Етиката ретко e тема во јавноста, а уште помалку етиката во политиката, иако таа е лакмус тест за демократскиот стандард и за зрелоста на политичките актери во една држава.
Форумот за разумни политики преку својот Извештај за изборната етика, што се објави денеска, го анализираше однесувањето на политичарите во предизборието токму од етички аспект.
Извештајот покажа дека политичарите во јавните обраќања неретко користеле говор на омраза и лични навреди, кои често имале и етничка димензија. Ваквиот говор доминирал во нивните јавни обраќања, наспроти програмската понуда, која што беше подзаборавена.
Ефект од вака спроведената изборна кампања е намалување на излезноста на изборите и довербата на граѓаните во демократскиот процес.
Форумот во извештајот констатира и дека значаен број од медиумите, без многу контекст и без критичка анализа, ги пренесувале навредите и со таквото известување создале доминантно негативна атмосфера.
Околу идејата форумот да се занимава со изборната етика и за наодите во неговиот извештај, разговаравме со директорот на оваа невладина организација, Гордан Георгиев.
БИРН: Зошто фокусот на извештајот беше етиката во изборниот процес и кои се клучните наоди?
Георгиев: Изборната етика е мирудијата која ја дефинира изборната атмосфера во која граѓаните гласаат и преку тоа таа влијае на правецот во кој земјата ќе се движи следните четири години. Начинот на кој се однесуваат кандидатите и политичките партии во предизборниот период често драматично влијае на свеста и перцепцијата на граѓаните во насока на градење доверба или продлабочување на недовербата во политичкиот процес.
Резултатите од мерењето ни дадоа одличен увид за степенот на изборна етика за време на претседателските и парламентарните избори во Северна Македонија.
На пример, подобрувањата се забележуваат во веќе напуштените пракси на насилство, немири и брутално кршење на избирачкото право, нешто што директно влијаеше на признавање на изборните резултати од страна на сите учесници во изборниот процес.
Во овој изборен циклус бевме сведоци и на драстично намалување на црните кампањи и дезинформациите во рамките на официјалниот јавен дискурс, а таквите кампањи останаа на маргините, пред сè на социјалните мрежи. Ова е потребниот минимум од кој би требало да почнеме да зборуваме за етика во изборниот процес.
Од друга страна, суптилниот пристап во мерењето упатува на тоа дека изборната етика на кандидатите и партиите е незадоволително ниска. Тие во овој изборен циклус се фокусираа повеќе на политичка реторика, гарнирана со политички манипулации, отколку на програмски пораки, често создавајќи агресивна и негативна предизборна атмосфера. Во своите настапи не се воздржуваа од меѓусебни напади, кои во одредени моменти ескалираа и на етничка основа.
Отсуствуваше политичкиот дијалог и културата на компромис, додека јавните дебати беа сведени на минимум и многу малку се осврнуваа на политичката понуда кон граѓаните.
Јавноста постојано паѓа во стапицата на нормализација и прифаќање на неетичко однесување на политичарите, како нешто што е дадено и тешко променливо. Врвна одговорност е да се спротивставиме на културата на лаги и измами и да не премолчуваме за опасноста од прелесно искажаниот јавен збор. Во овој сегмент, медиумите и јавните личности ја имаат примарната одговорност и на тоа мораме да работиме.
БИРН: Анализата покажува дека дискурсот на политичките партии и медиумите за време на изборите се развивал со минимални етички стандарди и со негативна атмосфера. Кои се последиците од тоа врз граѓаните и врз излезноста на изборите?
Георгиев: Резултатот од таквата атмосфера е одвраќање на неопределените гласачи од учество на изборите и ниска излезност. Вака се мобилизираат само партиските бази да учествуваат во изборите. Од друга страна пак на овој начин се мотивираат граѓаните да гласаат „против“ политичкиот опонент, а не „за“ одредени програмски понуди кои ќе го подобрат нивниот живот следните четири години.
Ова е маѓепсан круг кој ги става партиите во непријатна позиција, а граѓаните ги храни со нови и нови разочарувања. Сето ова заедно ја намалува довербата на граѓаните во изборниот и во демократскиот систем како таков. Агресивната негативна реторика ги заживува поделбите водејќи кон силна поларизација и потенцијални етнички тензии.
БИРН: Кои се вашите препораки за да се подобрат негативните трендови во изборниот процес?
Георгиев: Изработивме сет на препораки базирани на анализата. Тие се однесуваат на институциите, политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и меѓународните организации и дипломатските претставништва. Нивната заедничка карактеристика е подигнување на стандардот на партиципативна политичка култура и култура на дијалог пред и за време на изборите, потоа поттик за поголема излезност, како и високо ниво на информираност за програмските определби на кандидатите.
Кога партиите се фокусираат на програмите и кога медиумите бираат да го стимулираат овој процес, имаме правопропорционално намалување на негативната кампања и на личните напади, и се овозможува потенцијал за градење на култура на дијалог и компромис. Подобро е граѓаните да гласаат „за“ наместо „против“, но притоа тие мора да знаат што точно содржи тоа „за“.
И потоа да бидат редовно информирани во текот на наредните четири години колку од прокламираните програмски позиции се оствариле, а каде евентуално затаил процесот. Тоа е единственото и најмоќното оружје на граѓанинот-гласач: да биде информиран и информирано да може да ја донесе сопствената одлука кому ќе му го додели гласот.