, Загреб
Поранешниот концентрационен логор Јасеновац, едно од најзначајните историски места од Втората светска војна во поранешна Југославија, од главниот град на Хрватска, Загреб, е одалечен околу 110 километри, односно час и половина патување со автобус.
Сепак, ниту едно училиште од Загреб, минатата година, не организираше посета на спомен-подрачјето Јасеновац, за своите ученици.
Од вкупно 909 основни училишта во Хрватска, во 2018 година, само 7 организирале посета на Јасеновац, додека од 401 средно училиште, само 8 ги довеле своите ученици на ова место.
Со оглед дека во Хрватска продолжува трендот на историски ревизионизам, но, исто така, и на намалување на злосторствата извршени од фашистичкиот усташки режим во Втората светска војна, учениците во основните и во средните училишта во Хрватска, немаат многу можност да се запознаат со она што се случувало за време на усташката власт, од 1941 до 1945 година.
Миљенко Хајдаровиќ, професор во средното училиште во градот Чаковец, за БИРН вели дека наставниците се обврзани, секоја година, да ѝ посветат барем еден училишен час (45 минути), на темата – Независна Држава Хрватска (НДХ), која била предводена од усташкиот режим, кој го формирал концентрациониот логор Јасеновац, а некои наставници можат на оваа тема да ѝ посветат и повеќе време, доколку сакаат, како што тоа го прави Хајдаровиќ.
Експертите веруваат дека знаењето на учениците за овој период не е еднакво. Според истражувањето спроведено во 2015 година, од страна на неколку хрватски невладини организации, предводени од иницијативата ГУД, 48 отсто од средношколците не се сигурни дали НДХ била фашистичка креација, а 22 отсто сметаат дека не била.
Ања Гвоздановиќ, еден од авторите на ова истражување, за БИРН изјави оти оваа несигурност на учениците, најмногу произлегува од повоениот социо-политички контекст во кој тие израснале и во кој биле образовани.
„Од 90-тите, државниот врв, во форма на реторика, симболика, па и културни елементи, ширум ја отвори вратата за усташтвото, а недвосмислената јавна осуда на периодот на НДХ, почесто отсуствуваше, отколку што беше присутна”, истакна таа.
Учебниците ја идентификуваат диктатурата
Според податоците на спомен-подрачјето Јасеновац, усташите во овој логор убиле повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти, во периодот 1941-1945, кога НДХ ја загуби власта.
БИРН анализираше четири учебници што се користат во основните и средните училишта и утврди дека сите, на сличен начин, ги претставуваат историските факти поврзани со НДХ. Во сите учебници се нагласува дека НДХ била непризнаена, диктаторска држава која зависела од раководството на нацистичка Германија и фашистичка Италија.
„И покрај тоа што носела назив ‘независна’, за речиси сите важни прашања, од почетокот до крајот на своето постоење, таа зависела од Италија и Германија”, се вели во учебникот за четврта година што се користи во средните училишта, чии автори се Хрвоје Петриќ и Јакша Рагуж.
Во учебниците се објаснува расната политика на усташкото движење и се споменува официјалниот број на жртви во Јасеновац, иако во некои од нив се вели дека Србија се обидела да ја преувеличи бројката на жртвите, „со цел да се создаде мит за геноцидниот карактер на Хрватите”, се вели во учебникот на Петриќ и Рагуж.
Учебникот по историја, за основно училиште, на Крешимир Ердељ и Игор Стојаковиќ, укажува дека, сепак, „од хрватска страна, имало обиди да се намали бројот на жртвите, па дури и наводи дека во (усташките) логори немало злосторства и дека единствени жртви биле оние, што починале од природна смрт“.
Наставниците со кои разговаравме велат дека учебниците, сепак, не се најголемиот проблем во наставата по историја од Втората светска војна.
Хајдаровиќ нагласува дека поголем проблем претставува недоволното знаење на самите наставници по историја, како и застарените наставни методи, како што е учењето напамет.
„Официјалните документи, како што се наставните програми и планови или учебниците, се наш најмал проблем. Многу поголем проблем е како за усташите и НДХ се предава на бројните (универзитетски) историски катедри, или што, всушност, наставниците предаваат во училниците“, вели тој.
„И натаму сме фокусирани на информации кои учениците ги учат напамет, информации кои ќе ги заборават до крајот на годината, наместо да се фокусираме на развојот на историското размислување, истражување и критичко размислување”, додава тој.
Најавено е дека во наредните недели, ќе се воведе нов наставен план за предметот историја. Експертите веќе изразија стравувања дека тој ќе биде полош од сегашниот, оти на наставниците ќе им биде дадена помала автономија и оти учениците ќе бидат уште повеќе оптоварени со обврската да ги запамтат фактите. Исто така, има шпекулации дека една третина од наставата посветена на историјата од 20 век, ќе им биде посветена на лекции за Татковинската војна.
Во услови на недостаток на настава за Втората светска војна, Хајдаровиќ нагласува дека е значајно што Агенцијата за воспитување и образование, како јавна установа, организира годишни средби со наставниците, на тема холокауст, но оти тие се ограничени на само 50 учесници.
„Кога само наставници по историја би доаѓале на овој семинар, би биле потребни повеќе од 30 години сите да ја поминат оваа обука. Но, бидејќи се вклучени различни предметни наставници, се чини дека ќе биде потребно двојно повеќе време, или барем еден век“, вели Хајдаровиќ.
И учениците, и наставниците, се само површно запознаени за страдањата на Ромите во усташките логори. Дури неодамна беше објавен првиот прирачник за наставниците и професорите, за оваа тема.
Прирачник со наслов, „Ромите во Втората светска војна во Независната Држава Хрватска, 1941-1945”, беше изработен откако во пет училишта во Хрватска беше отворена изложба за Ромите.
„Реакциите на наставниците и на учениците на изложбата беа позитивни, имавме покани да ја поставиме и во други училишта, но за жал немавме пари (за финансирање на овие активности)”, изјави на презентацијата на прирачникот во Загреб овој месец, Иво Пејаковиќ, директор на Спомен-подрачјето Јасеновац и еден од неговите автори.
Учениците изненадени од бруталноста
Пејаковиќ укажува дека малку училишни посети има во Спомен-подрачјето Јасеновац, бидејќи за тоа нема финансиска поддршка од министерството, за разлика од училишните посети на градот Вуковар, кој по опсадата во деведесеттите беше уништен од страна на српските сили, кои ги финансира Министерството за бранители.
Дводневната посета на Вуковар е задолжителна за учениците од осмо одделение, како дел од наставната програма, од 2016 година.
„Значи ова, (организацијата на посетата на Јасеновац), е оставена на ентузијазмот на некои наставници и професори кои работат во училиштата”, додава Пејаковиќ.
Еден од тие ентузијасти е и Хајдаровиќ, кој често ги води учениците на екскурзија во Јасеновац, бидејќи смета дека патувањата на теренот се единствена можност за учење. „Јас ги користам посетите на Јасеновац (како основа за предавање) за целата приказна за настаните од Втората светска војна во Хрватска”, објаснува тој.
Во пролетта 1945 година, откако станало јасно дека нацистичка Германија и усташите ќе бидат поразени, логорот и селото Јасеновац биле урнати и запалени, со цел да се прикријат трагите од злосторствата.
Ова значи дека спомен-подрачјето во Јасеновац не е како најголемиот нацистички концентрационен логор Аушвиц во Полска, каде што посетителите можат да ги видат бараките, гасните комори, крематориумите, објектите за притвор и другите оригинални или делумно реконструирани објекти.
Во Јасеновац има огромен споменик поставен во чест на жртвите, додека изворните места на објектите и оние на кои во логорот биле вршени погубувања, се обележани со земјени насипи и вдлабнатини.
Во рамките на спомен-подрачјето се наоѓа и музеј, како и едукативен центар, а со училишните групи кои доаѓаат да го посетат ова место, работат кустоси асистенти. Во едукативниот центар, на пример, на учениците им се раскажува дека во Јасеновац бил убиен братучед на познатиот пронаоѓач, Никола Тесла, за да можат учениците да ги поврзат информациите со име на личност што тие ја знаат.
„Учениците обично се изненадени од бруталноста на настаните и тешко им е да замислат дека такво нешто било можно. Најчестите прашања се, како некој можел да учествува во злосторствата, што погрешно направиле затворениците и дали пружале отпор“, објаснува Хајдаровиќ.
Игор Деспот, наставник во една од основните училишта во Загреб, жали што никогаш не ги одвел учениците во Јасеновац.
„Никогаш не сум се обидел, бидејќи претпоставував дека ќе има отпор во училиштето и во локалната заедница. За жал, во повеќето делови на Хрватска не постои можност за ‘практична настава’, бидејќи јавно поддржаните ревизионисти ја извршија својата работа. Прифаќам дел од одговорноста “, вели Деспот за БИРН.
Примери надвор од училиштето
Наставниците и активистите укажуваат дека ставот што децата го имаат кон историјата на Хрватска од Втората светска војна, е граден под влијание на она што тие го гледаат и слушаат надвор од училиштето, вклучувајќи ја и отворената јавна употреба на усташките симболи и слогани, од страна на нивните идоли, како што се, на пример, фудбалерите.
„Добар пример за ова е (хрватската фудбалска ѕвезда), Јосип Шимуниќ, кој по натпревар, на микрофон, скандираше „За дом спремни“, како и (десничарската поп-ѕвезда, Марко Перковиќ) Томпсон, со кој често се врзува и усташка иконографија, а кој настапи на дочекот (на хрватската фудбалска репрезентација) по Светското првенство“, вели за БИРН, Никола Пухариќ, историчар и член на невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права.
Некои млади Хрвати го почитуваат усташкиот режим и користат говор на омраза кон малцинствата, особено кон Србите; некои од нив ги истакнуваат своите националистички ставови носејќи маици со десничарски пораки.
Во мај минатата година, за време на матурската прослава во Загреб, некои ученици од електротехничкото средно училиште носеа маици со натписот „За дΩ (симболот за ом, единица за електричен отпор) спремни“.
Во последните неколку години беа објавени и низа книги кои ги негираат или намалуваат злосторствата извршени од усташкиот режим, а нивните автори честопати се појавуваат во хрватските медиуми.
„Ние живееме во времиња кои навистина се обележани со концепти на алтернативна вистина или ‘пост вистина’ во општеството и политиката. Децата живеат во такво општество; таквите материјали се достапни во вестите, на (јавниот телевизиски сервис) ХРТ, на интернет“, додава Хајдаровиќ.
Пејаковиќ верува дека овие дела имаат негативно влијание врз целото општество, но и врз учениците.
„Не треба да се заборави колку е важна интерпретацијата на историјата дома, бидејќи членовите на семејството – таткото, мајката, бабата и дедото – понекогаш имаат поголем авторитет, отколку наставниците по историја”, објаснува тој.