– Добар ден.
– Добар ден. Повелете, госпоѓо.
– Пред извесно време ми правевте рекламна табла од плексиглас за мојот ресторан…
– Да? Што не е во ред со неа?
– Сѐ е во ред, сакам да прашам дали може да се смени само адресата? Некако да се избрише старата и да се напише нова…
– Го преселивте ресторанот на друго место?
– Не, ѝ го сменија името на улицата. Наместо „Ѓуро Ѓаковиќ“ 29 сега треба да стои „Мирослав Крлежа“ 29… Сѐ друго е сосем во ред, и името на ресторанот и…
– Како ви се вика ресторанот?
– „Роман-ресторан“.
– Голем е?
– Не, со четири маси… Максимум 20 гости. Зошто е тоа важно?
– Простете… Мислам дека нема да може да се прави корекција врз таблата, ќе мора, сепак, да направите нова.
– Во ред. Нека биде сѐ сосем исто, освен улицата.
Младата девојка на приемниот пулт во специјализираната фирма за светлечки знаци и реклами, мошне брзо ја најде старата нарачка во компјутерот, ги ископира сите елементи и се договорија дека ќе се слушнат за 10-тина дена, кога ќе биде готова новата табла…
– Со „Мирослав Крлежа“?
– Секако, госпоѓо, со „Мирослав Крлежа“ 29.
Невенка се заблагодари, ѝ посака убав ден на девојката и со лесен чекор по малку невообичаен за нејзината возраст, речиси бесшумно излезе. Додека се движеше по тротоарот начичкан со автомобили што мораше да ги заобиколува, Невенка во мислите до најмал детаљ ги редеше и прередуваше садовите и книгите во својот ресторан.
* * *
Ѝ се јавија многу порано од договореното и Невенка, пред да отиде да си ја земе таблата, мораше првин да направи место за неа. Иако живееше во огромна куќа од нејзините родители на „Ѓуро Ѓаковиќ“ 29 со високи тавани, вградени плакари и многу соби, сепак, сѐ беше полно-преполно, а и рекламните табли „Роман-ресторан“ не беа баш малубројни… Потпрени на ѕидот спроти прозорците, беа мошне тешки за преместување. Имаше и дрвени, метални, стаклени… не беа сите од плексиглас… Невенка се реши да направи простор, така што четирите маси со по пет столови ќе ги приближи сосем една до друга, иако најмногу од сѐ на светот мразеше преблиску поставени маси во ресторан. Но, само така ќе се добиеше простор да се помине кон рекламните табли и да се потпре на ѕидот и најновата. Од другата страна беше уште потешко да се пристапи, зашто таму беа кутиите со сервиси и сервиси ставени една врз друга речиси до плафонот. Невенка беше организирана жена и на секоја кутија стоеше испишано со маркер кој сервис е внатре и за која маса од ресторанот е. На некои, дури имаше и цртешчиња-шкрабаничиња кои овозможуваа лесно да се сфати за која маса се наменети дребулиите… Зашто, Невенка сакаше секоја маса да биде сосем различна, на секоја да се служи во точно определени и највнимателно избрани садови и чаши, а на полиците околу секоја од нив да се гледаат точно определени романи и, секако, да се служи точно определено мени составувано, испробувано и обновувано со години.
* * *
Едната маса беше стилска, со рустична резба на рабовите и ногарките, неа ја прекриваше со поентлес-милје, никако не смееја да ѝ се ставаат хартиени салфетки, туку исто така рачно хеклани и штиркани кои, иако немаа никаква практична примена, совршено им прилегаа на масата, на чините со златни, расфрлани цветчиња и извиткани порцелански рабови како бранчиња, на кристалните чаши и сребрените виљушки. Околу неа треба да бидат руските класици со тврди или кожени подврски. Втората маса беше од бел, високосјаен медијапан со исто такви блескави столови – таа треба да се опкружи со романи од домашната книжевност од автори од сите генерации; третата – тркалезна со вистинска слика под стаклото, нарачана и уредно платена акрилна приказна раскажана од четката на омилената сликарка на Невенка, околу неа треба да се наредат романите од почетокот на 20 век на најразлични јазици; и четвртата – квадратна маса со 64 црно-бели полиња. За неа купи специјални есцајзи со дреч-црвени рачки, секогаш трева зелени салфетки, бели длабоки, неправилно тркалезни чинии од аркопал, црни големи, плитки чинии од истиот материјал и мали проѕирни квадратни чиничиња за колачи и торти… Околу последната маса треба да има исклучиво книжевни травестии и псевдо-историски романи.
Се разбира, Невенка го имаше решено и проблемот со музиката во „Роман-ресторан“, но тоа барем не зафаќаше простор во куќата, туку само во срцето и во ушите.
Нејзе не ѝ беше важно што од ден на ден сѐ потешко се движеше низ куќата; не ѝ беше важно ни што домот повеќе ѝ прилегаше на некаков магацин. Сѐ што ѝ беше важно е да знае, да гледа дека желбата што отсекогаш ја имаше „Да отвори ресторан!“- е жива. Дека е реална и видлива како картонска кутија, како рекламна табла, како маса, стол, како роман со тврда подврска, како нокот, нож,.. како показалецот со кој внимателно ја бришеше прашината од тоните есцајг нареден на купчиња на комодата и прекриен со бел здиплен чаршаф од дамаст. Педесетина парчиња сребрени рустични виљушки, ножеви и мали лажичиња, исто толку модерно дизајнирани со благо заоблени рачки; со црвени фаќалчиња од квалитетна пластика и оние најновите, купени во „Ројал-хаус“ во Градски ѕид пред некој ден на кои не можеше да им одолее. Сосем проѕирни, сосем нестварни како научно-фантастичен роман.
На Невенка ѝ беше совршено јасно дека огромните желби не можат да се скријат, ниту, пак, да се сместат на мал простор од секојдневието. За нив се неопходни огромни илузии со квадратура како нејзината стара куќа на „Ѓуро Ѓаковиќ“ со високи тавани, вградени плакари и многу соби…
* * *
Животот растоварен од надеж, очекувања и планирања, ѝ го правеше чекорот на Невенка сѐ полесен и побрз. Таа, иако малку подизморена од правењето место за новата табла и префрлањето оттука-таму, сепак часкум тркна до специјализираната фирма за светлечки знаци и реклами и по неколку куртоазни реченици со младата, љубопитна девојка на пултот, се врати во својата стара улица со новиот „Мирослав Крлежа“. Внимателно го потпре на повеќето најразлични „Ѓуро Ѓаковиќ“ табли и фрли широк поглед низ натрупаниот салон. Беше задоволна. Помисли дека веќе ништо не ѝ недостига во животот и се упати кон кујната, да ги провери и малку да ги освежи менијата за на секоја маса одделно во нејзиниот „Роман-ресторан“.
– Никој не сака ист вкус во душата со години – си рече гласно и со јазикот си ја оближа горната усна.