Регион

Годишнина од Дејтонскиот договор и забавени судење за воени злосторства

Во услови на пандемија, и онака бавното процесирање на воените злосторства, извршени за време на конфликтот во БиХ стана уште побавно.

„Мирот е само почеток, треба заедно да го градиме понатаму, сите сме тука да го сториме тоа“, порача високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, во ноември, на 25-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Инцко истакна дека „имаме една БиХ за сите, каде што има простор за сите“.

Но, повоените поделби повторно беа обележје и во 2020 година и БиХ уште еднаш беше критикувана за неефикасно решавање на огромниот број заостанати случаи на воени злосторства.

По двегодишно одложување, во септември, Советот на министри конечно ја усвои Ревидираната стратегија за работа на предметите на воени злосторства.

Според најновиот план, работата на стотиците нерешени случаи на воени злосторства, треба да заврши до 2023 година.

Сепак, рокот утврден во претходната национална стратегија, со кој се предвидуваше дека најсложените случаи на воени злосторства ќе бидат решени до 2015 година, не беше испочитуван, па некои правни експерти се сомневаат дека ќе се запазат и роковите од новата стратегија.

„Убеден сум дека рокот нема да биде исполнет. Убеден сум дека стратегијата повторно ќе биде ревидирана, а рокот продолжен“, вели, Миодраг Стојановиќ, адвокат што ги застапува обвинетите за воени злосторства, пред Судот на Босна и Херцеговина.

Стојановиќ додава дека дополнителна причина за тоа е пандемијата на корона вирусот, која, на почетокот на оваа година ги запре сите рочишта. Судењата потоа продолжија, но само оние во кои беа вклучени до 5 обвинети, со цел да се испочитуваат изречените мерки за спречување на ширењето на корона вирусот.

„По еден месец или два, не можеме да закажеме (рочиште), бидејќи обвинетиот добил корона или неговиот бранител добил корона, или вештакот не може да дојде од друга земја (поради ограничувањата за патување)“, објаснува, Минка Крехо, претседател на Кривичниот оддел на Судот на БиХ.

Гонењето на случаите на воени злосторства на државно ниво, беше критикувано од британската судијка, Џоана Корнер, поранешна обвинителка на Хашкиот трибунал, во нејзиниот извештај објавен во септември.

Корнер посочи дека Обвинителството на БиХ продолжува да покренува обвиненија против лица кои не се во БиХ, па оттука ним и не може да им се суди, и против осомничени кои веќе се наоѓаат на издржувње на долгорочни затворски казни за други воени злосторства. Таа укажа и на потребата за пренесување на помалку сложените случаи на пониските судови, со цел да се растерети Судот на БиХ.

Ако има доволно докази за гонење на преостанатите 4.000 потенцијално осомничени лица, тешко дека тоа може да се направи пред крајниот рок во 2023 година, нагласи таа.

„Никогаш нема да биде можно да се гони секое лице, па затоа е неопходно да се постават приоритети“, истакна Корнер.

„Постојано им се заканувал на муслиманите“

Ратко Младиќ, во текот на жалбеното рочиште, Фото: Фликр/ММКТ.

Во август, поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, започна со изнесувањето на жалбата на пресудата со која беше осуден на казна доживотен затвор за геноцид и за други воени злосторства.

Поранешниот командант на ВРС, кој денес има 77 години, и во притвор  имаше неколку сериозни здравствени проблеми, во судницата се појави со медицинска маска, како дел од мерките за превенција против корона вирусот, иако веднаш по влегувањето ја симна.

Хашкиот трибунал, во ноември 2017 година, го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, прогласувајќи го виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево за време на опсадата на градот, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Но, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен над Бошњаците и Хрватите во 1992 година во неколку други босански општини.

Одбраната на Младиќ, која честопати бараше негова хоспитализација, тврдејќи дека тој не добива соодветна медицинска нега во единицата за притвор и дека неговата здравствена состојба е влошена, нагласи дека на обвинетите му се прекршени човековите права, бидејќи тој не е доволно добар за да ја следи постапката на правилен начин.

Жалба поднесе и обвинителството, барајќи Младиќ да биде осуден за геноцид во уште пет општини – Приједор, Сански мост, Котор-Варош, Фоча и Власеница.

„Тој сакал да се воспостави етнички чиста српска држава, тој постојано им се заканувал на муслиманите дека ќе исчезнат или ќе бидат истребени“, рече обвинителката, Лорел Беиг.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), соопшти дека изрекувањето на казната на Ратко Младиќ е планирано за мај 2021 година. Во мај се очекува да им биде изречена пресудата и на поранешните шефови на српската Служба за државна безбедност (СДБ), Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, обвинети за воени злосторства во БиХ и во Хрватска.

Истражувања открија одговорни, но не и гонети команданти

Судот на, Босна и Херцеговина, Сараево, 2020 година. Фото: Мартино Ломбеци

Минатата година БИРН објави низа истражувања, кои открија дека голем број команданти од среден ранг, наводно одговорни за разни сериозни злосторства извршени во војната, никогаш не биле гонети.

Првото истражување откри дека командантите што ги воделе бригадите на сараевско-романискиот корпус на ВРС, кои го гаѓале Сараево со гранати и снајперски оган за време на тригодишната опсада на градот, и покрај силните докази што се појавија во судските процеси против нивните претпоставени, никогаш не беа обвинети.

Второто истражување на БИРН утврди дека командантите на три единици на воената полиција на босанските Срби, кои во јули 1995 биле вклучени во апсењето на Бошњаците од Сребреница и во нивното спроведување до местото за масовна егзекуција, никогаш не биле повикани на одговорност.

Третото истражување покажа дека хашките пресуди содржат имиња на бројни припадници на војската и на полицијата на босанските Срби, кои досега не биле гонети за можна вмешаност во убиствата, етничкото чистење и злоставувањето во логорите во регионот на Приедор, во 1992 година.

Четвртото истражување зборува за документите на Хашкиот трибунал, кои откриваат имињата на команданти на бригади на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) и на воени полицајци, поврзани со незаконско притворање, злоупотреба, силување и убиство на затвореници во општината Прозор-Рама, во 1992 и 1993 година.

БИРН, исто така, во уште едно истражување, утврди дека Судот на Босна и Херцеговина, во последните осум години, наложил да им се исплати отштета од околу 1,8 милион евра, на обвинетите за воени злосторства, кои биле ослободени од обвиненијата. Зголемувањето на овие трошоци, според правните експерти, е резултат на тенките обвиненија и лабилните докази.

Дојдовме и до податоци дека Кантонот Сараево (КС), од 2013 година до денес, одвоил средства наменети за помош на поранешните припадници на војската и на полицијата на Република Босна и Херцеговина (РБиХ), кои се обвинети за воени злосторства, во висина од 1.370.000 евра.

„Нагласуваме дека со распределбата на овие средства, не се оправдуваат злосторствата на вооружените сили на РБиХ, кои, за жал, се случија“, соопшти Министерството за боречки прашања на КС.

Воени фигури повторно избрани за градоначалници

Фикрет Абдиќ. Фото: Н1 ТВ.

На локалните избори во БиХ, одржани во ноември, воениот злосторник, Фикрет Абдиќ беше реизбран за градоначалник на Велика Кладуша.

Абдиќ, познат бизнисмен во поранешна Југославија, помина околу десет години во затвор откако во Хрватска беше осуден за воени злосторства над Бошњаците.

За време на војната, тој стана противник на Владата во Сараево и ја формираше Автономната покраина Западна Босна, АПЗБ. Додека беше на нејзино чело, Абдиќ се бореше против Бошњаците лојални на власта во Сараево и соработуваше со српските и хрватските сили.  Во АПЗБ беа формирани неколку логори во кои бea извршени воени злосторства врз притворени припадници на босанската армија.

Мирослав Краљевиќ, член на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), беше реизбран за градоначалник на Власеница, иако му се суди за наводни воени злосторства.

Краљевиќ е обвинет за прогон на бошњачките цивили преку незаконско притворање, убиства, сексуално злоставување, тортура, исчезнувања и други нехумани дела. Неговите наводни злосторства биле извршени во текот на 1992 и 1993 година, кога тој бил командир на специјалниот полициски вод во Власеница.

Што се однесува до другите настани поврзани за војната во 90-тите години, Обвинителството на Босна и Херцеговина во септември започна истрага против медиумите на Република Српска, поради откривање на идентитет на заштитен сведок, во судски процес за геноцидот во Сребреница.