Изложбата „Лицата на отпорот“, посветена на луѓето кои застанаа против насилството во одредени периоди на турбулентната хрватска историја, беше отворена денеска во Вуковар.
„На изложбата ги славиме борците за мир, но и сите оние кои се побунија против насилството, не само во периодот од 1991 до 1995 година, или за време на Татковинската војна“, рече Весна Тершелиќ од невладина организација Документа-Центар за справување со минатото, на отворањето на изложбата.
„Со ова се сеќаваме и на некои од актерите на НОБ“, додаде таа.
Изложбата во градскиот музеј во Вуковар, опфаќа фотографии и описи на луѓе, кои придонеле во борбата против насилството во Хрватска и на Балканот, на активисти кои го зачувале споменот на жртвите од војната во 1990-тите години, како и на некои мировни демонстрации.
Едно од „лицата на отпорот“ на изложбата, е хрватскиот новинар Синиша Главашевиќ, кој известувал од Вуковар за време на опсадата, сѐ до 1991 година, кога бил заробен и убиен по падот на градот.
Второто е Диана Будисављевиќ, Австријка која била во брак со хрватски лекар, која спасувала деца од усташките логори за време на Втората светска војна.
Изложбата е дел од дводневниот собир „ЕУ како заборавен мировен проект“, организиран од граѓанското општество, со цел да се означи почетокот на претседателствувањето на Хрватска со Советот на ЕУ. На собирот ќе се разговара и за тоа што може уште да се направи, за ЕУ активно да работи на градењето на мирот, во и надвор од нејзините граници.
Настанот беше симболично организиран во Вуковар, на годишнината од мирната реинтеграција на источна Славонија, која се случи на 15 јануари 1998 година.
Во ноември 1991 година, по тримесечна опсада во која загинаа над 3.000 војници и цивили, меѓу кои и 86 деца, Вуковар, град населен со Хрвати и со Срби, падна во рацете на Југословенската народна армија.
Србите го држеа градот сè до крајот на војната, кога беше постигнат договор за негова постепена реинтеграција во Хрватска, заедно со останатиот дел од источна Славонија.