им се овозможи да ја остварат својата цел. Тоа може да вклучува проширување на мандатот, промена на  овој или оној закон. Тоа не е на мене да одлучувам. На крајот на денот тоа е нешто за што решава политичкото раководство и парламентот.“

charles-garrett2

Добрата вест е „разбирањето на длабочината и причините“ за кризата / Фото: БИРН

Гарет вели дека е рано да се расправа за специјално судско одделение или специјален суд, смета дека треба да се обезбеди постојните системи да функционираат ефикасно, наместо веднаш да се бараат алтернативи како тоа да се направи на посебен начин. Тој инсистира на важноста да се открие и да се спроведе процес во кој секој ќе биде одговорен за своите постапки.

„Целта – да се утврди одговорност за наводите кои произлегоа од прислушуваните разговори, е толку важна за Македонија како земја, како демократија, како држава во која владее правото, што апсолутно мора да се даде потребната максимална поддршка.“

Британскиот амбасадор не крие дека откако е во Македонија, нешто повеќе од две години, состојбата сe влошува, и тоа не само на внатрешен план. Според него, добрата вест е „разбирањето на длабочината и причините“ за кризата.

„Додека пред две години беше само очигледно дека постои политичка криза, сега, преку работите како што е Извештајот на Прибе и преку разговорите водени околу тоа што е потребно да се смени, особено каде лежат проблемите во смисла на предизвиците во владеење на правото, демократијата и слично, и што може да се стори работите да се поправат. Ова е нешто што често се превидува, а е голема позитивна работа произлезена од сето тоа.“

Тој инсистира на Извештајот на Прибе како на  документ во кој практично се содржани насоки за сериозни и длабински, долгорочни реформи кои ѝ се потребни на земјава, наспроти тенденцијата која ја препознава кај сите, вклучително и кај себе, но и кај институциите, политичките лидери и јавноста „да се фокусираат на краткорочни тактички чекори кои се случуваат, додека всушност, за да се излезе од кризата е потребно сите да се фокусираат на стратешките цели и на прашањето што може Македонија и како би изгледала за пет години“.

Секој во оваа земја знае што треба да се направи со цел да се зајакне владеењето на правото и демократијата. Она што е важно, она што треба да се случи, е навистина да се направи тоа

Секој во оваа земја знае што треба да се направи со цел да се зајакне владеењето на правото и демократијата. Она што е важно, она што треба да се случи, е навистина да се направи тоа / Фото: БИРН

Запрашан дали е оптимист за развојот на настаните и иднината на земјава, вели дека нема дециден одговор.

„Секој во оваа земја знае што треба да се направи со цел да се зајакне владеењето на правото и демократијата. Она што е важно, она што треба да се случи, е навистина да се направи тоа. Ако тоа се случи, тогаш Македонија ќе тргне напред многу брзо. Но, дали можам да се надевам на тоа или не, е навистина тешко да се каже.“

Македонија покрај внатрешните проблеми се соочува и со глобално влошена ситуација која го одзема вниманието на меѓународната заедница. Ситуацијата во Сирија, бегалските бранови, Украина, се делови од сложувалката кои домашниот предизвик го прават поголем.

„Надворешната ситуација нема одеднаш да стане подобра. Може да стане уште посложена. Така што во интерес на Македонија е да вложи сѐ во решавањето на кризата и да тргне напред“.

Британскиот амбасадор вели дека ги следи македонските медиуми, а ги знае и ги чита текстовите кои токму нему и на другите амбасадори им  ја даваат „улогата“ во гротескните теории на заговор што се лиферуваат во јавноста. За нив вели дека „тотално ја промашиле поентата“ и се чини како да не им придава големо значење.

„Не мислам дека ме таргетираат мене специјално. Секоја недела има написи и за други амбасадори. Сѐ што можам да кажам е дека мојот ангажман во Македонија е стопроцентно транспарентен. Се работи за поддршка на оваа земја да ги спроведе реформите потребни за јакнењето на безбедноста и просперитетот и нејзините евро-атлански цели.“