Регион

Холандија започнува со исплата на отштета на семејствата на жртвите од Сребреница

Басма Наџи, преживеана припадничка на Јазидите, во јули се сретна со жена што го преживеала геноциот во Сребреница. Фото: ПАКС

Холандската комисија за надокнада на штета Поточари, денеска, за потенцијалните баратели, ја отвори вратата на својата канцеларија во Сараево, а и нејзината веб-страница е отворена за пријави на членовите на семејствата на луѓето кои беа убиени откако беа земени од базата на холандските мировници на ООН во Поточари, крај Сребреница, во јули 1995 година.

Но, некои роднини на жртвите одбиваат да поднесат барање, затоа што се незадоволни од правниот договор што го наметна холандскиот суд, според кој Холандија не мора да ги надомести сите трошоци на адвокатите на семејствата.

Мунира Субашиќ, претседателка на здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“, кое го донесе случајот пред холандското судство, вели дека нема намера да бара отштета за смртта на нејзиниот син Нермин „се додека не бидат исполнети нашите барања“.

Ако тоа не се случи во рок од 15 дена, нагласува Субашиќ, „ние ќе запреме сè. Ќе се жалиме во Стразбур, дека не можевме да постигнеме договор“.

На 11 јули 1995 година, кога Војската на Република Српска (ВРС) ја зазеде Сребреница, холандските војници кои беа одговорни за безбедноста во оваа зона, под знамето на ООН, не го спречија геноцидот. Повеќе од 7.000 мажи и момчиња беа убиени.

Во 2019 година, холандскиот Врховен суд донесе одлука дека државата Холандија е одговорна, во многу ограничена мера, за смртта на приближно 350 жртви. Ова се однесува на група мажи кои беа земени од базата на холандскиот баталјон доцна попладне на 13 јули 1995 година.

Според Врховниот суд, холандскиот баталјон постапил незаконски затоа што знаел оти за мажите, бегалци од Сребреница, постои сериозна опасност да бидат нападнати или убиени, но и дека тие, дури и да биле оставени во базата, ќе имале само 10 % шанса да преживеат.

Соодветно на тоа, најблиските роднини на тие 350 жртви можат да ја сметаат државата Холандија одговорна за 10 проценти од претрпената штета.

Апелацискиот суд во Хаг претходно пресуди дека одговорноста на државата Холандија е 30 проценти, па затоа мајките на Сребреница по пресудите го предадоа предметот на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Тие се надеваат дека судот во Стразбур ќе го врати нивото на одговорност на 30 проценти, иако нивниот адвокат, Симон ван дер Слуис, смета дека шансите за тоа се многу мали.

„Не знам зошто Холандија едноставно не сака да го затвори ова поглавје за Сребреница на убав начин“, вели тој за БИРН.

„Целата оваа спогодба постои само поради судската одлука. Никогаш не е покажана форма на добронамерност или сочувство“, додава тој.

Право на отштета имаат родителите, сопружниците, браќата и сестрите на жртвите. И вдовиците на преживеани или роднините од прво колено, можат да поднесат повеќе побарувања. На пример, во случај кога жената ги изгубила и сопругот и синот.

Износот на отштетата, според оваа регулатива, е 15.000 евра за вдовиците и 10.000 евра за други преживеани роднини.

Но, ван дер Слуис посочува дека парите понудени за правни трошоци, се несоодветни.

„Тие нудат само 200.000 евра за трошоци, за сите роднини. Тоа во никој случај не е доволно за да се покријат сите трошоци“, нагласува тој.

Портпаролот на министерството, Клас Мејер, вели дека измените ја прават регулативата повеликодушна од претходно и дека таа ги надминува законските обврски.

Мирсада Малагиќ, мајка на жртва од Сребреница, за БИРН вели дека има намера да поднесе барање за отштета.

„За мене од тие пари е поважно што некој призна, односно холандската Влада, дека е одговорна за она што се случи во Сребреница“, нагласува Малагиќ, чиј син Елвир имал 22 години, кога силите на босанските Срби го одвеле и го убиле.

„Сребреница беше заштитена зона. Сите го бевме свртиле погледот во тој свет, кој на крајот нè предаде“, додава таа.

Франк Нерворт, портпарол на холандската Комисија за надокнада на штета Поточари, нагласува дека постапката е едноставна и брза.

„Комисијата треба да ве извести (барателите) во рок од три месеци по поднесувањето на пријавата, дали апликацијата е одобрена. По потпишувањето на договорот за нагодба, износот на надоместокот ќе се префрли на сметка на роднините, во рок од неколку часа“, информираат од  комисијата.