Регион

Хрватска: Претседателот што сака да стане премиер ја запали изборната трка

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ фрли политичка граната пред изборите со најавата дека ќе биде кандидат за премиер

Изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ минатата недела дека би се кандидирал за премиерската позиција, но без претходно да даде оставка од функцијата шеф на државата, веднаш предизвика потреси. Во понеделникот, Уставниот суд го спушти на земја, но маневарот на Милановиќ можеби веќе го имаше посакуваниот ефект.

„Од тоа што го слушнав, рејтингот на Социјалдемократската партија пораснал за девет процентни поени“, рече политичкиот аналитичар Јарослав Печник.

Иако тој ја напушти челната позиција на партијата во 2016 година, СДП остана партија на Милановиќ и го поддржa во неговата кампања за претседателските избори во 2020 година. Денес, еден месец пред закажаните парламентарни избори, СДП заостанува зад владејачката Христијанско-демократска заедница, ХДЗ. Оттука дојде политичката граната на Милановиќ.

„Одлуката на Уставниот суд секако беше очекувана и Милановиќ многу добро го знаеше тоа. Целиот проект беше замислен за да го вовлече и него во изборната трка. Тоа е намерен напад врз ХДЗ, да ја изненадат и да ја испаничат“, вели Печник за БИРН.

И сосема е можно намерата да успеала, додава тој.

„Ова донесе нова енергија во изборниот процес, што, секако, е во корист на СДП“, вели Печник.

Единственото прашање сега е – што ќе се случи следно?

Коалицијата предводена од СДП се распаѓа

Уставниот суд му забранува на Милановиќ да се кандидира за премиер | Фото: Фејсбук-страница на Зоран Милановиќ

Анкетата од 17 март на Ипсос, спроведена за Нова ТВ, покажа дека ХДЗ води со поддршка од 27,4 отсто, а по неа е СДП со 22,6 отсто.

 Најавувајќи ја својата кандидатура за премиер, Милановиќ рече дека ако СДП победи, тој би дал оставка од претседателската функција. Тој го посочи поставувањето на Иван Турудиќ за главен јавен обвинител во Хрватска, како капката што ја прелеала чашата, поради врските на Турудиќ со поранешен фудбалски шеф осуден во 2018 година за изнуда и со поранешна владина функционерка осомничена за корупција, со која Турудиќ, како судија, бил во контакт додека таа била под истрага.

Нормално, тој прво треба да даде оставка, а потоа да се кандидира за избори. Тоа му го рече и Уставниот суд, од каде што порачаа дека ако треба, може и да ги поништи изборите ако Милановиќ продолжи да се меша од претседателската функција.

Милановиќ беше незадоволен. Минатиот вторник претседателот ги нарече уставните судии „неписмени селани“ и „гангстери“. Судот, рече тој, е само продолжена рака на ХДЗ и на нејзиниот премиер Андреј Пленковиќ. Уставните судии, пак, беа подеднакво резервирани за назначувањето на Турудиќ како него и не се појавија на неговото давање заклетва на 13 март.

Оправдувањето на Милановиќ зошто би се кандидирал за премиер, според Печник, треба да се земе со доза сомнеж. Во заднина, вели тој за БИРН, стои личното ривалство меѓу него и Пленковиќ.

„Тоа не е само судир на идеи, не е политичко ривалство, туку е прашање на екстремно лично непријателство“, вели тој.

Во согласност со судската одлука, Милановиќ нема официјално да се кандидира на изборите следниот месец, но ако СДП победи, сѐ уште ќе може да го избере него за премиер.

Политичкиот аналитичар Давор Ѓенеро изрази сомнеж во врска со тоа дали коцкањето ќе му се исплати на Милановиќ.

„Многу сум скептичен дека СДП ќе може да формира влада. И Милановиќ е скептичен“, вели Ѓенеро за БИРН.

Партијата Истарски демократски сабор, ИДС, и партијата Форум ја напуштија коалицијата со СДП, исто како и Работничкиот фронт, од каде што рекоа дека не биле задоволни од политиките на Милановиќ кон работниците за време на неговиот премиерски мандат од 2011 до 2016 година.

Десничарска реторика

Претседателот се обидува да се вклучи во кампањата за парламентарните избори | Фото: Фејсбук-страница на Зоран Милановиќ

 Обидувајќи се да влезе во изборната кампања, Милановиќ во изминативе денови даде повеќе изјави што се како позајмени од прирачникот на политичката десница.

„Хрватска, исто така, е соочена со проблемот на миграцијата. Но, денес тоа не се мигранти како во 2015 година, кога имавме хуман и отворен, но пресметан пристап кон проблемот. Денес сѐ е различно, бидејќи денес мигрантите доаѓаат тука со свои калкулации и сакаат само да ги користат нашите пари за социјална помош“, напиша тој на Фејсбук.

Ѓенеро вели дека претседателот „се бори за гласови од десницата“, за да се обиде да го надомести заостанувањето на СДП.

„Партијата веќе нема национална инфраструктура. Можат да победат во три од десет изборни единици. Нема вистинска предизборна коалиција на СДП бидејќи тоа се четворица луѓе, а не четири партии“, вели тој.

„Секој антидемократски актер сака да игра на картата на нерационален страв. Сака да ја убеди јавноста, која се чувствува загрозена од корумпираните политички елити, кои, според него, се ХДЗ, дека само оние што се доволно храбри можат да ги решат проблемите и да ги заштитат нив од заканата на елитите“, додава Ѓенеро.

Според Печник, Милановиќ се врти десно затоа што нема левица во Хрватска.

„Со текот на времето, СДП се оддалечува од социјалната демократија. Освен Работничкиот фронт, нема лева партија во Хрватска. Кога луѓето зборуваат за опасноста од екстремната левица, тоа е бесмислица. За разлика од опасноста од десницата, која е реална“, вели тој.

Печник ја опиша стратегијата на Милановиќ како „еден вид трампизам, во кој тој сака победа по секоја цена“.

Но, што ако СДП загуби?

„Во политиката, принципот е победи или исчезни“, вели Ѓенеро.

Оние што го поддржуваат Милановиќ, денес ќе му го свртат грбот кога ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат на крајот од годината.

Печник се согласува со тоа.

„Милановиќ го почна сево ова ризикувајќи сѐ, зашто многу добро знае дека ако СДП не освои мнозинство и не формира влада, тој ќе може да се збогува со вториот претседателски мандат“, вели тој.

Анализирајќи го она што ќе следува, Ѓенеро забележува дека мандатите на осуммина од 13-те судии во Уставниот суд истекуваат во јуни. Може да се продолжат најмногу до средината на декември.

За да се назначи судија, кандидатот треба да добие поддршка од две третини од пратениците, но ако ХДЗ и СДП не се согласуваат по парламентарните избори, такво големо мнозинство ќе биде тешко да се достигне.

„Ако не се именуваат, тогаш никој нема да може распише избори. Тоа е екстремно опасна ситуација“, вели Ѓенеро, осврнувајќи се на претседателските избори што треба да се одржат на крајот од годината.

Милановиќ може да има уште една карта во ракавот, во неговата уставна улога да го додели мандатот за формирање влада на партијата што ќе победи на изборите на 17 април.

Ако СДП ги загуби парламентарните избори и ако Милановиќ успее да го блокира формирањето нова влада, „дали ќе имаме нови избори“, прашува Ѓенеро.