Регион

Хрватска во 2019 година: Нагласена омраза кон Србите

Војната од 1990-тите години, продолжува да фрла сенка врз современото општество

Оваа година во Хрватска беа потенцирани кривичните дела сторени од омраза, како и говорот на омраза, насочени кон српското малцинство во оваа земја, но иако нема достапна статистика за бројот на инциденти, во 2019 година беа пријавени неколку сериозни случаи.

На самиот почеток на годината, хрватските Срби добија навредлив „божикен поздрав“, од член на владејачката партија, син на хрватски пратеник.

Иван Ѓакиќ, син на пратеникот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Јосип Ѓакиќ, на 7-ми јануари на Фејсбук објави фотографија од Втората светска војна, на која припадник на усташкото движење, држи  отсечена глава на српски војник, со пораката: „На сите ’пријатели’ Србчиња им посакувам среќен Божик“.

Неговата порака предизвика широка осуда и по шест месеци тој беше условно осуден на 11 месеци затвор, за говор на омраза, но и за друго претходно извршено дело – напад на новинар.

Сепак, во 2019 година, Србите во Хрватска се соочија со далеку посериозни проблеми отколку виртуелните навреди.

Во февруари, група мажи во Сплит, нападнаа тројца ватерполисти на Црвена звезда од Белград. Потоа, во јуни, група од пет мажи, членови на навивачкиот клуб на сплитски Хајдук, Торцида, нападнаа четворица сезонски работници во Супетар на островот Брач. Двајца од нив беа Срби кои живеат во Хрватска, кои напаѓачите ги препознале по говорот.

Потоа, во август, се случија два одвоени напади врз хрватски Срби, кои на телевизија гледаа пренос на фудбалски натпревар на Црвена звезда во Белград, во кафулиња во селата Уздоље и Ѓеврске, во кои напаѓачите упаднале. Пет лица, меѓу кои и еден малолетник, тогаш беа полесно повредени. Во декември, Општинското обвинителство на Шибеник, обвини 15 мажи кои, наводно, учествувале во овој инцидент, за кривично дело извршено од омраза.

Најшокантен беше нападот врз Радоје Петковиќ (63), потпретседател на српскиот народен малцински совет на градот Кастав кај Риека, кој почина на 10 јуни, неколку недели откако беше претепан од 48-годишниот Илија Главиќ, хрватски воен ветеран. Окружниот обвинител на Риека, во јули го обвини за овој напад.

И лидерот на Српскиот народен совет на Хрватска, Милорад Пуповац, неколку пати се најде на удар. Кога во август реагираше на насилните напади врз хрватските Срби, предупредувајќи на пораст на национализмот во земјата, хрватските ветерани, до Државното обвинителство, поднесоа кривична пријава против него. Тие истакнаа дека неговите изјави му штетат на угледот на Хрватска и поттикнуваат омраза и насилство. Државниот обвинител донесе одлука оти Пуповац не сторил кривично дело.

Во мај, антисрпски графити и симболи на усташкото движење, беа испишани на билбордите на Пуповац, кои беа поставени во изборната кампања за Европскиот парламент.

Војните од минатото продолжуваат да ја мачат сегашноста

Изборен билборд на СДСП за ЕП на кој е поставено прашањето: „Знаете ли како е да се биде Србин во Хрватска?“. Фото: БИРН

Експертите велат дека хрватското општество сè уште е оптоварено со минатото и дека 2019 година не покажала напредок во справувањето со наследството oд конфликтите во 1990-тите и од Втората светска војна.

Четврта година по ред, претставниците на еврејската и на српската заедница во Хрватска, како и антифашистите, ја бојкотираа во април државната комеморација за жртвите од концентрациониот логор Јасеновац. Лидерите на овие групи истакнаа дека државата не презела вистински мерки за да го сопре, или барем да го минимизира ревизионистичкото негирање на улогата на Хрватска во холокаустот.

Во јануари, извештајот за ревизионизмот на холокаустот, истражување за тоа како поединечни земји од ЕУ се справуваат со наследството на злосторствата од Втората светска војна, ја наведе Хрватска како една од земјите во Европа, со најбројни проблеми врзано за историскиот ревизионизам.

„Сеќавањето на холокаустот во Хрватска е проблематично“, се вели во извештајот, во кој се укажува на континуирана јавна употреба на усташкиот поздрав, на нејасниот став на хрватската Влада и на Католичката црква кон наследството на холокаустот во земјата, на контроверзите околу Јасеновац и на објавувањето книги што го минимизираат бројот на жртви во логорот.

И военото минато на Хрватска е дел од тековната кампања на претседателските избори. Новинарот и писател, Ивица Ѓикиќ, за БИРН во ноември изјави: „Секако дека војните – Втората светска и Татковинската – се присутни, исто како што беа присутни во сите претходни, а најверојатно и во многу идни избори“.

За време на кампањата, имаше реакции на изборниот плакат на претседателскиот кандидат на Социјалдемократската партија, Зоран Милановиќ, во Вуковар, заради натписот „Нормално, војните завршија“. Имено, неговиот противкандидат, Мирослав Шкоро, изјави дека не е нормално да им се кажува на луѓето во Вуковар дека војните завршиле и „да се игнорира нивната болка“.

Вуковар беше тема и во други политички дебати, кога хрватскиот парламент, во ноември, донесе закон со кој го прогласи денот кога овој град падна во рацете на Југословенската народна армија и на српските паравоени единици, за Ден на сеќавање на жртвата на Вуковар, државен празник посветен „на сите жртви од Татковинската војна “.

Ова предизвика контроверзии во Хрватска, затоа што многумина веруваат дека поентата на празникот е да се слави, а не да се тагува. Други, ваквиот потег на Владата, го протолкуваа како продолжување на негувањето на воениот наратив.

„Ова пропишува дека за Вуковар воопшто не смее да се размислува надвор од воената рамка“, изјави за хрватскиот веб-портал Index.hr, Бојан Главашевиќ, син на новинарот, Синиша Главашевиќ, кој бил убиен во Вуковар во, 1991 година.

Убиства без осуда

 

Главаш во хрватскиот парламент. Фото: Бета

Во 2019 година, многу хрватски политичари и организации на бранители, ги критикуваа хрватските институции, дека не направиле доволно за да ги уапсат оние што извршиле воени злосторства во Вуковар.

Сепак, судски постапки се во тек пред хрватските судови, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг и пред Вишиот суд во Белград.  Што се однесува до судењата во Хрватска, најголемиот проблем е што обвинетите се недостапни за хрватското судство, затоа што не живеат во земјата, така што на многумина им се суди во отсуство.

Кога станува збор за воените злосторства против хрватските Срби, Врховниот суд на Хрватска, ослободи двајца поранешни хрватски полицајци, Фране Дрљо и Божо Краина, од обвинението дека извршиле масакр над шест постари српски цивили, за време на „антитерористичка операција“, во хрватското село Грубори.

Иако судијата во Окружниот суд во Загреб, Здравко Мајеровиќ, рече дека е „непобитно оти биле убиени шест постари луѓе и дека овие убиства биле извршени од страна на членови на антитерористичката единица Лучко“, судиите одлучиле дека нема докази оти обвинетите се виновни.

Во својот билтен, објавен во октомври 2018 година, Српскиот народен совет соопшти дека многу злосторства против Србите, извршени за време на војната 1991-1995, не завршиле на суд или, ако завршиле, не резултирале со осуди.

Меѓу нив е и десет години долгиот судски процес против хрватскиот политичар и воен генерал, Бранимир Главаш, на кого повеќе пати му се судеше за злосторства извршени над српски цивили, во Осиек, во 1991 година.

Случајот Главаш би можел дополнително да биде пролонгиран, бидејќи судијата, Тања Павелин, неодамна беше назначена за судија на новоформираниот Висок кривичен суд на Хрватска, кој започнува со работа во јануари. Ова значи дека судењето на Главаш можеби ќе мора да започне од почеток, иако е можно сведоците да не мора повторно да сведочат.

Во меѓувреме, Хрватска сè уште трага и спроведува истраги на терен, со цел пронаоѓање на луѓето исчезнати во војната во 1990-тите години.

Според Министерството на бранители, сè уште се трага по 1.872 исчезнати лица.