Горан Герасимовски го освои вториот мандат како градоначалник на Општина Центар, по два изборни круга. Центар е една од само шест општини во кои победи неговата партија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, која, барем според бројките, го имаше најлошиот резултат досега, иако партиското раководство тврдеше дека состојбата не е толку лоша.
Со добиени 11.108 гласа, Герасимовски има речиси ист број гласови како сите други петмина партиски колеги заедно и на извесен начин ја има највисоката државна функција на СДСМ во моментов.
Тој е и единствен опозиционер во „вмровското“ Скопје, во кое речиси целата власт во градот и во општините што го составуваат отиде во рацете на владејачката коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Без оглед на политичките разлики, ја поддржа акцијата за чистење, а од новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски доби и комплимент дека е „свесен човек“, за разлика од опозицијата генерално.
Со Герасимовски разговаравме за работата во општината во следниот период, очекувањата за развојот на градот, со оглед на политичката состојба во него, како и за иднината на неговата партија и за можното негово поголемо вклучување во нејзините органи.
БИРН: На што ќе се темели развојот на општината во следниов период? На нови градби или на собирање финансии, на начин што нема да зависи од интензивно градење, на повеќе зеленило?
Герасимовски: Моето залагање ќе биде за овие четири години, двојно да се зголеми зеленилото, според бројот на дрвја и грмушки. Значи планираме да збогатиме одредени паркови и зелени површини. Во моментов се детектирани околу 10 илјади високостеблести дрвја. Визијата ни е да го зголемиме капацитетот.
Во делот на финансирањето, ние ја основавме „Енергија Центар“, прво вакво претпријатие што има можност за производство и продажба на електрична енергија. Веќе се поставени фотоволтаични централи на неколку локации, меѓу кои најголемата е на училиштето „Киро Глигоров.“ Во општината нема индустриска зона и наоѓаме начини како да се полни буџетот, не само со комуналии и даноци, туку и преку обновливи извори на енергија, да ги задоволиме потребите на нашите објекти, а дополнително да оствариме и профит.
Планот ни е да истуркаме и што повеќе детални урбанистички планови и да ги донесеме во овие четири години. Каде што има важечки ДУП, тоа е закон. Ниту јас, ниту некој што влеваше и сè уште влева лажна надеж дека може да стопира некоја градба што целосно ги исполнува условите и законските регулативи, не може да го прекрши законот. Не се гради само во Општина Центар, се гради во секоја европска метропола, а наше е да ги подобриме условите.
Имавме измени на законските регулативи, со што задолжително ставаме повеќе високостеблести дрвја и зеленило во самите парцели. Ги тргнавме фиктивните паркинг-места, поради кои се правеше дополнителен проблем со блокирање на улиците. Ги отстранивме и оние градби на Водно, каде што за објекти од приземје, два ката и поткровје, котата се водеше од горната улица за да може да се направат два ката под земја, што прво се претставуваат како помошни простории, а потоа се пренаменуваат во станбени површини.
Дадов насоки, секое градилиште да биде изедначено, да има иста ограда, внатрешен контејнер за отпад, целосно да се ослободат тротоарите. Најголемиот проблем во моментов не е издавањето на дозволите, туку непочитување на законските регулативи од тие што ја вршат градбата – узурпираат тротоари, прават врева, почнуваат во раните утрински часови, ги валкаат улиците со масло… Правиме програма за сето тоа да биде стандардизирано. А дека некој целосно ќе го стопира градењето – тој што го вели тоа, прави илузии кај граѓаните.
БИРН: Какви ви се очекувањата за градот Скопје во следниве четири години? Вие сте единствениот, условно, опозициски градоначалник. Каква соработка очекувате со колегите? Се вклучивте во големата акција за чистење што ја организираше градот, иако истовремено вашата партија СДСМ испраќаше соопштенија дека сето тоа е еден голем пи-ар.
Герасимовски: Ние мора да имаме соработка на највисоко ниво, во интерес на граѓаните. Недозволиво е да ги кочиме процесите поради остварување некои политички цели. Сигурен сум дека ќе имаме одлична соработка. Градот, во моментов, има тешка задача. Гледаме што се случува со јавните претпријатија, буквално се на колена.
Јавната хигиена беше катастрофална. Поради тоа, ние како општина, во изминативе три години трошевме дополнителни средства за да ја подобриме хигиената – изнајмување механизација, двосменска работа на хигиеничарите и друго. „Паркови и зеленило“ е, исто така, во катастрофална состојба. При секој дожд паѓаат дрвја и прават штети. Огромни зелени површини се сушат, што е недозволиво. ЈСП целосно мора да се реконструира, ни прави проблем и нам како центарци и на целиот град со поголема фреквенција на сообраќај, загадување и хаос во паркирањето.
Кога граѓаните се во прашање, не треба да се меша политиката. Во акцијата за чистење, јас и моите службеници го правиме истото што го правевме во изминатите години. Ништо не беше различно, и во претходните три години излегувавме во вечерните часови, работевме двосменски, тросменски, меѓусменски. И сега, со колегите од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ и со хигиеничарите, излеговме на терен во интерес на граѓаните, за да ја одржуваме хигиената во нашата општина.
БИРН: Дали по успехот на локалните избори очекувате да имате поактивна улога во партиските органи на СДСМ во следниов период, особено што таму се очекуваат промени по изборниот резултат? Се доби впечаток дека се дистанциравте од централата, со тоа што водевте малку различна кампања и ги чекавте резултатите на различно место. Сметате ли дека треба да се смени раководството и дали лично имате желба за повисок партиски ангажман?
Герасимовски: Како што гледате, во моментов и во самата партија се прави постизборна евалуација на резултатите. Секој изборен штаб треба да си направи записници, треба да ги согледа сите работи што се одвивале во текот на изборниот процес и тие да се разговараат на централниот одбор за да се донесат заклучоци.
Видовме дека има предлог за еден од моите колеги што се бореше на овие избори, да биде потпретседател во партијата и го пополни испразнетото место по оставката на почитуваната Ана Чупеска. Сигурен сум дека набргу ќе има разгледување на сите работи што се водеа во изборниот процес и ќе се направат претумбации, односно избор на нови членови на одредени позиции.
Нека заврши евалуацијата на изборните резултати. Сето тоа ќе се разговара на централниот одбор, каде што секоја општинска организација ќе си искаже одредени ставови за тоа како се водел изборниот процес, какви се резултатите и какво е задоволството на членството.
Јас, во моментов, сум фокусиран на општината. Тука сме да помогнеме на партијата како членови, но како ќе се одвиваат работите понатаму, ќе видиме. Ние имавме различна кампања бидејќи дојдовме до заклучок дека треба така да постапиме и добивме одобрение од централата да одиме со различен слоган и малку да се издвоиме. Видовме дека тоа е правилно бидејќи роди плод.

