Регион

Гитаристот Самир: Животот и смртта на ‘Боуви’ од Сребреница

Самир Мехиќ, гитарист познат како Боуви, бил убиен во масакрите во јули 1995 година, заедно со илјадници други мажи и момчиња

„Дали си луд, па не го гледаш апсурдот

јас сè уште сам се обидувам да свирам рокенрол,

во ова зло и сенки се прикрадуваат таму,

над овој град, што умира тука пред нас”.

Дневникот со своите стихови и фотографии ѝ го дал на својата сопруга,  Нермина, кога се разделиле. Таа никогаш повеќе не го видела.

„Секогаш се слушаше музика”

 

Самир Мехиќ Боуви. Фотографија на Фарук Смајловиќ

Дваесет и пет години подоцна, на годишнината од геноцидот во Сребреница, која се одбележува оваа недела, неговото семејство и пријатели со задоволство се сеќаваат на него како на посветен музичар и добар човек.

Тој бил добро познат во Сребреница – омилен градски рокер, роден 1967 година, со бујна долга коса и изразени црти на лицето, кој секогаш или слушал музика, или свирел на гитара.

„Кога не се слушаше музика, тоа значеше дека или не е во куќата, или спие. Немаше друго“, вели сестрата на Самир, Селма Рајиќ.

„Наутро, кога ќе станеше кревет, прво ќе вклучеше музика, касетофон, плоча, а дури потоа одеше да се измие и појадува. Кога беше буден, секогаш се слушаше музика“, вели таа.

Селма се сеќава на својот брат како на комуникативна личност, чија мала соба секогаш била полна со негови пријатели. Музиката беше негова страст уште од детството, истакнува таа.

Таа се сеќава и на моментите кога Боуви го чувал нејзиниот син, Семир, додека бил бебе.

„Тој свири – Семир молчи. Свиреше по еден час, а детето молчеше“, вели Селма и додава дека нејзиниот син, во многу работи наликува на нејзиниот брат, и дека и тој свири на гитара.

Сопругот на Селма, Суад Рајиќ, сè уште се сеќава на неговите средби со Боуви, откако тој и Селма се земале.

„Растев во многубројно семејство. Татко ми и мајка ми беа многу строги и ние моравме да слушаме, а тие (семејството Мехиќ) мене ми беа нестварни, особено Самир“, истакнува тој.

„Ќе дојдев, а тој ќе ја пуштеше гласно музика. Семејна куќа, а ѕидовите се распаѓаа“, вели Суад смеејќи се.

Суад малку застанува, за да ги избрише солзите, а потоа продолжува говорејќи за тоа дека Боуви имал постер на Дејвид Боуви на ѕидот на собата.

„Тој беше посебен во сè“

 

Од лево надесно: Нермина Мехиќ, Самир Мехиќ Боуви и нивната ќерка Самра. Во заднина, свирка на групата на Мехиќ, Апсурд, некаде околу 1993 година. Фотографија на Нермина Мехиќ

Фарук Смајловиќ се запознал со Самир Мехиќ кон крајот на 80-тите, кога дошол на проба како тапанар. За време на нивното интензивно дружење, тие ја основале музичката група „Инает“, за инает „на некои луѓе и неправди“, вели Смајловиќ.

„Имавме свирки што ги договаравме во некои хотели, каде свиревме лесни, фини народни песни, ама рокот ни беше во крвта. Но, на рок концертите во нашата дискотека во Сребреница, каде што свиревме секој викенд, продававме и по 700 билети за една вечер“, вели тој.

„Сега нема ни толку жители во градот Сребреница“, додава Фарук.

И тој низ солзи зборува за неговиот пријател и за она што Боуви претставувал во предвоена Сребреница.

„Самир Мехиќ Боуви беше една посебна личност, особено во мојот живот“, истакнува тој.

„Тој беше посебен во сè, во своето однесување. Тој беше надвор од времето во кое тогаш живеевме“, вели Смајловиќ.

Според Фарук, Самир го добил прекарот Боуви затоа што бил еден од првите во Сребреница што го слушал Дејвид Боуви.

„Тој беше првиот од таа генерација што ја всади во нас таа добра музика, психоделија, тој квалитетен рок“, потенцира тој.

„Мислам дека не требаше да се роди во Сребреница. Тој не требаше да се роди ниту во Босна. Сигурен сум дека би направил одлична кариера, ако беше на некое друго место“, вели Смајловиќ.

 

Смајловиќ ја напуштил Сребреница во април 1992 година, откако во оваа областа започнале нападите на силите на босанските Срби, а војната добила на интензитет. Тој вели дека голем дел од нивното друштво ја напуштило Сребреница, но не и Боуви. Тој останал.

„Велам, жал ми е, ние речиси го оставивме овде на цедило. Тој остана сам тука, од целото наше друштво“, вели Смајловиќ.

„Можам да замислам како му било, како тоа го преживувал, а потоа, во целата таа своја мизерија и маки, тој започнал интензивно да вежба на гитарата. Почнал да свири класици. Велат дека толку многу напреднал, што тоа било нешто неверојатно“, нагласува тој.

За време на војната во Сребреница, Боуви формирал нов бенд наречен „Апсурд“ и ја скратил косата. Третата година од војната, се заљубил.

Се оженил во 1995 година, а потоа тој и неговата сопруга, Нермина Мехиќ, дознале дека ќе добијат дете.

„Во моментот кога дозна дека ќе стане татко – тој беше многу возбуден. Обично велеше дека едвај го чека моментот кога ќе стане татко. За жал, тој не го дочека“, вели Нермина, која денес живее во САД.

„Се гледаме, ако даде господ“

 

Гробовите на Самир Мехиќ (лево) и на неговиот татко Фуад (десно), во Меморијалниот центар во Поточари. Фото: БИРН

Кога српските воени и полициски единици започнале да влегуваат во Сребреница во јули 1995 година, Боуви и неговата сопруга, нејзиниот брат, Селим Селимовиќ, и стотици други сограѓани, на 11 јули 1995 година тргнале на бегаат низ шумата.

„Бидејќи бев бремена, ми се слоши веќе на првиот свиок, бев анемична. Самир тогаш ме врати. Само ме грабна за рамениците и ми рече: ‘Нермина, мора да одиш’“, се сеќава таа.

„Јас сепак решив, и против мојата волја, да го послушам и да заминам. Тој на заминување, само ми го даде својот дневник и неколку фотографии, во стилот ‘земи го ова, ќе го сочуваш подобро од мене, па се гледаме ако даде господ’. Тоа беше последното нешто што тој го рече“, низ солзи раскажува Нермина.

Таа се вратила во Поточари. Од таму, следниот ден, силите на босанските Срби ја ставиле во автобус, со кој ги транспортирале бошњачките жени и деца до Тузла, која била под контрола на Армијата на БиХ.

Во Кравица, на патот меѓу Братунац и Коњевиќ поле, кога автобусите застанале, таа слушнала истрели. Станала да види што се случува.

„Видов маса свет од десно … Станав со намера, ако видам некого од нив, бидејќи тие заминаа заедно, да излезам и да не одам понатаму“, се сеќава Нермина со тешка и долга воздишка.

Сè уште ѝ е тешко да зборува за она што им се случило на нејзиниот сопруг и брат.

„Потресно е, но јас се обидувам да кажам колку што можам. Тешко е дури и по 25 години, и секогаш е, не само денеска“, додава таа.

Семејството и пријателите на Боуви слушнале неколку верзии за тоа што му се случило. Дознале дека бил ранет. Селма вели дека слушнала оти им кажал на пријателите кои минувале покрај него да го продолжат патот и дека тој само седнал да се одмори малку, бидејќи го болеле нозете.

Она што е јасно е дека тој бил заробен и убиен, како и останатите околу 8000 Бошњаци од Сребреница, кои беа убиени од силите на босанските Срби во серијата масакри извршени во јули 1995 година, кои меѓународните судови ги класифицираа како геноцид.

Неговите останки биле пронајдени во две гробници. Истите оние во кои биле пронајдени и останките на неговиот татко, Фуад.

Табутот на Боуви, како што вели Смајловиќ, го носел бројот 501. За него тоа е симболично, затоа што на неговиот пријател му се допаѓале фармерките „Левис 501“.

„Ова се чудни работи, понекогаш со нетрпение чекате да закопате некого, едноставно, за да го пронајде својот мир, да знаете каде е, да можете да одите таму и да се помолите“, посочува тој.

Смајловиќ со години ги чувал грамофонот и плочите на Боуви, кои биле пронајдени во неговата куќа по геноцидот, како и писмото што Боуви му го испратил во 1994 година. Тој неодамна ги донираше во Меморијалниот центар во Сребреница, за да бидат изложени.

„Мојата мисија е да не го заборавиме, но секогаш велам дека низ Самир ги гледаме и сите други жртви“, истакнува Смајловиќ.