Регион

Хрватска ја одбележа 100-годишнината од бунтот во Лабин

На 2 март 1921 година, рударите во Лабин кренале бунт, ја презеле контролата над рудникот и организирале вооружени единици наречени Црвена стража

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, заедно со локалните власти од Лабин, град во регионот на Истра, присуствуваа на прославата на 100-годишнината од бунтот на рударите во Лабин, против италијанските фашистички власти.

Милановиќ положи венец на местото каде што започнало востанието – во населбата Винеж, пред неодамна поставената спомен-плоча посветена на Лабинската република.

Тој, исто така, присуствуваше на свеченото пуштање на трајното осветлување на железната рударска кула, дел од комплексот на заштитеното индустриско културно наследство на Хрватска.

„На некој начин, ова беше првото востание против фашизмот … Тука, луѓето, пред сè, се обединија во класна борба. Во борба против неправдата, експлоатацијата, искористувањето, во борба за основно човечко достоинство“, рече Милановиќ.

Со крајот на Првата светска војна и распадот на Австро-Унгарија, Истра ѝ припадна на Италија. Во 1922 година, на власт дојде италијанскиот фашистички водач, Бенито Мусолини, но и пред тоа, луѓето во Истра биле мета на омраза, дискриминација и притисок со цел да бидат асимилирани.

На 2 март 1921 година, рударите во Лабин кренале бунт, ја презеле контролата над рудникот и организирале вооружени единици наречени Црвена стража. Бунтот започнал откако фашистите го нападнале и претепале синдикалниот лидер на рударите, Ѓовани Пипан.

Нивниот отпор бил скршен на 8 април 1921 година, кога италијанските сили започнале ненадејна воена и полициска акција. Околу 40 рудари биле уапсени и подложени на разни форми на мачење, поради кое двајца рудари починале.

Претседателот Милановиќ на свечената церемонија. Фото: Кабинет на Претседателот на Република Хрватска / Марко Бељан.

Фото: Кабинет на Претседателот на Република Хрватска / Марко Бељан

Фото: Кабинет на Претседателот на Република Хрватска / Марко Бељан