Регион

Горливо прашање: Балканските држави во трка да се справат со заканатa од пожари

Пожарите ја тестираат подготвеноста, координацијата и политичка волја

Додека медитеранската климатска зона продолжува да се менува, а топлотните бранови се засилуваат, балканските држави со различен степен на подготвеност се соочуваат со сезоната на пожари.

Некои, како Грција, демонстрираат силна тактичка подготвеност, но не успеваат да ги адресираат стратешките слабости. Други, како Србија и Северна Македонија, прикриваат недостатоци со политички спин или со креативна импровизација. Во Турција, нерешените институционални долгови ги загрозуваат животите, додека преоптоварените пожарникари во Косово се оставени да се борат со премалку ресурси.

Јасно е дека климатските промени ја засилуваат заканата и дека регионот веќе се приближува до работ. Со свежи рани од претходните лета и сув терен, прашањето повеќе не е дали ќе има пожари, туку дали балканските држави ќе бидат подготвени за нив.

Турција: огнот поголем од ресурсите

Турција годинава претставува парадокс. Големата земја со огромно искуство во справувањето со пожари, сепак се сопнува поради институционалната кревкост.

По повеќегодишните критики, владата неодамна почна да ја обновува воздушната флота за гаснење пожари, но претходно Турската воздухопловна асоцијација (THK) продаде осум авиони за гаснење пожари годинава поради зголемени долгови и финансиски малверзации. Тој потег дојде во најлош момент. Додека пожарите беснееја низ Текирдаг и се проширија во историскиот полуостров Галиполи, недостасуваше ноќната воздушна поддршка поради малкуте авиони со ноќна оптика.

Селата беа евакуирани, а невладините организации ја обвинија владата за неспособност да го заштити еден од најранливите природни региони на земјата.

Главната дирекција за шумарство на Турција тврдеше дека против пожарите се бореле со 14 авиони, 13 хеликоптери и стотици пожарникари. Но, под жешкото сонце на Турција, бројот на нови пожари постојано ги надминува достапните ресурси.

Во 2024 година, Турција евидентирала 3.797 пожари – најмногу од 1937 година, со 30 проценти од нејзините шуми под директна закана, според професорот Доѓанај Толунај од Истанбулскиот универзитет.

Во Измир и Хатај, каде илјадници хектари беа претворени во пепел последниве недели, локалните жители се бесни поради, како што велат, неефикасен и задоцнет одговор.

Грција: се борат со пожари без да научат од нив

Поради климатските промени состојбата од година в година се влошува | Фото: БИРН

Грција, можеби, влегува во оваа сезона на пожари со најсилна оперативна подготвеност во регионот. Со 18.000 пожарникари, вклучително и 4.192 волонтери и 323 сезонски вработени поддржани од ЕУ, заедно со до 85 летала, 49 изнајмени авиони и 3.700 возила, земјата има значајни капацитети за сузбивање на пожари.

Но, основните дисбаланси ги загрижуваат експертите.

„Грција троши 70 проценти од ресурсите за гаснење, а само 30 проценти за превенција,“ вели Елиас Циритис, координатор за шумски пожари при Светскиот фонд за природа (WWF) Грција.

Грција евидентирала повеќе од 1.050 пожари од јуни до почетокот на јули, при што синдикалните лидери на противпожарната служба предупредуваат дека дневно избувнуваат и до 50 пожари. Иако повеќето од нив, бргу се ставаат под контрола, големиот број пожари го истоштува системот.

Прегледот од декември 2024 година на Одделението за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија (DG ECHO) покажа дека Грција е фокусирана главно на итните ситуации. Препораката беше дека треба „повеќе фокусирање на превенцијата“ оти тоа може да помогне во зголемувањето на ефикасноста и намалувањето на загубите.

Експерти за БИРН изјавија дека вистинската подготвеност за пожари бара повеќе од оперативна спремност – потребни се долгорочно планирање, инвестиции во превенцијата, анализа на претходни инциденти и транспарентност.

„Инцидентите со пожари не се анализираат; гледаме пожари што се повторуваат, особено во региони што неодамна изгореле, и нема анализа на тие инциденти. Ова е голем недостаток што трае со години во нашата земја,“ вели Циритис.

Балканските земји, кои често реагираат фрагментирано, сега се на крстосница: или ќе ги развијат системите за управување со пожари, или ќе продолжат да плаќаат со шуми, домови и животи.

„Балканот треба да учи од примерот на медитеранските земји додека има време и да не ја направи грешката да инвестира речиси исклучиво во гаснење,“ заклучи Циритас.

Северна Македонија: надградба – или „итна импровизација“

Неодамна беа промовирани прилагодените хермелини | Фото: Центар за управување со кризи

Соочена со хроничен недостиг на противпожарна опрема и кадар, владата во јули направи драматичен потег: пренамени 50 застарени оклопни транспортери од војската и полицијата во возила за носење вода и гаснење пожари.

„Хермелините се исклучително моќни возила, може да се движат и по лош терен и може најблиску што може да испорача вода до пожарникарите. Во суштина тие ја имаат улогата на базени од каде што ја полниме водата“, изјави Стојанче Ангелов, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, бранејќи го потегот кој критичарите го нарекоа „итна импровизација“.

Премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека пренамената ќе заштеди „десетици милиони евра“ во споредба со купување нова опрема.

Сепак, потегот открива подлабок проблем.

Возниот парк противпожарни возила во земјава – околу 280 на број – е застарен; некои возила се стари и над 40 години. Со само 800 активни пожарникари и недостиг од уште најмалку 400, владата објави итен повик за регрутирање нов кадар, со ветување дека најдобрите кандидати ќе добијат постојана работа во идната елитна национална противпожарна единица.

Засега, надежите се дека со оваа иновација ќе се покријат години занемарување и недоволно вложување.

Во меѓувреме, како и минатата година и сега низ целата земја беснеат пожари. На почетокот на јули пожар во Скопје го обвитка главниот град во густ чад.

Инаку, во гаснењето на пожарите се вклучени четири хеликоптери и еден од трите достапни авиони за гаснење. Се очекува уште два да бидат подготвени до крајот на летото.

Бугарија: повеќе опрема – но сè уште не е доволно

Илјадници хектари шума изгореа годиниве на Балканот | Фото: БИРН

По над 70.000 хектари уништена површина од пожари во 2024 година, Бугарија ги засили напорите. Минатата есен земјата набави три авиони „Спартан“ за гаснење пожари, а дополнително беа додадени и хеликоптери во противпожарниот арсенал на бугарските воздушни сили. Доделени се и дополнителни 21,1 милион евра за воздушно гаснење, заедно со специјализираните системи наречени „Bambi Bucket“.

Но, тоа можеби нема да биде доволно. Министерот за одбрана, Атанас Запрјанов, во февруари призна дека итно се потребни уште три „Спартан“ авиони за исполнување на националната стратегија за справување со пожари, но дека средствата не се обезбедени.

Во јули, претседателот, Румен Радев, јавно критикуваше, посочувајќи дека, иако било дискутирано за 409 милиони евра за подготвеност за пожари, нема ни трага од тие пари.

Иако бројот на пожари летово е помал од очекуваното, големите пожари во близина на Бургас и Белоградчик – каде се изгорени околу 6.000 хектари – се потсетници за климатската нестабилност.

Србија: не е „противпожарна суперсила“ каква што тврди дека е

Претседателот Александар Вучиќ лани се пофали дека Србија може да стане „противпожарна суперсила во Југоисточна Европа“. Но, реалноста е сосема поинаква. Иако набавката на два руски хеликоптери „Камов“ и три нови „Еврокоптер H-145“ ги зголеми капацитетите, институционалните слабости остануваат очигледни.

Јануарскиот извештај на Државната ревизорска институција на Србија беше остар. Последната стратегија за заштита од пожари во земјата истече во 2017 година и сè уште нема нова. До крајот на 2023 година, просечната старост на возилата била 27 години, а земјата има по еден пожарникар на 1.865 жители – далеку под европските стандарди. Системот е преоптоварен и застарен, заклучија ревизорите.

Ова лето веќе се покажува како разорно. Помеѓу 1 јуни и 9 јули, во Србија се евидентирани 5.821 пожари. Само на 7 јули се регистрирани 628 шумски пожари. Владата прогласи вонредна состојба во повеќе од десетина општини, вклучувајќи ги Прокупље, Чачак и Крагујевац. Локалните жители пријавуваат доцнење или целосно отсуство на противпожарни интервенции, со стотици изгубени домови.

Зад реториката за капацитети, стои итна потреба од реформи, стратегија и инвестиции.

Косово: недоволно луѓе, недоволно опрема

Пожарникарите во Косово се борат не само со пламенот, туку и со системското занемарување. И покрај предупредувањата од Агенцијата за управување со вонредни состојби за зголемен ризик од пожари ова лето, опремата останува оскудна, а кадарот – недоволен.

Во почетокот на јули, пожари ја зафатија земјоделската и шумската површина околу Малишево, Дренас и Голеш. Во неколку случаи, пожарникарите мораа да бараат помош од косовските безбедносни сили поради недостиг на луѓе и возила. Во Дренас, помошта мораше да биде повикана од главниот град Приштина.

Косово има недостиг од 500 пожарникари, според синдикалните лидери, кои неколкупати протестираа поради условите за работа и застарената опрема.

„Работиме во опасни и неприфатливи услови“, изјави Мухарем Бека, претседател на синдикатот на пожарникари, за БИРН порано годинава.