Регион

Ѓукановиќ бара истрага за лажниот принц Чернетиќ

Лажниот принц беше во Скопје во 2018 година и го одликуваше Зоран Заев

Кабинетот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во вторникот побара внатрешна истрага со која би се утврдило како Стефан Чернетиќ, кој лажно се претставува како принц на Црна Гора и Македонија, присуствувал на прославата на Денот на државноста која се одржа во Цетиње.

На 13 јули Чернетиќ на својата Фејсбук страница објави фотографии од прославата на Денот на државноста, организирана од Ѓукановиќ.

„Чернетиќ не беше на списокот на гости што го состави Кабинетот на претседателот на Црна Гора. Канцеларијата на претседателот не е одговорна за проверка на гостите кои влегуваат на рецепција“, изјавија за БИРН од кабинетот на Ѓукановиќ.

„Ги повикуваме релевантните служби да истражат како дошло до ова“, се додава.

На својата Фејсбук страница, Чернетиќ објави фотографии на кои се гледа како позира со Ѓукановиќ и со црногорскиот принц Никола Петровиќ Његош, кој е внук на кралот Никола и владеел со земјата меѓу 1860 и 1918 година.

Истиот ден, домаќин на Чернетиќ му бил и највисокиот епископ на Српската православна црква во Црна Гора, митрополитот Јоаникије, кој го крсти синот на Чернетиќ.

Српската православна црква и Чернетиќ не одговорија на прашањата на БИРН за тоа како била организирана средбата.

Поранешниот премиер Зоран Заев ги прими Чернетиќ и неговото семејство | Фото: Facebook/Stefan Cernetic

Инаку лажниот принц е познат и во македонската јавност. Тој во септември 2018 година беше во Скопје каде што се сретна со тогашниот премиер Зоран Заев и му додели одликување.

Откако Чернетиќ објави фотографии од средбата во кабинетот на Заев, од владата соопштија дека станува збор за „неофицијална средба од неформален карактер со лицето Стефан Чернетиќ“.

Шеесет и двегодишникот всушност е новинар за кулинарство е роден во Торино, Италија. Тој стана светски познат во јуни 2017 година кога италијанските власти отвориле истрага поради измами на претставници на локални власти, дипломати и холивудската актерка Памела Андерсон.

Полицијата во градот Бриндизи тврди дека Чернетиќ и уште едно лице патувале низ Италија со мерцедес со дипломатски таблички и знамиња на Република Црна Гора.  Но, тие предизвикале сомнежи откако поминале една недела во луксузно одморалиште на италијанското крајбрежје. Кога одморалиштето ја испратило сметката до црногорското Министерство за надворешни работи тоа одбило да ја плати.

Медиумите објавија дека за време на истрагата, италијанските власти конфискувале голем број фалсификувани печати, дипломатски дозволи и сертификати за меѓународни награди со црногорски грб и логоа.

Црногорската амбасада во Италија предупреди дека Чернетиќ „зборува и делува како личност која е присутна и влијателна во црногорските институции, што апсолутно не е точно“.

Фејсбук страницата на лажниот принц, создадена во февруари 2014 година, сведочи за неговите средби со голем број познати луѓе. Тој, на многу од нив исто така, им доделува и безвредни витешки титули, награди и други почести.

Меѓу неговите фотографии има бизнис – тајкуни, политичари, вистински членови на кралското семејство како принцот Алберт Втори од Монако и високи членови на католичката и православната црква.