Истражувањa

Хидроцентрали на Шара: Милион евра низ вода

Над милион евра отштета за инвеститорите на 4 мали хидроцентрали

Државата ќе им плати отштета од еден милион и 51 илјада евра на четири фирми-инвеститори во мали хидроцентрали на Шар Планина, кои не може да продолжат да се градат откако подрачјето стана национален парк. Фирмите ги склучиле договорите за концесија меѓу 2011 и 2018 година. Собранието го изгласа Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк на 30 јуни 2021 година, но иницијативата за заштита на ова подрачје почна 27 години претходно.

Во тој долг период, со повеќе истражувања биле потврдени природните вредности со кои Шар Планина ги исполнува условите да добие институционална заштита, но државата, иако ги имаше тие податоци и беше вклучена во иницијативата, продолжуваше да охрабрува економски активности на планината што се штетни за природата, како што е изградбата на мали хидроцентрали.

Откако стана јасно дека тоа не може да продолжи, владата на седница одржана на 4 октомври годинава одлучи да ги раскине договорите и на концесионерите да им ги надомести трошоците што досега ги направиле во развојот на овие енергетски проекти што сега ќе мора да ги прекинат и напуштат.

Примамливо поле за инвестирање

Планински реки се претвораат во градилишта поради малите хидроцентрали | Фото: БИРН

БИРН, со барање за пристап до информации од јавен карактер, ги доби пресметките, според кои произлегува дека за да се зачуваат планинските реки во природна форма, односно да не се изменуваат и експлоатираат за производство на електрична енергија, од буџетот ќе треба да се плати нешто над милион евра.

Најголем надомест од 600 илјади евра ќе ѝ се исплатат на фирмата „Гравис Хидро“ од Гостивар, која требаше да направи хидроцентрала на реката Пена, со договор од 2018 година. Околу 270 илјади евра ќе добие Трибека Хидро од Тетово за раскинатата концесија што ја добила во 2011 година за Љуботенска Река. На истата река е откажан и проектот на ЕМК Мали хидроелектрани од Скопје, за што фирмата ќе добие нешто над 117 илјади евра. Супер Ноува Енерги од Тетово, пак, за раскинувањето на договорот за концесија на Беловишка Река склучен во 2012 година ќе добие околу 65 илјади евра.

Фирмите се во сопственост на домашни и на странски инвеститори, кои имаат и други проекти со мали хидроцентрали, а освен во оваа дејност, дел од нив се вклучени и во изградба на станбени згради и во транспортниот бизнис. Поволните услови во последниве десетина години привлекоа многу инвеститори во овој сектор, кои развија над сто проекти, а меѓу олеснителните околности беа и малите, речиси формални обврски за заштитата на животната средина при изградбата и функционирањето на централата.

На брза лента

Природните вредности на Шар Планина се утврдени во повеќе државни документи | Фото: БИРН

Ако еден енергетски проект се наоѓа во рамки на заштитено природно подрачје, инвеститорот, за да добие дозвола за градба, мора да направи студија за оцена на влијанието врз животната средина. Тоа е сеопфатен документ, за кој треба подолго време да се изработи, бидејќи во него се земаат сите параметри што може да влијаат врз природата, како целиот циклус на годишни времиња, кумулативните влијанија од други енергетски проекти во близина, состојбите со биодиверзитетот итн. Студијата секогаш оди на јавен увид, што значи дека, освен инвеститорот и службеникот што треба да ја издаде дозволата, може да ја видат и други стручни лица, како и локалното население.

Но, ако местото на кое се планира да се направи мала хидроцентрала не е под заштита во моментот, тогаш, за да се добие дозволата, доволно е да се направи елаборат за влијанието врз животната средина. Тоа е поедноставен документ, се изработува за пократко време и не мора да ја вклучи јавноста во процесот.

Елаборатите ги ставале проектите за изградба на мали хидроцентрали на брзата лента толку често, што го привлекле и вниманието на Државниот завод за ревизија. Во ревизорскиот извештај за експлоатацијата на водните ресурси објавен во 2021 година, на пример, се вели дека при одобрувањето на елаборатите се земале предвид исклучиво плански и други официјални документи, а не се вршело согледување на фактичката состојба. Односно – ако во моментот не постои документ што го заштитува подрачјето, може да се игнорираат сите податоци според кои тоа има вредности за заштита, како и иницијативите што се во тек.

Организациите за заштита на природата што подетално ги проучувале ефектите од изградбата на мали хидроцентрали, како Еко-свест од Скопје, подолго време предупредуваат дека концесии за вакви енергетски проекти се даваат на места што се планирани да се заштитат во иднина, бидејќи се вклучени во европски мрежи на области од посебно значење, како Емералд-мрежата. Повеќе од 20 концесии биле дадени во такви подрачја.

Отштета поради игнорирање на податоците

Биолозите повеќе од две децении ја истражуваа Шар Планина | Фото: БИРН

Што значи тоа за Шар Планина и за надоместоците што сега државата ќе треба да ги плаќа? Во резимето на Студијата за валоризација на националниот парк објавена во 2020 година е прераскажана целата историја на иницијативата за неговото прогласување. Таму се вели дека првиот чекор бил направен во 1997 година, кога имало обид да се донесе закон со кој планината би станала национален парк, но Собранието не го усвоило.

Потоа, уште од 2004 година, во низа официјални плански документи на државата, како Националниот просторен план и Националната стратегија за биолошка разновидност, била препознавана потребата да се заштити подрачјето. Таквите заклучоци се повторувале и во понови студии и анализи.

Во 2017 година, група од над 50 експерти од различни области почнале да работат на Студијата за валоризација, како клучен документ за прогласување на Шар Планина за национален парк. Конечната верзија на овој документ била објавена во 2020 година.

Тоа покажува дека во целиот период од крајот на 1990-тите до денес, државата имала информации за утврдените природни вредности на Шар Планина, како и за иницијативите и за процесите што воделе кон нејзината заштита како национален парк. Поточно, институциите биле запознаени со можноста дека еден ден ќе треба да се откажат енергетските и другите стопански проекти што ги одобрувале во подрачјето, а, ако биле дозволени според законските процедури, на приватните инвеститори ќе им следува надомест.

Сепак, оваа околност се игнорирала во издавањето водни концесии за Шара, а се игнорира и за други локации за кои се водат постапки за прогласување или има утврдени причини дека треба да станат заштитени подрачја.