Регион

Хрватска: Обвинителството ќе инсистира на отштета за воени злосторства

Окружниот суд во Загреб. Фото: БИРН/Ања Владисављевиќ

Како што за БИРН изјавија од Државното обвинителство на Хрватска, поднесена е жалба на неодамна донесената првостепена пресуда на Општинскиот граѓанскиот суд во Загреб, со која е отфрлено барањето на државата, осудените за воени злосторства, Мирко Норац, Тихомир Орешковиќ и Стјепан Грандиќ, да ѝ ги вратат парите што таа им ги исплатила на жртвите на нивните злосторства.

„Република Хрватска … поднесе жалба против пресудата на Општинскиот граѓанскиот суд во Загреб … од 30 април 2019 година“, ни беше речено денеска.

Како што истакнаа од обвинителството, оспорена е одлуката според која Норац, Орешковиќ и Грандиќ, не се должни на државата да ѝ ја вратат сумата од 107.563 куни (14.515 евра), што таа, на име отштета, им ја исплатила на нивните жртви.

Имено, Стојанка Бориќ и нејзиниот, тогаш едногодишен син, Ѓорѓе, кои во есента 1991 година, по наредба на Норац, биле заробени во касарната во Госпиќ, добија отштета од државата.

Потоа, во 2013 година, обвинителството започна постапка за поврат на овие средства од Норац и другите две лица.

Норац, првиот пат, беше осуден од Хашкиот трибунал за убиство на цивили во Госпиќ во 1991 година.

Потоа и судот во Загреб го осуди за злосторства против човештвото и за воени злосторства извршени над цивили и воени затвореници во Медачки џеб, во септември 1993 година, кога хрватските сили се обидоа да ги потиснат силите на бунтовничките Срби од Госпиќ.

Окружниот суд во Риека, ги прогласи Норац, Орешковиќ и Гранчиќ за виновни за воени злосторства, односно за убиство на 50 цивили, и тие беа осудени на 12, 15 и 10 години затвор.

По отслужување на две третини од казната, Норац и Орешковиќ, во 2011, односно 2013 година, беа ослободени од затвор.

Во 2005 година, поранешниот хрватски претседател, Стјепан Месиќ, му ја намали затворската казна на Грандиќ, од десет на осум години.

Порталот Телеграм, објави дека државата побарува од Норац, Орешковиќ и Грандиќ, вкупно 2,3 милиони куни (310.380 евра), што таа ги платила за отштета во случајот Бориќ и во други предмети.