Регион

Жешка тема: Балканот влегува неподготвен во уште една сезона на пожари

Повеќето балкански држави не научиле ниедна лекција од големите минатогодишни шумски пожари

Иако летните горештини веќе пристигнаа и тревата пожолте, малку балкански држави со сигурност можат да кажат дека се подготвени да се соочат со една од најголемите закани во летниот период – шумските пожари.

Во планинските и ридестите терени на Балканот, како и на тешко достапните острови, употребата на воздухоплови за гаснење пожар се покажала како клучна.

Но, се чини дека само Грција ја пречекува оваа летна сезона со сериозен пристап, кога станува збор за воздухопловните противпожарни средства.

Нејзината флота на авиони и хеликоптери за гаснење пожари е далеку од совршена, но е поголема од тие на сите други земји заедно, а годинава дополнително се зголеми.

Хрватска и Србија, исто така, имаат релативно способни противпожарни воздушни флоти, но секоја од нив се соочува со различни проблеми.

Половина од хрватските авиони се вон функција, додека потенцијалната Ахилова пета на Србија е што се потпира исклучиво на хеликоптери, кои по дефиниција носат помалку вода отколку авионите.

Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора имаат недоволен број авиони и хеликоптери, а и тоа што го имаат, слабо се одржува, па повеќето воздухоплови не можат да полетаат. Имаат планови да купат или да изнајмат повеќе авиони, но резултатите засега се скромни.

Косово и Албанија, пак, и годинава ќе треба да се потпираат на странска помош, бидејќи немаат воздушни флоти за борба против пожари.

Грција го надминува остатокот од регионот заедно

Противпожарни хеликоптери во Грција | Фото: Грчка противпожарна служба

Пеколните пожари од минатото лето зафатија големи делови од Грција, одземајќи животи и уништувајќи цели области.

Во пожарите што почнаа во првите денови од август изгореа над 125.000 хектари, што е приближно еднакво на вкупната површина загубена поради пожари во претходните осум години заедно, од 2013 до 2020 година.

Но, оваа земја со повеќе од 10 милиони жители сега има воздушна противпожарна флота што ги надминува сите други на Балканот.

Иако се соочува со слични проблеми во врска со одржувањето и финансирањето, самата бројка на авиони и други воздухоплови што ѝ стојат на располагање на Грција, ја прави земјата џин во споредба со остатокот од регионот.

Минатата година, Грција имаше вкупно 78 воздухоплови, купени или изнајмени. Оваа година, грчката противпожарна служба најави дека флотата ќе порасне на 93, што е 15 повеќе од лани.

Ова вклучува 20 моќни „ер трактор“ авиони, специјализирани едномоторни воздушни танкери наменети да бидат главни борци против пожарите, споредено со шесте што ги поседуваше лани.

Исто така, има осум „бел“ хеликоптери со вградени резервоари за вода, кои, исто така, можат да носат и луѓе. И овде има зголемување, во споредба со шесте такви хеликоптери лани.

Освен тоа, Грција изнајми уште 20 хеликоптери способни да гаснат пожари, флота од големи „ер крејн“ хеликоптери, еден транспортен авион „АТР 42-500“ и еден руски амфибиски танкер, „бериев бе-200“.

Иако има завидна флота, на Грција сериозно ѝ недостасуваат мерки за спречување пожари, вели за БИРН Елијас Циритис, акцискиот координатор за шумски пожари во грчката противпожарна служба.

„Механизмите задолжени за справување со пожари мора постојано да бидат подготвени и тие навистина се. Прашањето е колку сме подготвени да се справиме со зголемениот интензитет на шумски пожари предизвикани од феноменот на климатските промени и колку добро можеме да одговориме на недостигот од управување со шумите, поради што практично се зголемуваат жешките точки. Кога станува збор за тие подготовки, за да можат механизмите ефикасно да функционираат секоја година, тогаш не сме подготвени“, рече Циритис.

Хрватска со преполовена флота, Србија зависна од хеликоптери

Првиот српски Супер Пума хеликоптер | Фото: МВР Србија

Хрватска, која споредена со другите има способна флота, се потпира речиси целосно на противпожарни авиони за да ја покрие внатрешноста и многуте острови.

Таа вкупно има шест „ер трактор“ авиони и шест поголеми од типот „бомбардиер ЦЛ-415“, плус два хеликоптери опремени за носење вода.

Но, проблемот е што само шест од 12-те авиони може да се користат во моментов – три „ер трактор“ и три „бомбардиер“. Другите се на сервис во хрватскиот авионски технички центар, ЗТЦ.

Поправките требаше да бидат завршени досега, но од ЗТЦ велат дека не се виновни за одолжувањето.

Според нив, тоа се случило затоа што производителите на авионите им испратиле погрешни инструкции за поправка, па морало одново да ги поправаат и загубиле време.

Проверките на авионската флота, исто така, откриле дека четири авиони биле во полоша состојба отколку што се мислело, па морало да бидат задржани подолго во работилниците.

Српската флота од 14 хеликоптери опремени за гаснење пожари се чини дека е во добра состојба. Очигледна предност е тоа што со користењето повеќенаменски хеликоптери се заштедуваат пари, бидејќи тие може да се употребуваат и за други намени во текот на годината, не само за борба против пожарите.

Српското Министерство за внатрешни работи не одговори на прашањата на БИРН во врска со воздухопловниот капацитет на земјата, до денот на објавувањето на текстот.

Но, Петар Војновиќ, уредник на Tango.six, специјализиран интернет-портал за авијација, за БИРН вели дека Србија има добри капацитети, укажувајќи на одлуката на државата да ги опреми сите полициски хеликоптери со куки и со кофи за гаснење пожари.

„Стратешката одлука да се користат хеликоптери за оваа намена во Србија е соодветна“, вели Војновиќ.

Српската полиција, во чија надлежност е справувањето со пожарите, има седум хеликоптери со противпожарни кофи. Четири нови лесни повеќенаменски хеликоптери „Х145М“ може да користат кофи со капацитет од 1.500 литри вода.

Малку помали кофи, од 1.200 литри, може да се монтираат на трите „АБ-212“ повеќенаменски хеликоптери што сѐ уште се користат за борба против пожарите.

Во мешаните хеликоптерски флоти на српската авијација и противавионска одбрана, вкупно седум, исто така има хеликоптери што може да носат висечки кофи со вода.

Српската армија има два средни транспортни хеликоптери „ми-8Т“, со кофи што може да носат 2.000 литри вода и пет средни повеќенаменски хеликоптери „ми-17в-5“ што имаат резервоари за вода од 5.000 литри.

Сепак, овие резервоари не можат целосно да се искористат и максималното полнење на овие хеликоптери изнесува само околу 3.500 литри.

Има планови за засилување на флотата, но не е јасно дали тоа ќе се случи за ова лето.

Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна најави дека ќе се купат три хеликоптери „ербас супер пума Х215“. Тие ќе имаат кофи со капацитет да носат 4.500 литри.

„Супер пумпите ќе претставуваат драматично зголемување на целосната носивост на хеликоптерската флота и ќе можат да гаснат пожари и во Србија и во странство истовремено“, рече Војновиќ за БИРН.

Полициската хеликоптерска единица неодамна нарача и плати два специјализирани хеликоптери за гаснење пожари, „камов 32“ од Русија. Но, поради руската инвазија на Украина, не се знае кога тие би пристигнале.

Во другите држави е од лошо – полошо

Македонските приземјени авиони Ер Трактор | Фото: Ѕвонко Плавевски

Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Бугарија и Црна Гора имаат аспирации да ја подобрат својата противпожарна авијација.

Но, бавните процедури за набавка, несмасното одржување и во некои случаи недостигот од обучени пилоти значат дека во оваа летна сезона тие влегуваат со мали капацитети. Можат само да се надеваат дека некој однадвор ќе им помогне ако има голема потреба.

Северна Македонија очигледно не ја научи лекцијата од избувнувањето на големите пожари во земјата во август 2021 година, за што властите беа целосно неподготвени. Сите три „ер трактори“, специјализирани за гаснење пожари, беа приземјени.

Како што пожарите беснееја цел месец, властите мораа да се потпрат на авионите и хеликоптерите што ги пратија соседните земји и државите од Централна и од Источна Европа, како и на ограничените капацитети на двата повеќенаменски хеликоптери на армијата, „ми-8“, опремени со кофи за вода.

Тогашниот премиер Зоран Заев вети дека ќе ги прати трите авиони на итна поправка во странство.

Една година подоцна, истиот дебакл може да се случи летово. Властите информираат дека само еден од трите авиони е вратен во функција, другиот сѐ уште се сервисира, а третиот и натаму е приземјен.

„Заев издаде наредба за поправка, но ситуацијата беше толку сериозна што авионите не се поправени сѐ уште. Еден беше сервисиран и вратен, вториот е сѐ уште на сервис и го очекуваме неговото пристигнување во секој момент, но третиот сѐ уште не е ниту испратен на поправка“, вели Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи на Северна Македонија.

Трите авиони се во директна надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, иако таа се координира со Центарот за управување со кризи. БИРН не можеше да добие детални одговори од оваа дирекција за одолжените поправки, до времето на објавување на текстот.

Ситуацијата во Босна, исто така, се чини дека е мешана, а плановите да се формира авионска ескадрила висат во воздухот.

Владата на еден од двата ентитета, на Федерацијата БиХ, оваа година може да смета само на еден лесен хеликоптер што се користи за гаснење пожари и за транспорт на луѓе.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина имаат седум хеликоптери опремени за борба со пожарите, но БИРН не беше во можност да утврди дали сите тие ќе бидат функционални ова лето.

Босанскиот српски ентитет, Република Српска, има своја служба со три хеликоптери. Но, властите во Српска велат дека само еден од нив е опремен за гаснење пожари, а на уште еден може да му се монтира кофа за вода. Третиот останува приземјен.

Босна нема служба за цивилна заштита на ниво на целата држава, туку двата ентитета имаат договор за заемна помош во борбата со пожарите кога има потреба.

Во меѓувреме, иако опасноста од пожари расте, во земјата има само планови.

Владата на Федерацијата минатата година најави дека планира да формира специјализирана ескадрила за борба против пожари со два авиона „ер трактор“ и два хеликоптера. Има направен план за ова, но тие сѐ уште не се купени.

Нереалистично е да се очекува дека набавката на овие воздухоплови би дошла навреме за да помогне за оваа година.

Додека се формира оваа ескадрила, Федерацијата смета на три „ер трактори“ од Шпанија за летово. Тие ќе ѝ бидат изнајмени, заедно со екипаж.

Но, и ова е комплицирано, бидејќи предуслов за да може да ги изнајми овие авиони е да склучи договор со шпанскиот производител за, во иднина, да купи барем три такви.

Исто така, се очекува Република Српска да купи уште еден хеликоптер. Планираше да го стори тоа во 2020 година, но тогаш ги пренамени парите за борба со ковид-19.

Слично како Северна Македонија, и Црна Гора има три „ер трактор“ авиони. Но, сите три се приземјени поради проблеми со одржувањето, рекоа од Министерството за внатрешни работи.

Тоа значи дека државата во моментов се потпира на четирите повеќенаменски хеликоптери „аугуста бел 412“, кои имаат многу ограничени капацитети за носење вода во споредба со специјализираните авиони или со поголеми хеликоптери. Ниту тие, всушност, не се целосно функционални.

Директорот на директоратот за заштита и спасување на земјата, Миодраг Бешовиќ вели дека воздухопловите се поправаат, додавајќи дека еден авион и еден хеликоптер може да се стават во функција во следните две недели.

„Оваа година може да биде многу жестока во врска со пожарите, бидејќи некои делови од Црна Гора се зафатени со голема суша. Голем број од општините, исто така, не се способни да ги финансираат или да ги обезбедат своите противпожарни единици со потребната техничка опрема и со луѓе“, вели Бешовиќ за БИРН.

Поради технички причини, Министерството за внатрешни работи на Црна Гора не ги употреби воздухопловите за да го угаснат пожарот во близина на градот Колашин во март. Властите не платиле за осигурување бидејќи немало пари во буџетот.

Поради недостигот од воздушна поддршка, областа со повеќе од 20 квадратни километри шума беше заштитена само со напорите на пожарникарите и на локалните жители.

Бугарија одлучи да набави нови хеликоптери од западно производство за нејзините политичари, но кога станува збор за зголемување на воздухопловните капацитети за гаснење пожари, работите не изгледаат толку добро.

Од неколкуте транспортни хеликоптери „АС 532 ал кугар“ што Бугарија ги купи пред неколку години за своето воено воздухопловство, само три може да се опремат за гаснење пожари. Само еден е подготвен да интервенира летово.

За време на летната огнена стихија, кога Бугарија се бореше со шумски пожари близу Благоевград, тогашниот премиер Стефан Јанев рече дека трите хеликоптери биле максимумот што државата можела да го обезбеди.

Завиена во политички турбуленции минатата година, со повторени избори и со неможност да се формира стабилна влада (ситуација што се повторува сега), Бугарија не прави планови за да ја засили својата противпожарна флота.

Албанија и Косово зависни од странска помош

Изненадувачки, двете најпланински држави во регионот воопшто немаат воздухопловни противпожарни капацитети за летово.

На хартија Албанија има седум хеликоптери. Но, четири се надвор од употреба, а трите што можат да летаат, не можат да гаснат пожари.

Во поранешно истражување, БИРН откри дека хеликоптерската флота на земјата, вредна 75 милиони евра, е приземјена со години, а некои од најдобро обучените пилоти биле отпуштени или дале отказ од воздухопловните сили по судирите со политичкиот кадар на Министерството за одбрана поради договорите за одржување.

Албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши призна дека флотата од „кугар“ хеликоптери ќе остане приземјена и дека договорите за нивното редовно одржување биле „вистинска главоболка“.

Кога Пелеши беше поканет од опозициските пратеници за да одговара на прашања за подготвеноста на земјата за борба со пожарите, имаше изненадувачка забелешка.

Според него, воздушните интервенции против пожарите во неговата планинска земја не се клучни. „Треба да се избориме против менталитетот дека шумските пожари можат да се угаснат само од воените сили со хеликоптери“, рече тој.

Во Косово, математиката е уште поедноставна. Тоа нема хеликоптери и авиони способни за гаснење пожари. Ниту косовското Министерство за внатрешни работи, ниту тоа за одбрана одговорија на прашањата на БИРН во врска со тоа дали имаат планови да купат такви воздухоплови.

Во отсуство на локални капацитети, Косово може да се потпре само на средствата што ги имаат на располагање мировниците од КФОР. Мисијата на НАТО во Косово рече дека КФОР може да помогне само ако тоа не се коси со неговата главна мисија.

„Ако биде побарано од институциите на Косово, КФОР може да ги поддржи локалните противпожарни бригади за да ги стават шумските пожари под контрола, особено тие што се развиваат во многу непристапни делови за косовските единици, но тоа би се правело случај по случај и во зависност од нашите средства и можности“, рекоа од КФОР за БИРН.

Но, од КФОР рекоа и дека за таквата помош ќе се одлучи „врз основа на оперативната ситуација во моментот на барањето, за тоа да не влијае врз приоритетите на мисијата на НАТО КФОР“.

Синиша Јаков Марушиќ