Регион

Хрватска: Комеморациите и натаму предизвикуваат спорови

Во 2021 година, Хрватска ја одбележа 30-годишнината на низа болни воени настан

Иако поминаа три децении од избувнувањето на конфликтот во Хрватска во 1991 година, комеморациите на воените настани и оваа година предизвикуваа контроверзии во и надвор од земјата.

Еден од најозлогласените инциденти на Татковинската војна (1991-1995), се случи во Загреб во декември 1991 година, кога хрватската полиција ги уби цивилите Марија и Михајло Зец и нивната 12-годишна ќерка Александра. На двајцата наводни сторители, кои го признаа делото, им се судеше, но тие беа ослободени, бидејќи судот наводно се нашол под политички притисок.

Новиот градоначалник на Загреб, Томислав Томашевиќ, во декември годинава, присуствуваше на одбележувањето на 30-годишнината од убиството на семејството Зец.

Ова е првпат градоначалник на главниот град на Хрватска, да присуствува на комеморацијата што се одржува на Сљеме, во организација на Хрватската антифашистичка лига, Српскиот народен совет и невладината организација, Документа – Центар за справување со минатото.

Но, иако постапката на градоначалникот Томашевиќ беше дочекана со пофалби, различните коментари на претседателот, Зоран Милановиќ, за настаните од 1991 година, предизвикаа остри критики.

На прашањето за 30-годишнината од убиствата и дали Хрватска зазела правилна позиција во овој случај, претседателот одговори дека двајцата преживеани членови на семејството биле поканети во Владата додека тој бил премиер и добиле отштета. На Душан и Гордана Зец, им беше исплатена еднократна отштета во 2004 година, од околу 200.000 евра.

„Што друго треба?“, праша Милановиќ и додаде: „Александра Зец е грозна приказна. Но, јас знам и пострашни приказни од војната, од таа приказна“.

Зоран Пусиќ, претседател на Хрватската антифашистичка лига, ги нарече зборовите на Милановиќ „срамни“, нагласувајќи дека ова злосторство се одбележува „ затоа што однесувањето на хрватската политика и судството во тоа време, направија ова злосторство да биде вградено во темелите на хрватската држава“.

Неколку хрватски невладини организации, испратија отворено писмо до претседателот, во кое се вели дека тој „поминал на темната страна“.

„Наместо да се активирате во одбраната на основните права и слободи, вие сѐ повеќе се обзнанувате како говорник со ‘суверенистичка’, ригидно националистичка програма“, се вели во отвореното писмо.

Милановиќ беше критикуван и во мај, кога му ги врати одликувањата на поранешниот генерал, Бранимир Главаш, кому повторно му се суди за наводни злосторства над српски цивили во Осиек, извршени во 1991 година.

Милановиќ ги бранеше своите постапки: „ Главаш го побара тоа, тој испрати барање, затоа што е формално неосудувано лице веќе пет години. Да не ме бараше, немаше да се мешам“, изјави Милановиќ за медиумите.

„Ако повторно биде осуден, ќе го продолжам она што го започна (поранешниот претседател Иво) Јосиповиќ“, додаде хрватскиот претседател.

Јосиповиќ му ги одзеде одликувањата и генералскиот чин на Главаш во 2010 година, кога Врховниот суд на Хрватска го осуди. Во меѓувреме, неговата пресуда беше укината и во јули пред Окружниот суд во Загреб, започна повторното судење на Главаш.

На почетокот на годината, две хрватски организации за човекови права, ја критикуваа Хрватска заради „бавното гонење на воените злосторства“ – еден од тие случаи е децениското судење на Главаш, десничарски политичар и поранешен пратеник.

Огромен број граѓани ја одбележаа годишнината од падот на Вуковар

На комеморацијата во ноември во Вуковар, присуствуваше и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ. Фото: vlada.gov.hr.

И покрај пандемијата, десетици илјади Хрвати се собраа во Вуковар во ноември, за да ја одбележат 30-годишнината од падот на овој хрватски град, по разорната тримесечна опсада под која го држеа силите на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени сили.

„Вуковар е Хрватска, а Хрватска е Вуковар. Тоа се гледа и денес, овде, со бројното пристихнување на луѓе од сите делови на Хрватска и надвор од Хрватска“, изјави на комеморацијата, хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.

Тој изрази задоволство што на комеморацијата присуствуваше и хрватскиот вицепремиер, Борис Милошевиќ, политичар од српската заедница.

Милошевиќ ја објасни својата одлука да присуствува како чекор кон помирувањето: „ Се согласувам дека постојат поделби и моето денешно доаѓање е чекор кон надминување на тое поделби… Секогаш ќе бидеме подготвени да одиме чекор понатаму, за да ги надминеме поделбите, за Србите и Хрватите да живеат подобро“, изјави Милошевиќ.

Од друга страна, се чини дека од оваа година нема да се одржува комеморацијата, на која често присуствуваа илјадници Хрвати.

Имено, експертска група на Министерството за внатрешни работи на Австрија, презентираше извештај до владините претставници во Виена, со кој предложи трајна забрана на контроверзната годишна комеморација што се одржува во близина на Блајбург, јужна Австрија, во знак на сеќавање на хрватските пронацистички сојузнички трупи и цивили, убиени во 1945 година од партизаните.

Овој годишен настан на Лојбашкото поле крај Блајбург, според наводите во јавноста, е настан на кој се собираат хрватските националистички екстремисти и е контроверзен затоа што некои учесници истакнуваат симболи на усташкото движење, кое, за време на владеењето на Независната Држава Хрватска (НДХ), во Втората светска војна, убиваше Евреи, Срби, Роми и антифашисти.

Во извештајот на експертската група на МВР на Австрија се наведува дека комеморациите во Блајбург ги прекршуваат обврските на земјата од австрискиот Државен договор, со кој во 1955 година повторно е воспоставена нејзината независност. Договорот ги забранува нацистичките и фашистичките организации.

На почетокот на декември, австриската Влада, исто така, забрани истакнување на обележјата на Хрватските одбранбени сили (ХОС), на кои се наоѓа усташкиот поздрав.

Меѓутоа, во истиот месец во Хрватска, Одборот за воени ветерани на хрватскиот парламент, го поддржа предлогот за изградба на воени гробишта во рамките на централните гробишта Мирогој во Загреб, за војниците кои се бореле за НДХ.

Според предлогот, припадниците на усташките и домобранските сили од Втората светска војна, на новите гробишта би биле опишани како припадници на „хрватската војска“, што предизвика остри критики од антифашистичките здруженија.

Српски учебник предизвика загриженост за јазикот

Томо Медвед, на локацијата на која се пронајдени посмртните останки. Фото: Министерство на хрватските бранители

Во октомври, поради наводи во српски учебник, дојде до нова можност за заострување на односите меѓу владите во Загреб и Белград, кои одамна немаат пријатен меѓусебен однос.

Пленковиќ му порача на српскиот претседател, Александар Вучиќ, оти сака да се корегира учебникот во кој хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, се опишани како верзија на српскиот.

„Му реков да го решат ова прашање, што се однесува на учебникот за осмо одделение за основно училиште, во кој хрватскиот јазик практично се негира… Тој рече дека ќе види што може да направи“, изјави Пленковиќ.

Во текот на 2021 година, потрагата по луѓето исчезнати во војната, продолжи да биде тема која меѓусебно си ја префрлаа двете соседни држави.

На крајот на ноември, посмртни останки на најмалку десет лица, за кои се претпоставува дека се жртви на конфликтот во Хрватска, во периодот 1991-1995 година, се пронајдени на дива депонија меѓу селата Пацетин и Бобота, во близина на Вуковар.

Министерот на хрватските бранители, Томо Медвед, ја повика Србија да обезбеди информации за тоа каде се наоѓаат другите неоткриени гробници – повторувајќи ја загриженоста претходно изразена од претседателот Милановиќ.

Имено, Милановиќ во април изјави дека прашањето за хрватските војници и цивили, кои исчезнаа во војната 1991-1995, мора да се реши пред Србија да стане членка на Европската унија.

„Знаеме дека нашите соседи знаат и мора да знаат многу повеќе за исчезнатите отколку што прават и покажуваат“, рече тој.

Според податоците на Министерството на хрватски бранители, сè уште се трага по 1.853 лица, исчезнати за време на конфликтот.