Balkan Insight

Грчки браќа креираа успешна бизнис-приказна со божикна ѕвезда

Зголемена побарувачката за црвените цвеќиња, кои асоцираат на празниците

Во изминатите 30 години, божикната сезона почнува порано за браќата Константинос и Анестис Алмпанидис.

Од ноември, нивниот расадник во Анхијалос, село 30 километри оддалечено од Солун, во северна Грција, е полн со пунсетии, растение чии црвени лисја во облик на ѕвезда многумина го сметаат за симбол на Божик.

„Порано влегуваме во божикната атмосфера, бидејќи долго време гледаме црвено насекаде“, се шегува 52-годишниот Константинос.

Браќата, во 1994 година решиле да се фокусираат на одгледување пунсетии, познати во Грција како александрин или ѕвезди од Витлеем.

Нивните пунсетии ги красат деловните простори и домовите низ цела Грција и пошироко, вклучително и во Бугарија и во Романија, каде што сега извезуваат 80 отсто од нивните садници.

Романците „многу го сакаат ова растение“

„Расадникот Алмпанидис“ има 20 вработени, меѓу кои и двајцата синови на Анестис | Фото: Константинос Алмпанидис

Константинос, во 1994 година имал околу 22 години и штотуку го завршил задолжителниот воен рок кога почнал да работи со својот брат.

Работел во расадникот речиси една година, кога еден голем производител го прашал колку пунсетии засадиле таа година. Константинос одговорил дека тие не засадиле никакви пунсетии, туку александрини, алтернативното име за истото растение што често се употребува во Грција.

„Од тој момент, се обложував самиот со себе да го направам најдоброто за нашиот бизнис. Денес верувам дека го добив тој облог“, вели тој.

Денес, „Расадникот Алмпанидис“ има 20 вработени на возраст од 25 до 29 години, меѓу кои и двајцата синови на Анестис. Тие почнуваат со подготовките од 15 ноември, датумот на кој официјално почнува сезоната на овие растенија.

„Осумдесет отсто од производството оди во странство, во Романија и во Бугарија. Романците трошат најмногу на божикните ѕвезди бидејќи едноставно многу го сакаат ова растение“, објаснува Константинос.

Но, не било секогаш така. До 2016 година, повеќето муштерии им биле Грци. Меѓутоа, оттогаш двајцата браќа успеале да го отворат бизнисот кон странство. Оваа година, повеќе од половина од вкупната залиха на растенија, над 100.000 беше продадена веќе на почетокот на декември.

Нивниот бизнис е дел од поголемата трговија со растенија и дрвја што секоја година ѝ носи десетици милиони евра на загрозената грчка економија. Од јануари до септември 2024 година, вкупната заработка од оваа бранша изнесува 73.959.284 евра, објави грчкиот Завод за статистика во ноември.

Грчките одгледувачи извезуваат живи дрвја, растенија, луковици и корења, како и сечено цвеќе и украсно зеленило, во Бугарија, Романија, Хрватска и во други балкански и европски земји. Продаваат растенија за извоз дури и во Африка, Азија, Северна и Јужна Америка.

Но, двајцата браќа претпочитаат да работат на поличен начин. Сакаат сами да ги испорачуваат нарачките, бидејќи веруваат дека така можат да градат подобри односи со клиентите.

„Кога имате сопствен автомобил, услугата за вашите муштерии е подобра и довербата што е стекната низ годините е зацврстена“, забележува Константинос.

Тоа го споредува со користење голема транспортна компанија, која, како што вели тој, ги принудува да направат одреден обем на нарачки. Тие потоа треба да обврзат еден клиент да ја направи нарачката или да ги стават нарачките на неколку клиенти во камионот.

„Поради овие причини, од 2017 година имаме стабилен број муштерии“, забележува тој.

Продажниот период трае приближно до 18-19 декември. Потоа во расадникот почнуваат да се фокусираат на други растенија, како што се бегонија, импатии, бугенвелија, хибискус, каранфили и многу други, кои се одгледуваат за пролет, посебно за прославите на Денот на жената на 8 Март. А производството на пунсетии официјално почнува во лето.

„Секогаш ти е потребен некој покрај тебе“

Константинос верува дека соработката со неговиот брат била клучна | Фото: „Расадник Алмпанидис“

Двајцата браќа пораснале во Неа Месимврија, населба во западното предградие на Солун.

Како млади, тие му помагале на својот татко, кој бил земјоделец. Анестис, постариот од двајцата браќа, решил да замине во Италија да студира цвеќарство. Токму тој го отворил расадникот во 1990 година.

„Анестис го почна бизнисот и, штом завршив со војска во 1994 година, почнав и јас таму да работам“, се сеќава Константинос.

Студирал цвеќарство и растително производство во стручното училиште „Евклид“ во Солун.

Бизнисот во 1990 година првично опфаќаше само околу 1.500 квадратни метри. А во текот на следните годините, Константинос и Анестис успеаја стабилно да го развиваат својот бизнис. Денес, површината на која одгледуваат зафаќа околу 50.000 квадратни метри, со тоа што тие имаат и уште 30.000 квадратни метри оранжерии.

„Почнавме од нула, но во првите години со голема помош од нашите родители. А за да се искачите на ниво погоре, треба да ризикувате, но секогаш ви треба некој покрај вас“, потенцира Константинос.

Тој верува дека соработката со неговиот брат била клучна, бидејќи секогаш едниот го поддржува другиот.

„Јас и брат ми сме сосема различни луѓе“, забележува тој. „Едниот вели: „Оди напред“, на пример, а другиот вели: „Остани малку позади“ – или спротивното.

„Ова треба да постои бидејќи кога некој е сам, тоа може да доведе до добри можности – но и до понеповолни ситуации“, забележува тој.

„Но, кога бизнисот се шири толку многу, тешко е да се биде сам во оваа работа. Ви требаат луѓе што имаат искуство“, додава тој.

„Во оваа работа, секој може да го најде делот што го сака. Дури и ако не ги сакате растенијата, можете да помогнете со многу други работи, како градежништво, возење, канцелариска работа и слично“, продолжува тој.

„На растенијата секогаш им е потребна љубов“, заклучува тој.

„Но, поентата е да не се претера“.