Дваесет и пет години по завршувањето на војната во Хрватска, конечно е подготвен закон со кој ќе се утврдат правата на цивилните жртви на конфликтот, на родителите на убиените деца, на децата чии родители се убиени и на семејствата на исчезнатите лица. Хрватската Влада очекува Собранието да го усвои овој закон, до крајот на годината.
Законот предвидува финансиски надомест за луѓето кои станале инвалиди за време на војната и за оние кои загубиле член на семејството, а ќе биде финансиски поддржана и набавката на одредени помагала, како што се протезите.
Бранка Виерда, од Младинската иницијатива за човекови права, вели дека ова, и покрај долгогодишното одложување, е добра вест.
„Комплетно законско решение, што го регулира остварувањето на правата и стекнувањето статус на одредена група – цивилни жртви на војната – се очекуваше долго време и вреди да се донесе, па дури и по 25 години од завршувањето на војната“, вели Виерда за БИРН.
Минатата сабота, за нацрт-законот, се одржа онлајн јавна расправа. Голем број на организации вклучени во ова прашање, го поздравија усвојувањето на нацртот, иако некои предупредија дека на некои жртви може да им биде ускратено правото на паричен надоместок, на ортопедски помагала и на приоритет при вработувањето и сместувањето во домовите за нега.
Ногата и раката на еден цивил вредат колку ногата и раката на еден бранител
Јулиана Росандиќ, претседател на Заедницата на здруженија на хрватски цивилни жртви на Татковинската војна, за хрватскиот веник, „Вечерњи лист“, во октомври изјави дека е задоволна од нацрт-законот, истакнувајќи дека „од клучно значење е што тој превидува надомест за загубата на член на семејството“.
Според новиот закон, семејствата на цивилите кои исчезнаа во војната, но сè уште не се официјално прогласени за мртви, ќе можат да бараат надоместок, дури и во случаите кога за нив не е издадена потврда за смрт.
„Дојде и до подобрување на условите за лицата со инвалидитет, имено успеавме да се договориме дека ногата и раката на еден бранител, ќе биде вреднувана исто како ногата и раката на еден цивил“, додаде Росандиќ.
Таа и самата била ранета во војната, заедно со членовите на нејзиното семејство, кога српските сили од соседна Босна и Херцеговина, го гранатирале хрватскиот град, Славонски Брод, каде што тие живееле.
Според новиот закон, лицата со инвалидитет, кои биле ранети во војната, во зависност од степенот на нивната инвалидност, ќе можат да добијат месечен надоместок во висина од 114 до 3.824 куни (од 19 до 506 евра).
Росандиќ, покрај Народниот правобранител и невладините организации, со години ги повикува хрватските власти да донесат ваков закон, бидејќи постојат закони што ги регулираат правата на воените и на цивилните инвалиди и на жртвите на воено сексуално насилство, но не и закон со кој се регулираат правата на воените цивилни жртви.
Сепак, Виера смета дека е потребна „сеопфатна стратегија“, што ќе се занимава со сите прашања што произлегоа од војната во 90-тите, а не само низа закони.
Некои учесници на јавната дебата предупредија дека во некои случаи, ќе биде тешко на хартија да се докаже дека жртвите ги исполнуваат условите за добивање надоместок според новиот закон.
Ако жртвата бара надоместок врз основа на болест или повреда предизвикана од војната, на пример, поради експлозија, при престрелка или како резултат на притворање во логор, тогаш таа мора да го докаже тоа со медицинска документација, добиена во време на повредата, кога била ослободена од затвор или во рок од 30 дена од настанот.
За време на јавната дебата, невладината организација со седиште во Загреб, Центар за мировни студии, истакна: „не сметаме дека е реално сите цивилни жртви на војната да имале можност да добијат медицинска документација во рок од триесет дена по злоупотребата“.
Затоа оваа невладина организација предложи „воведување алтернативни начини кои недвосмислено го покажуваат начинот на траума/повреда, како што се изјави на сведоци, записи во медиумите, извештаи на меѓународни и невладини организации итн“.
Виерда забележува дека воените бегалци, раселените лица и повратниците, не се вклучени во сегашниот нацрт-закон, иако таа верува дека од последната верзија на законот, корист ќе имаат „поголем број жртви, отколку што тоа го предвидува нацрт-предлогот“.
„Се надеваме дека членовите на хрватскиот парламент ќе бидат вклучени во дебатата на конструктивен начин, имајќи предвид дека одредени групи луѓе, кои се цивилни жртви на војната, не се вклучени во овој нацрт-предлог на Законот за цивилни страдалници од Татковинската војна“, додава таа.
Опфатени се сите жртви, но има и исклучоци
Во октомври, Ивица Акмаџа, генерален секретар на Министерството на бранители, за „Вечерњи лист“ објасни дека законот ќе им обезбеди права на „сите жртви“. Тој ќе важи како за хрватските државјани, така за странците, доколку тие „имале постојан или привремен престој на територијата на Република Хрватска за време на несреќата“, т.е. ако тие веќе не ги користат овие права од државата чии државјани се или во која што живеат.
„Но, законот строго вели дека правата не можат да ги остварат припадници, помагачи или соработници на непријателските воени и паравоени единици, кои учествувале во вооружената агресија врз Република Хрватска, како и членовите на нивните семејства, врз основа на нивното страдање“, нагласи Акмаџа.
Но, некои набудувачи предупредуваат дека српските цивили може да имаат потешкотии да докажат дека не помагале или соработувале со „непријателот“.
„Сметаме дека е потребно попрецизно да се дефинираат поимите ‘помагачи’ или ‘соработници’ на непријателските воени и паравоени единици, како и во која постапка и врз основа на каква одлука ќе се утврди дека едно лице било помагач или соработник на непријателските воени и паравоени единици, кои учествувале во вооружената агресија на Хрватска“, истакнаа од канцеларијата на Народниот правобранител, за време на јавната расправа што се водеше преку интернет.
Законот, исто така, дефинира дека цивилен инвалид на Татковинската војна е, меѓу другото, „лице чие тело е оштетено за најмалку 20%, поради рана или повреда, добиена како резултат на притворање во логор, затвор или во друг непријателски објект за притворање, од страна на припадници, помагачи, соработници на непријателската војска и на паравоените формации“.
Виерда посочува дека оваа дефиниција ќе ги исклучи жртвите „кои биле приведени и мачени во објекти за притвор под контрола на хрватските сили“.
Таа како примери ги наведе логорот Лора во Сплит, воениот затвор Керестинец во близина на Загреб и саемот во Загреб, каде биле злоставувани претежно српски воени затвореници и цивили.
Предраг Фред Матиќ, хрватски член на Европскиот парламент и поранешен министер на бранителите, го поздрави законот, затоа што „во секоја војна, цивилните жртви се всушност најголемите жртви“.
„Кога војник ќе земе пушка, тој отприлика знае што го чека и што прифатил, а цивилите се навистина невини жртви, колатерални жртви“, вели Матиќ за БИРН.
Тој додава дека подготвил сличен закон во 2014 година, но дека предлогот никогаш не бил реализиран, поради 18-месечниот протест на хрватските бранители, кои поставија голем шатор пред министерството, кој беше поддржан и од десничарските политичари.
Некои бранители и десничари сметаа дека предлог-законот на Матиќ, јасно не кажувал дека Србите започнале вооружена агресија врз Хрватска во 90-тите години и оти некои лица кои бле на страната на агресорот, можат да имаат корист од предложениот закон, бидејќи Матиќ имал намера да ги опфати сите жртви на војната, вклучително и Србите.
„Тие ми рекоа: ‘Фред, ги поистоветуваш жртвата и агресорот’“, се сеќава Матиќ.
Поранешниот министер објаснува дека спровел истражување со помош на невладини организации, според кои бројот на цивилни жртви на војната во Хрватска, е околу 10.000.
„Тука доаѓаме до поентата, бидејќи, грубо ќе ги кажам бројките, 9.000 жртви се Хрвати, но за жал, ова го велам под наводници, илјада жртви се меѓу српското население – што беше црвена крпа за здруженијата на овие бранители“, објаснува тој.
Матиќ посочува дека сите цивилни жртви треба еднакво да се третираат. „Таткото Јово, ако бил четник, тој нема никакви права од оваа држава, но неговиот син, малиот Јовица, ако граната му ја откинала ногата, тогаш хрватската држава треба да му ја даде потребната протеза“, наведува тој како пример.
„Ако Јовица страда поради татко му Јово, тогаш ние не сме се помрднале од почетната точка“, заклучува тој.