Истражувањa

Хаос во јавните претпријатија: сметките паушални, граѓаните оштетени

Еден водоводџија за 2.313 водомери, еден поштар на 1.800 станови – услугите од јавните претпријатија се ненавремени, стигнуваат нереално високи сметки за вода и за парно, но граѓаните повеќе се жалат отколку што тужат

„Го отворив ковертот што поштарот го оставил во моето сандаче. А таму беше поканата за моето долгоочекувано интервју за работа. Се израдував, оти помислив дека можеби набрзо нема да бидам дел од армијата невработени. Но, среќата ми траеше кратко. Откако убаво ја прочитав поканата, набрзо сфатив дека шансата ми е пропуштена. На интервјуто требало да се јавам пред три дена.“

Ова е приказната на еден млад скопјанец, чија шанса за вработување е пропуштена заради неажурноста на поштата. Тој прифати да ја каже неговата приказна за БИРН, но заради објективни причини, инсистираше да остане анонимен.

Имено, поштарот го оставил писмото во неговото сандаче со три дена задоцнување. Тој вели дека некој друг можеби имал поголема среќа од него, па го добил работното место, чиј поштар стигнал навреме.

„Мене и натаму ми останува навреме да одам да се пријавувам како активен барател на работа во Агенцијата за вработување, во надеж дека следното писмо за интервју за работа ќе стигне навреме“, раскажува несреќниот млад скопјанец.

Оваа приказна посочува на тоа дека познатата изрека „Поштарот ѕвони три пати“, изгледа нема никакво значење за Македонија. Овде поштарот доаѓа со задоцнување, а некогаш воопшто и не доаѓа.

За проблемите со испораката на поштата, во изминатите пет години „Македонски пошти“ заработиле четири тужби од граѓани. Според документите до кои дојде БИРН, во два од случаите, граѓаните кои покренале тужби пред надлежите судови, успеале да докажат дека се во право и да го добијат спорот. Останатите два случаи, во кои граѓани ги тужат „Македонски пошти“, сѐ уште се во судска постапка.

Освен граѓаните, се жалат и фирмите кои ги добиваат доставите на нивните стари адреси.

Но, од „Македонски пошти“ вината ја префрлаат кај испраќачите. Велат дека тоа најчесто се случува поради нецелосна адреса на пратката. Притоа потенцираат дека доставата на пратките се врши согласно сите закони.

„Тоа практично значи дека и обичните и препорачаните писма до 2 кг. тежина пошторазнесувачите ги доставуваат до домашна адреса. Доколку нарачателите не се дома во моментот на доставата, пошторазнесувачот остава известување пратката да се подигне во најблиската доставна пошта“, велат од АД „Македонски пошти“.

Во однос на проблемите со доставените пратки, пак, велат дека минатата година рекламациите изнесувале 0,04% од вкупниот број пратки.

Сепак, она што не го откриваат од „Македонски пошти“, е вкупниот број на поштарите во земјава. Не кажуваат ниту колку ги има сега, ниту колку ги имало пред пет години, и како биле распоредени. Оттаму, само посочуваат како се движат просечните сосотојби.

„Еден поштар во Македонија опслужува 1.200 домаќинства ако се куќи или 1.800 домаќинства ако се згради“, велат од АД „Македонски пошти“.

Два пати платив исти сметки за вода, оти немам пари и нерви да одам по судови

Нервози за граѓаните на Скопје предизвикуваат и сметките за вода.

Наместо секој месец, водомерите се читаат на неколку месеци. Некаде граѓаните дури се жалат и дека инкасатор им доаѓа едвај два пати во годината. А законски, броилата треба да се читаат на секои три месеци. Според податоците, еден инкасатор во Центар во просек има 2.556 водомери за читање. За да ги прочита во еден месец, треба дневно да чита по 102 броила.

За да може броилата за вода да бидат читани секој месец, на ниво на главниот град еден инкасатор на „ЈП Водовод и канализација–Скопје“ во просек секој работен ден треба да прочита по 92 водомера До оваа пресметка се доаѓа, ако се земат предвид бројот на работни денови во месецот (25), како и фактот дека во јавното претпријатие има вкупно 100 инкасатори и 231.373 активни водомери. Или, еден инкасатор за 2.313 водомери.

Број на инкасатори и бројот на водомери што тие треба да се прочитаат по региони / Извор: ЈП „Водовод и канализација – Скопје“

Број на инкасатори и бројот на водомери што тие треба да се прочитаат по региони / Извор: ЈП „Водовод и канализација – Скопје“

Ваквата ситуација се одразува врз сметките за вода што ги добиваат граѓаните. Високи и нереални сметки пресметани паушално, обиди да им се наплатат застарени сметки, инкасаторот не дошол со месеци,.. се поплаките кои секојдневно можат да се слушнат на наплатните шалтери на „Водовод“.

Зоран З. од Скопје вели дека е еден од големиот број жртви на неажурноста на ова јавно претпријатие. Нему му стигнала сметка за да плати за неколку години наназад. Решил да го продаде станот и да ги подмири долговите за да не се соочи со безмилосните извршители. Откако ја платил сумата, од „Водовод“ му дале потврда, заверена со потпис и со печат, дека заклучно со тој датум нема никаков долг кај нив. Но, по два месеца му стигнало известување дека должи 7.000 денари за „неплатени“ сметки од пред неколку месеци.

„Бев кај нив, им го покажував нивниот документ, се убедував, но залудно – ми одговараа дека сега го виделе долгот, дека инкасаторот можеби претходно не го прочитал. Адвокат ми советуваше да ги тужам, но јас се откажав оти тоа се дополнителни трошоци. Платив уште 7.000 денари, иако в рака ја имав нивната потврда дека не им должам ни денар“, раскажува Зоран З.

Бојан Василевски беше директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ во текот на подготвувањето на оваа сторија, а само неколку недели пред објавувањето на негово место е поставен нов директор

Бојан Василевски беше директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ во текот на подготвувањето на оваа сторија, а само неколку недели пред објавувањето на негово место е поставен нов директор

Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ признаваат дека има пропусти во читањето на водомерите, но велат дека пробемите постепено се надминуваат.

Директорот на „Вододовод и канализација“, Бојан Василевски, посочи дека биле забележани одредени пропусти кај дел од инкасаторите поради што биле преземени санкции, но вели дека секако еден од проблемите е и што недостасуваат инкасатори.

Тој признава дека има паушално читање на броилата, но вели дека тоа се прави некогаш од објективни, а некогаш од субјективни прични. Објективните причини, според него, се дека може да се случи инкасаторот да не го најде дома корисникот и со тоа да не успее да го прочита броилото, додека субјективни причини се неажурност на самите инкасатори.

„Но, и двете причини се присутни. Токму затоа, веќе направивме прераспределба на 15-тина инкасатори, и тие веќе не ја извршуваат оваа работа, на нивно место се донесени нови, бидејќи кај претходните било констатирано дека не биле ажурни. Тоа е и наша болка, како претпријатие, но проблемите постојано ги решаваме“, вели Бојан Василевски, до пред некое време директор на „Водовод и канализација – Скопје“.

Судските пресуди во корист на „Водовод“

Според податоците од ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, во периодот од 2006 година, па до 2014 година, само 118 граѓани поднеле тужби до претпријатието. Затоа, пак, многу поголема е бројката на граѓани кои биле тужени од нив. Во периодот од 2006 до 2014 година, ЈП „Вододод“ тужело 302 734 граѓани. Најголем број од тужбите за граѓаните се поднесни во 2010 и во 2007 година; најмалку во 2012 година.

Извор: ЈП „Водовод и канализација – Скопје“

Извор: ЈП „Водовод и канализација – Скопје“

Судските спорови, најчесто завршуваат во корист на „Водовод“. Тоа го покажуваат и нивните податоци, според кои процентот на добиените судски предмети е многу висок со судска завршница и се движи некаде и над 80%.

Од, Основниот Суд Скопје 1, посочуваат дека во однос на тоа колку време траат судските спорови, не може точно да се каже, затоа што зависи од предмет до предмет.

„Во Законот за парнична постапка се определени ориентациони рокови по однос на траењето и должината на постапката, по основи каде што исто така сложеноста на предметот игра важна и главна улога по однос на рокот за завршување на спорот“, велат од Основниот суд Скопје 1. (Слика 2 од одговори добиени по пат на Закон за пристап до информации од јавен карактер од Основен суд Скопје 1)

Според надлежните, еден од начините да се промени состојбата со паушално читање на водомерите, е да се зголеми бројот на инкасаторите. А другиот начин е да се воведат водомери со далечинско читање. Но, замената на старите водомери со нови водомери со систем за далечинско отчитување оди бавно. Односно, во изминатите пет години поставени се 4.700 водомери со далечинско отчитување во приватни домови и уште 225 комбинирани индустриски водомери кај правни субјекти.

Иако оваа инвестиција би го решила проблемот на граѓаните, сепак на терен тешко се спроведува, пред се затоа што станува зор за инвестиција од околу 10 милиони евра. Сума што засега нема најави дека наскоро би се обезбедила.

Поплаки до ОПМ и Народниот правобранител

Беше укажано на потребата да се преземат дејства во насока на трајно и непречено снабдување со здравствено исправна вода за пиење“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети

Беше укажано на потребата да се преземат дејства во насока на трајно и непречено снабдување со здравствено исправна вода за пиење“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети

Незадоволството се потврдува и со претставките што ги поднесуваат револтираните и оштетени граѓани до канцеларијата на Народниот правобранител, каде што од 2011 до 2014 година стигнале повеќе од 400 претставки за овие проблеми.

„Во сите случаи Народниот правобранител постапуваше по претставките. Беше укажано на потребата да се преземат дејства во насока на трајно и непречено снабдување со здравствено исправна вода за пиење“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во писмениот одговор.

Во однос на поплаките за нереална потрошувачка и исправност на броилата, Народниот правобранител вели дека побарал да се обезбеди редовна контрола и промената да се врши во присуство на корисникот на услугата, со цел да се острани сомнежот во врска со правилното читање на состојбата при промената.

„Едновремено и граѓаните беа советувани од претпријатието да побараат проверка на водомерот, односно верификација согласно одредбите од Законот за метеорологија и прописите донесени врз основа на овој закон“, вели Мемети.

И до Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) минатата година стигнале триесетина поплаки за водата и сметот.

„Имаше 28 поплаки на потрошувачите за Водата и 4 за сметот. Потрошувачите најчесто во овој домен се жалеа на висината на сметките, или пројавија сомневање во исправноста на мерните апарати. За сметот поплаките се однесуваа за тоа колку често се зема сметот, имено се жалеа дека во одредени предели сметот стои натрупан со недели или во одреден период од годината воопшто не се зема“, се вели во писмениот одговор на ОПМ.

Граѓаните се жалат и на сметките за парно – повеќе од 500 претставки стигнале кај Народниот правобранител за само три години (од 2011 до 2014) и 66 до ОПМ, најчесто за висината на сметките, но и за квалитетот на услугата што ја добиваат.

„Потрошувачите велеа дека радијаторите се ладни, а имаше и случаи во кои потрошувач имаше проблем со греењето, па требало да чека и до неколку дена проблемот да се отстрани и да добие повторно греење. Во тој период морал да користи додатни греалки или радијатори на струја кои предизвикуваат дополнителни непредвидени трошоци“, велат од ОПМ.

Од оваа организација потенцираат дека во доменот на поштите нема значителен број на поплаки, најчесто потрошувачите се жалеа на некои сервиси за испорака на брза пошта околу цените за услугите или доцнење при испорака, но во многу мал број.

Неефикасна администрација и јавен сектор

Експертите сметат дека ваквите резултати од работењето на јавните претпријатија наметнуваат зголемување на бројот на вработените кои физички ја вршат услугата, а не на бројот на администрацијата.

Според универзитетскиот професор Леонид Наков, одговорноста на субјектите кои на пазарот нудат јавна услуга мора во континуитет да се анализира во однос со способноста на нивниот менаџмент тим од испорачување на што поголем квалитет на услугата. Притоа, Наков посочува дека ова е еден од индикаторите за нивниот развоен потенцијал.

„Севкупната јавност очекува сѐ понова и поквалитетна понуда за нивните услуги, особено во делот на поштенските услуги каде што се очекува поразновидна понуда на различно ниво на цени за различно времетраење на нивната квалитетна услуга, која ќе ги обезбеди принципите на доверливост, точност, одговорност и интегритет“, вели тој.

Според Наков, во вакви услови не постои економска оправданост од пораст на нивните административни вработени, а релативно намалување на бројот на вработените кои физички ја вршат услугата на населението, односно на нивните инкасатори.

Тој вели дека, исто така од исклучителна важност се и вложувањата во развојот на вештините и воопшто способностите на вработените на овие јавни претпријатија.

„Нема да има квалитетна услуга без целосно квалитетни човечки ресурси“, вели Наков, универзитетски професор.

Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар

Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар

Бранимир Јовановиќ од Асоцијациата на економски истражувачи и член на левичарското здружени „Солидарност“ вели дека одговорноста за неквалитетните услуги на јавните претпријатија треба да се бара кај Владата.

„Но, примериве што ги наведувате одлично илустрираат и една друга поента – дека моментално, јавните пари се трошат на неефикасен и непродуктивен начин. Или, како што слушнавме деновиве – трошиме на чоколадо, кога немаме леб дома. Наместо да вработуваме инкасатори, ние вработуваме канцелариски инвентар, т.е. службеници кои наводно воопшто не одат на работа, затоа што немаат компјутери и бироа“, додава Јовановиќ.

Посочените примери на „Водовод“ и „Македонски пошти“, според него, одлично ја илустрираат тезата дека „ние немаме голем јавен сектор, и дека е потребно негово проширување“.

„Во примеров со ЈП ‘Водовод’, проширувањето може да биде на два начина – со вработување на нови инкасатори, или со инвестирање во подобри водомери“, вели тој.

Според него, наместо да се инвестираат неколку милиони евра во нови водомери, од кои граѓаните јасно ќе имаат корист, Владата троши милиони евра за „циркусантски фасади, за оградување на Владата, за панорамско тркало…“.

„Оттука, втората поента од примериве е дека, паралелно со зголемувањето на јавниот сектор, потребно е и негово подобрување“, вели тој.