Специјалниот обвинител, Дејвид Швендимен, во четврток соопшти дека функцијата ја напушта на крајот од март, бидејќи му истекува мандатот како висок службеник во дипломатската служба на Државниот секретаријат на САД.
„Ова е неизбежно, бидејќи администрацијата на САД мора да го земе предвид мојот статус на пензиониран службеник, кој беше повикан да се реактивира – и тоа е дел од законот што не можам да го сменам,колку и да сакам да останам“, вели Швендиман во соопштението, во кое додава дека мандатот му трае до 31 март.
Седиштето на овој суд се наоѓа во Холандија. Се очекува, пред него, да бидат поднесени обвиненија против некои поранешни високи припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за злосторства кои тие наводно ги извршиле за време и по војната во Косово.
Швендимен во соопштението нагласува дека неговото заминување не значи и промена ниту на курсот, ниту на поддршката на САД или на Европската унија, на работата на Специјализираното обвинителство.
„Ниту еден од оние кои се одговорни за злосторствата опфатени со мандатот на Специјализираните совети и специјализираното обвинителство, ниту на секунда не треба да помисли, дека моето заминување има врска со евентуален недостиг на посветеност да се спроведе истрагата“, вели тој.
„Во нашата работа секогаш се работело за индивидуална одговорност – за повикување на луѓето на одговорност за нивните дела, за она што како поединци го направиле – никогаш не станало збор за менување на историјата или издвојување на одредени групи заради осуда. Ова нема да се смени со доаѓањето на новиот специјален обвинител“, додава Швендимен.
Кваи Хонг Ип, сегашниот заменик на Швендимен, ќе ја преземе неговта функција како вршител на должноста.
Швендиман истакна дека оние кои страдале поради кривичните дела опфатени со мандатот „имаат причина да ја задржат довербата во работата што сме ја направиле, што ја правиме и што ќе продолжиме да ја правиме во иднина“.
Швендимен беше назначен за специјален обвинител во 2016 година. Предходно, тој го водеше Специјалниот истражен тим на ЕУ (СИТФ), кој ги истражуваше наводите за злосторства, извршени од поранешни припадници на ОВК.
Пред овој суд ќе бидат разгледани случаите што произлегуваат од извештајот на СИТФ од 2014 година, во кој се наведува дека дека неименувани претставници на ОВК ќе се соочат со обвиненија за „кампања на прогонство“ на Србите, Ромите и Албанците, за кои се верувало дека се соработници на режимот на Белград.
Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегално затворање и сексуално насилство.
Истрагата на СИТФ беше спроведена по објавувањето на извештајот на Советот на Европа, во 2011 година, во кој се вели дека некои високи официјални лица на Косово, вклучувајќи го и актуелниот претседател Хашим Тачи, се одговорни за различни повреди на човековите права.
Тачи остро ги негираше обвинувањата.
Во судот се ангажирани меѓународни судии и обвинители, а ќе функционира во рамките на законите на Косово.
Преговорите за формирање на судот траеја од 2011 до 2015 година.
По завршувањето на војната, правдата во Косово ја администрираше меѓународната заедница, но резултатите беа слаби – помалку од 20 конечни пресуди во предметите на воени злосторства.
Од друга страна, се веруваше дека обвинителството на Косово не може да се справи со чувствителните случаи против високи официјални лица, што е една од причините за одлуката на меѓународната заедница, за формирање на новиот суд.
Во Косово, новиот суд се смета за пристрасен, бидејќи пред него ќе им се суди само на поранешни припадници на ОВК, кои поголемиот дел од албанското население во Косово ги смета за ослободители, додека во Србија, судот има широка поддршка, бидејќи дава надеж дека ќе бидат процесирани злосторствата врз Србите.