Регион

Хрватска критикувана поради „бавната правда“ за воени злосторства

Куќа во Шпановица на која е напишано – „врисок“. Фотографија на Јадран Бобан

По повод Европскиот ден на жртвите на кривични дела, две хрватски невладини организации ја критикуваа Хрватска, поради „бавното процесирање на воените злосторства“.

„Кривичните постапки за воените злосторства се несомнено … од особено значење. Нивната ефективна имплементација, на жртвите им го гарантира остварувањето на правдата“, соопштија  денеска Документа – Центар за справување со минатото од Загреб и Центарот за мир, ненасилство и човекови права од Осиек.

Во текот на минатата година, според овие две организации, не биле закажани рочишта во бројни кривични постапки за воени злосторства.

Една од нив е децениската постапка против хрватскиот пратеник и воен генерал, Бранимир Главаш, на кој неколкупати му се судеше за злосторства над српски цивили, извршени во Осиек, во 1991 година.

„Повторената кривична постапка против обвинетиот, Бранимир Главаш, и другите, за злосторства во Осиек, започна повторно на 3 јуни 2019 година. Најголема концентрација на рочишта следеше во ноември 2019, откако судот со месеци одбиваше непосредно да го испита тешко болниот, Никола Јаман, клучен сведок за дел од обвинението … “, нагласуваат организациите.

„Потоа, на 9 март 2020 година, сведочеа тројца сведоци на одбраната, а сѐ до денес, рочишта за продолжување на судењето, не се закажани“, додаваат тие.

Правната постапка во случајот Главаш би можела да биде дополнително продолжена, бидејќи судијата претседавач беше назначена за судија во новооснованиот Висок кривичен суд, а нејзините предмети, вклучувајќи го и случајот Главаш, ќе бидат прераспределени на други судии.

Документа и Центарот за мир, ненасилство и човекови права, исто така, посочуваат дека рочишта во предметите за воени злосторства, што се водат пред Окружниот суд во Осиек, на пример, во случајот поврзан со падот на Вуковар во 1991 година, како и во случајот со злосторствата во српските логори, не биле закажани според динамиката што ја пропишува законот за кривична постапка.

„Недопустливо е судските органи да дозволат постапките да се водат толку долго, премногу долго и со значително трошење на време и ресурси“, посочуваат од двете невладини организации.

Ова, додаваат тие, ја доведува во прашање не само економичноста на постапката, туку и правата на обвинетите и на жртвите, како и довербата на граѓаните во ефикасноста на владеењето на правото.