Интервјуа

Георгиевски: Што криеме, од што се плашиме?

Интервју со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски

Во 1990-тите го нарекуваа „бугараш“, а тој противниците „србомани“. Триесет години подоцна е во коалиција со наследниците на некогашниот Сојуз на комунистите, а, според новите критериуми на неговите некогашни сопартијци, би влегол во категоријата „предавник“, иако, за волја на вистината, голем дел од нив немаат храброст тоа гласно да го изговорат.

„Кога ќе се потсетам на раните 90-ти години, таквите етикетирања беа со висока фреквенција. Сега етикетирањата се враќаат со истата сила“, ни вели Љубчо Георгиевски, алудирајќи на сегашните поделби…

Со некогашниот премиер и основач на ВМРО-ДПМНЕ, а денес лидер на ВМРО-Народна, која е во коалиција со владејачкиот СДСМ, разговаравме за проблемите што произлегуваат во релациите со источниот сосед, за состојбите и тука и таму, за отпорот во македонската интелектуална елита што се рефлектира на целото општество, за препораките на историската комисија и линиите на поделбата. 

Денес ги смета за погрешни реакциите и етикетирањата што беа содржани и во неговите изјави од тоа време, и во ставовите на неговата партија за некои прашања од минатото, како на пример промената на знамето во 1993 година или, пак, протестите против учењето на албански јазик. Но, за жал, станува збор за грешка што се повторува, смета тој.

„Мајстори сме и денес од ништо да направиме национални трагедии. На истиот начин сега ова го правиме со Бугарија“.

Неотворените прашања на македонската историографија

Зошто не сме подготвени да ги отвориме прашањата, прашува Георгиевски | Фото: Роберт Атанасовски

Љубчо Георгиевски важи за политичар што многу зборува за историјата. Особено за онаа со Бугарија, за која често нагласува дека не е докрај расчистена.

Дел од борбата за демократијата во 1990-тите, кога се уриваше комунистичкиот свет не само во Македонија и во Југославија, туку и во целата источна Европа, беше и за ревидирање на историските теми, кои беа затворени од комунистичките системи.

И додека тоа е тема во многу посткомунистички земји, Македонија успева 30 години да не отвори ниту едно прашање.

„Дури и југословенскиот Титов систем не сме подготвени да го ревидираме и да дискутираме за него“, вели и посочува на АСНОМ, како на едно од неодговорените прашања на историографијата.

Бугарија ги злоупотребува пасошите

Јас кога бев премиер, бугарски граѓани земаа македонски државјанства, па во тоа време, барем 15-тина државјанства сме дале на бугарски граѓани, вели Георгиевски.

„Бугарија не го сфаќа доволно проблемот со издавање на нивни државјанства на македонски граѓани и го злоупотребува. Овој пристап на присила, кој го почнаа во последниве две години, ги натера и тие што имаат бугарски државјанства, да се изјаснуваат и да зборуваат против нив“.

„Имам еден пријател, кој вели вака – секогаш се чувствувам како Бугарин, ама штом некој Бугарин ќе ме праша што си ти, во истата секунда станувам Македонец“.

„Ние се колнеме во АСНОМ, а освен Ченто, никој друг не е рехабилитиран. Ние не ни ги знаеме луѓето што биле на АСНОМ, па потоа се затворани“, вели тој и додава дека речиси две третини од учесниците на првото заседание „избегале во Бугарија или се затворени“.

„Еве овде нема бугарски наратив, овде си има македонски наратив? Каде е таа приказна во македонската историографија. Зошто не сме подготвени да ги отвориме прашањата и да дискутираме? Поминаа седумдесет години, архивите на ЦИА се отвораат по 50 години, што криеме, од што се плашиме?“, прашува тој.

Деновиве, македонската јавност ги дебатира првите плодови од работата на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, која треба да ги утврди пунктовите на заедничката историја.

Пет нивни препораки се за заеднички чествувања на личности од средниот век и пет препораки за измени на учебници од античкиот период.

Тоа се периоди што и досега не се сметаа за спорни меѓу двете соседни земји, но, сепак, предизвикаа жестоки реакции, што кулминираа со писмото потпишано од стотина интелектуалци против препораките на заедничката комисија.

„За мене нема ништо шокантно во нив. Сето тоа што го имаме во препораките, македонските историчари го имаат кажано и напишано досега“.

Како пример ги посочува препораките за светите Кирил и Методиј, Климент и Наум.

„На мојот факултет – компаративна книжевност, по предметот средновековна книжевност, мојот професор го има зборувано истото што го има и во препораките“.

„Оваа реалност никој не може да ја негира, затоа што целата, и балканска, и светска медијавистика, го потврдува тоа што излезе во препораките на комисијата“, ни кажа.

Трите адреси на отпорот

Кај дел од историската фела има и лична загрозеност, вели Георгиевски | Фото: Роберт Атанасовски

Тој смета дека отпорот кон работата на комисијата, која има за задача да најде заеднички прифатливи решенија за спорните историски настани и личности, може да се сведе на три нивоа.

Првото ниво е политичко, односно амбицијата на „политичките опоненти на сегашната власт да ќарат поени“. Според него, сосема погрешна стратегија, бидејќи „многу поважно за опозицијата би било да ги нагласува економските критики кон оваа влада и целата економска состојба.

Второто ниво, Георгиевски го лоцира во историска фела, кај која, како што вели, има и една „лична загрозеност“.

„Многу од тие автори пишувале дали за овие периоди или за некои периоди што потоа ќе следуваат, и се сметаат дека практично нивните дела најверојатно ќе треба да бидат избришани од македонската историска наука“.

Како контрапункт на таквите стравувања, тој го посочува примерот на академик Иван Катарџиев со чии ставови полемизирал и кого го сметал за репрезент на таканаречената „комунистичка историографија“, за која беше карактеристично инсистирањето дека нема ништо заедничко во историјата на двете земји и кој, во последните години на својот живот, ги редефинирал своите позиции.

„Тој има дури и интервјуа, не само книги, каде што ја гледате таа општа историја меѓу Македонија и Бугарија“, вели Георгиевски, изразувајќи запрепастеност од „конзерватизмот што го демонстрираат некои млади историчари“.

Третиот пункт е „длабоката држава“, односно луѓе се или биле во минатото поврзани со разузнавачки служби и кои ако „гледаат дека има подобрување во односите со Бугарија, се обидуваат да го урнат, а да ги прашате зошто го прават тоа, и самите не знаат“.

Улогата на МАНУ

Ова досега е едно од најголемите инволвирања на МАНУ во политиката | Фото: Роберт Атанасовски

Како млад лидер на ВМРО-ДПМНЕ во 1990-тите, Љубчо Георгиевски често ја критикуваше Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, споредувајќи ја со нејзиниот српски пандан САНУ, кој, со поддршката на српскиот национализам, практично одигра клучна улога во разгорувањето на војните на територијата на поранешна Југославија.

„Во 1990-тите ја викавме САНУ, бидејќи ја немаше никаде во првите години од осамостојувањето“.

МАНУ, во меѓувреме, не порасна во очите на Георгиевски. Тој и натаму е нејзин жесток критичар. Ова е особено видливо во неговите коментари на позицијата во однос на актуелната дебата за договорот со Бугарија.

„Ова досега, од самиот почеток, е едно од најголемите инволвирања на МАНУ во официјалната државна политика на Македонија“, вели Георгиевски.

На претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев му забележува за доцно разбуден „ирационален македонски национален патриотизам“, кој 30 години претходно, во други македонски историски периоди, како што е распаѓањето на Југославија, самостојноста, процесот на транзиција и ембаргата, не го манифестирал.  

Приказната на оваа влада е завршена, но не по нејзина вина

„Приказната на оваа влада со неисполнетите ветувања за Европската Унија е потрошена, но таа не е виновна за тоа. Во тоа учествуваше меѓународниот фактор, кој го охрабруваше Заев на решавање на проблемот за името, а потоа не ги исполни ветувањата. Премиерот Заев, во најголем дел, беше жртва на меѓународната заедница“.

„Такви патриоти во последните десетина години се нагледавме многу, кои ги имаат преспиено сите важни настани на македонската современа историја и одеднаш продаваат висок национален патриотизам. Тоа може да го прифатам од некој што има 25 години, меѓутоа некој што тогаш бил во зрели години и го преспал тој период, тоа е непростливо“.

Како посебен и погубен настан во македонската историја, Георгиевски ја дефинира таканаречената „антиквизација“, односно тоа што „претходната влада на Никола Груевски во неговите 11 години, без расправа, без дискусија „ни го избриша словенското минато и нѐ направи антички“.

„Тоа беше една огромна негација на нашиот македонски идентитет, за кој единствено имаме некаква поткрепа дека влече од словенскиот карактер на македонскиот народ“, вели тој и прашува: каде беа сите тие доктори на науки, сите тие академици, зошто го имаат преспано целиот период? 

„Е сега истите тие што го преспаа, одобруваа, дури и пишуваа за таа античка Македонија, која направи од македонскиот идентитет карикатура пред целиот свет, денес се најголемите критичари на препораките на заедничката комисија“.

Георгиевски беше активен и тогаш кога антиквизацијата била доминантна, а и денес, бидејќи сопствената историја ни ја доведува до апсурд. 

„Ако Македонците биле христијанизирани во 1 век со мисијата на апостол Павле, ако имале писменост од 4 век пред нашата ера, тогаш која е улогата за христијанизирањето и описменувањето на Свети Кирил и Методиј и Свети Климент и Наум?“, прашува тој, заклучувајќи „нема нивна улога зашто (според ваквите тези) сѐ претходно сме си имале“.

Заедничката историја е реалност  

Зошто се глуми изненаденост за заедничката историја, прашува Георгиевски | Фото: Роберт Атанасовски

Тој е изненаден од тврдењата на луѓето што професионално се занимаваат со историја дека македонскиот и бугарскиот народ немаат заедничка историја, зашто, како што вели, „тоа го гледате буквално во секоја книга и во секоја биографија на кој било македонски интелектуалец или револуционер од османлискиот период“.

„Не можам да разберам зошто се глуми изненаденост за она што се нарекува заедничка историја“, вели Георгиевски и додава „ние на историјата уште не гледаме со фактографија, туку со идеолошки матрици“.

Обидувајќи се попластично да им одговори на тие што велат дека Гоце Делчев е само наш и не може да е и бугарски, тој прави споредба со неговиот политички современик, првиот претседател Киро Глигоров, чиј заменик на позицијата кратко време беше и самиот Георгиевски.

Инфантилноста на фондацијата Македонија

За појавувањето бугарски клубови во Македонија што носат имиња од историјата, кои се сметаат за контроверзни, Георгиевски вели дека бугарско-македонски клубови од секогаш постоеле, а ова сега е „ребрендирање на некои од нив“.

Како носител на оваа акција, тој ја посочува бугарската фондација Македонија, а нивните чекори вели, „ако не се провокативни, се инфантилни“.

„Тие беа во посета на нашата партија и јас ги примив. По патот до нашите канцеларии, на секоја бандера ставиле налепница со бугарско знаме и нешто испишано. И другиот ден вриеше од полиција околу нашиот штаб за да проверат што се случува. Кому му се потребни ваквите провокации?“

„Ние ако треба да го дефинираме Киро Глигоров како политичар, дали може да го дефинираме само како македонски политичар? Тешко би можело тоа зашто тој 45 години бил југословенски политичар.“

Оваа дефиниција, смета Георгиевски, може да се примени и на преродбениците и на револуционерите.

„И што е толку проблем, како што ние сфаќаме дека ова се македонски и југословенски политичари, да кажеме дека овие имаат општо – на македонската и на бугарската историја“.

Георгиевски, иконата на ВМРО-ДПМНЕ од деведесеттите години на минатиот век, е далеку од партијата што ја основаше од 2003 година. Од 2012 година, неговата втора партија ВМРО-Народна е во коалиција со СДСМ. Критичен е и кон своите коалициски партнери, наведувајќи дека немале доволно храброст да го објават она што било договорено уште во 2019 година.

„Можеби македонската влада требаше тогаш да биде похрабра затоа што тогаш се зборуваше за почеток на преговори со ЕУ и можеби тогаш ќе имаше повеќе разбирање“, вели Георгиевски.

Додека отворено ја критикува македонската политика кон Бугарија во последниве децении, критичен е за политиката на официјална Софија во последниве две години.

Тој го нарекува владеењето на претходниот македонски премиер Зоран Заев „најубавата фаза во односите со Бугарија“, а вели дека најголемата грешка што ја направила Софија е што во тој период го почнала „црвот на кавга со Македонија“.

„Ако 70 години наназад, Македонија ги отвора кавгите со Бугарија, кавгата сега ја отвори Бугарија и цело време го диктираат темпото на кавга до ден денес“.

Во обид да помогне, тој, во 2020 година, ја посети Софија и се сретна со тогашното бугарско раководство предводено од ГЕРБ на Бојко Борисов.

Забележува дека досега Македонија и Бугарија добиле само две години кавга и „секојдневна омраза и блуење отров од двете страни“.

„Политичарите треба да бидат лидери, а очигледно немавме лидери ни од наша, ни од нивна страна“.