Бугарскиот претседател Румен Радев е најголемиот фаворит за победа на претседателските избори што ќе се одржат на 14 ноември, заедно со повторените парламентарни избори откако претходните што се одржаа во април и во јули, на кои никој не победи. Една анкета предвидува дека Радев ќе добие 56 проценти од гласовите и ќе биде реизбран.
Според истражувањето на Сова Харис објавено на 5 ноември, главниот конкурент на Радев е Анастас Герџиков со поддршка од 23,5 проценти. Тој е поддржан од партијата ГЕРБ на поранешниот претседател Бојко Борисов. Зад нив е Мустафа Карадаја од Движењето за права и слободи со популарност од 7,1 проценти, а потоа кандидатот на Демократска Бугарија Лозан Панов со 6,8 проценти.
Ова се кандидатите за кои ќе се гласа в недела.
Румен Радев – актуелниот претседател
Исто како во 2016 година, поранешниот пилот на военото воздухопловство Радев (58) настапува како независен кандидат, но со поддршка на Бугарската социјалистичка партија. Откако ја презеде функцијата, тој постојано беше во конфликт со Борисов, споредувајќи го неговото владеење со мафијашко, особено за време на антивладините протести во 2020 и во 2021 година.
Радев се противеше на назначувањето и потоа на работата на Главниот обвинител Иван Гешев, кој се смета за близок човек на Борисов. Среде бугарската политичка криза, Радев ја имаше должноста да назначи две привремени влади од април досега, со што неговата видливост во јавноста се подобри.
Радев се соочувал и со критики, особено за неговата пасивност во справувањето со кризата со ковид-19, како и во врска со обвинувањата дека е премногу близок до Кремлин, особено по неговиот повик од 2017 година до Европската Унија да ги укине санкциите против Русија. Како аргумент за неговите руски врски се посочува и тоа што е поврзан со социјалистите, кои се идеолошкиот и нереформиран наследник на Бугарската комунистичка партија.
Експертите сметаат дека, и покрај тоа што ги поддржа антивладините протести, Радев не придобил многу дополнителни гласачи со тоа.
„Владеењето на правото е кауза на која ѝ се наклонети централно-десничарските гласачи, а тие не гласаат за Радев иако ги поддржаа протестите во 2020 година“, вели Ана Крастева, професорка на одделот за политички науки на Новиот бугарски универзитет. „Радев повеќе треба да се грижи за својата политика за време на кризата со ковид-19, отколку за своите противкандидати“, додаде Крастева за БИРН.
„Бугарското општество е фундаментално поделено според ставовите кон пандемијата и кон процесот на вакцинација, но е обединето во фрустрациите за тоа како тие што се на власт се справуваа со кризата. И тие што се за вакцинацијата и антиваксерите ѝ се лути на Владата“.
Радев упорно одбиваше да открие дали е вакциниран или не, што предизвикуваше чудење кај јавноста. Уште во јануари беше во приоритетната категорија граѓани за вакцинирање, но дури на 28 август откри дека примил две дози.
Партијата „Има таков народ“, која победи на парламентарните избори во јули, но не формираше влада и оттогаш паѓа на анкетите, иако го критикуваше Радев, му изрази поддршка на изборите и не излезе со свој кандидат. Актуелниот претседател е поддржан и од партијата „Продолжуваме да се менуваме“, предводена од министрите во привремената влада Кирил Петков и Асен Василев.
Анастас Герџиков – изненадувачкиот избор на ГЕРБ
Ректорот на Софискиот универзитет, Анастас Герџиков, официјално настапува како независен кандидат, но со поддршка на ГЕРБ. Ова беше изненадувачка одлука, со оглед дека тој не бил поврзан со доскорешната владејачка партија дотогаш.
Герџиков, исто така 58-годишен, е професор по римска литература, кој дипломирал на универзитетот „Хумболт“ во Берлин. Од 2001 до 2003 година беше заменик-министер за образование.
Во 2017 година, истражување на порталот „Офњуз“ откри дека имало наводни нерегуларности во трошењето на парите од Софискиот универзитет, наведувајќи дека на Герџиков му се исплаќале околу 7.800 евра повеќе од неговата вообичаена годишна плата, а не постоеле никакви документи што би го оправдале тоа. Герџиков негираше дека сторил нешто погрешно.
Досега во кампањата тој се дистанцираше од ГЕРБ, велејќи дека решил да се кандидира уште пред Борисов да го контактира за да го поддржи. Исто така го напаѓа Радев, обвинувајќи го дека прави поделби во општеството.
„Бугарското општество е разединето поради тоа што бугарската политика е разединета“, рече Герџиков во телевизиско интервју на 25 октомври. „Истовремено, има теми за кои луѓето се согласуваат. Сите сакаат владеење на правото, квалитетно образование и здравство. Ако политичарите не го гледаат овој консензус, тоа значи дека се преокупирани со нешто друго“.
Мустафа Карадаја – лидерот на контроверзната ДПС
Движењето за права и слободи на Карадаја (ДПС) е контроверзна појава во бугарската политика, меѓу другото поради врските со медиумскиот могул и поранешен пратеник Делјан Пеевски, кој се кандидира за место во парламентот, и покрај тоа што со Пандорините документи беше откриено дека поседува непријавени офшор-бизниси.
Карадаја (51) е член на ДПС веќе три децении. Но, за време на кампањата за претседателските избори не се истакнуваше премногу во јавноста. Не учествуваше на ТВ интервјуа и не влегуваше во дебати со другите кандидати. Во неколкуте појавувања Карадаја го бранеше Пеевски и ја доведуваше во прашање веродостојноста на Пандорините документи.
Во август изби конфликт меѓу Карадаја и Радев откако Карадаја откри дека привремениот министер Петков има двојно државјанство, бугарско и канадско. Радев, кој го назначи Петков, му одговори со прашање која држава ја смета за своја татковина, алудирајќи на една случка што му се припишува на Карадаја, дека за време на една посета на Истанбул ја нарекол Турција „наша татковина“.
Карадаја им се придружи на критиките кон Радев за неговиот одговор на последниот бран во пандемијата со ковид-19, но, според Крастева, тоа повеќе му помогнало на актуелниот претседател отколку што му наштетило.
„Агресивната кампања на Движењето за права и слободи против Радев е во корист на Радев, бидејќи ги мобилизира гласачите со националистички сентимент“, рече таа.
Лозан Панов – „пропуштената можност“ на Демократска Бугарија
Судијата Лозан Панов, претседател на Бугарскиот врховен суд, се кандидира како независен кандидат поддржан од партијата Алијанса за демократска Бугарија.
Се очекува дека најголемиот број гласови што ќе ги освои Панов ќе бидат во главниот град, Софија, каде што и Демократска Бугарија во април освои мнозинство гласови.
Панев влече поддршка и со својата кандидатка за потпретседателка, популарната новинарка Марија Касимова-Моаси, која е позната по своите либерални и прогресивни погледи, и која нема политички багаж.
Двојката е речиси единствена меѓу кандидатите што јавно изразува загриженост за бавната стапка на вакцинација против ковид-19 и што изрази поддршка за напорите на Северна Македонија за зачленување во Европската Унија, што е блокирано од Софија во моментов.
Но, Панов, според експертите, ризикува да биде доживеан како кандидат за една тема поради неговата заднина во судството.
„Панов е прерана, испуштена можност“, вели Крастева. „Судските реформи се потребни и на нив се чека долго, но еден кандидат треба да знае како да зборува за поширок спектар на теми и да им даде приоритет на критичните“.
Другите кандидати и нивните контроверзии
Лидерот на ултранационалистичката партија Вазраждане, Костадин Костадинов, исто така се кандидира за претседател, возејќи се на протестите против рестрикциите со ковид-19 и на вакцинацијата. Костадинов, кого го нарекуваат и Костја Копејкин поради прорускиот сентимент на неговата партија и валутата што била користена во царска Русија, е против тоа Бугарија да го прифати еврото и ја критикуваше моќта што Радев ја стекна во периодот на привремената влада.
Независниот националистички кандидат Бојан Расате привлече големо медиумско внимание откако беше обвинет дека предводел напад на ЛГБТ центарот во Софија на 30 октомври. По протестот против нападот, кој се одржа на 1 ноември, обвинители побараа да му се тргне имунитетот на Расате како претседателски кандидат. Последователното апсење на Расате се претвори во јавен спектакл, откако полицијата прво не можеше да го најде, а го уапси пред зградата на Бугарската национална телевизија на 2 ноември, откако тој даде интервју.
Изборите се можност за камбек и на бизнисменот и поранешен пратеник Веселин Марешки, кој минатата година беше осуден на четири години затвор за изнуда, но неговиот случај беше вратен на повторно судење поради неправилности.