Регион

Холандија им понуди по 5.000 евра на своите војници, кои служеа во Сребреница

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

Холандската влада им понуди по 5.000 евра на припадниците на мировниот баталјон на ООН, Дачбат, кои служеа во Сребреница во јули 1995 година, но не успеаја да ги спречат масакрите врз мажите и момчињата Бошњаци, извршени од страна на силите на босанските Срби.

Холандското Министерство за одбрана се реши на овој чекор поради „воочениот недостиг на признание и благодарност“ што војниците требале да ги добијат, бидејќи тие служеле во „вонредни околности“, во кои од нив било барано „речиси невозможното“.

Министерство нагласи дека со овој „симболичен гест“ се зема предвид и „периодот по тој настан, во текот на кој тие биле изложени на критики и на неправедно негативно медиумско внимание“.

Баталјонот Дачбат, кој броел повеќе од 800 војници, бил стациониран во базата на ООН во близина на Сребреница, кога силите на босанските Срби ја окупираа оваа енклава, а потоа убија повеќе од 7.000 Бошњаци, во серијата масакри класификувани од меѓународните судови како геноцид.

Покрај еднократната сума пари, холандското Министерство за одбрана, како што соопшти, ќе организира и посета на ветераните на Сребреница и на меморијалниот музеј лоциран на местото на поранешната база.

„Ваквите патувања можат да придонесат за процесирање на минатото, со справување со ситуацијата на местото на настанот, со средба со другите ветерани и со локалните жители“, се вели во соопштението на Министерството.

Во јули 2019 година, Врховниот суд на Холандија пресуди дека оваа држава е делумно виновна за смртта на околу 350 лица, во масакрите во Сребреница, извршени во 1995 година, бидејќи нејзините војници не успеале да ги заштитат жртвите, кои нашле засолниште во нивната база. Тие им биле предадени на силите на босанските Срби, по што биле убиени.

Холандските власти им соопштија на семејствата на жртвите од Сребреница, дека можат да поднесат барање за отштета, од март оваа година.

Во јануари 2020 година, здружението „Мајки на Сребреница“, поднесе тужба против Холандија пред Европскиот суд за човекови права, во која се наведува дека оваа држава „не презела мерки во рамките на своите надлежности“, за да ги заштити бошњачките мажи и момчиња од Сребреница.